5 ноември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Докторски дуел за претседател

  • Али Ахмети ќе беше претседателски кандидат ако изборот ќе се вршеше во Собранието и ако е сигурен дека ќе победи
  • На овие претседателски избори ќе се соочуваат двајца доктори, Бујар Османи и Арбен Таравари, а Ахмети ќе истрча како предводник на листата на кандидати за пратеници во шестата изборна единица
  • За нив лично и за партиите кои ги подржуваат би бил катастрофален секој резултат под 86 илјади гласови колку што освои Блерим Река на минатите избори

Пишува: Сефер Тахири

Ден по класичната дезинформација дека Али Ахмети може да биде претседателски кандидат на ДУИ, што не го негираше ни самиот тој во изјава за еден косовски медиум (демек партијата ќе одлучувала за сите опции кои беа во игра), на 16 февруари во Аргумент плус на ТВ 24 ме покани колегата Младен Чадиковски. Во тој разговор реков:

ДУИ имаше добар ефективен спин контра кандидатурата на докторот Арбен Таравари за претседател на државата. Господинот Али Ахмети ќе беше претседателски кандидат ако изборот се вршеше во Собранието со широк политички консензус и ако беше сигурен дека ќе победи.“

Ова, наспроти тоа што Таравари изрази предизвикувачка желба да има изборен дуел со Ахмети. Но првиот човек на ДУИ самиот метафорично изјави дека тој игра во суперлига, а Таравари во локална. Груби, одговорниот за пиарот на ДУИ рече дека „Ахмети е мисионер, не е функционер.“

На овие претседателски избори ќе се соочуваат двајца доктори, министерот за надворешни работи Бујар Османи и Арбен Таравари, а Ахмети ќе истрча како предводник на листата на кандидати за пратеници во шестата изборна единица.

Сигурно дека во текот на изборната кампања ќе се изнаслушаме уште многу спинови и дезинформации, но и пропагандни техники од типот „Ахмети доаѓа со големата вест,“ кои имаат за цел да манипулираат со јавноста. На социјалните мрежи имаше шеги од типот „Османи е големата вест, играта е завршена.“

Во албанскиот дуел за претседател на земјата натпреварот е меѓу двајца поранешни министри за здравство, иако Османи на таа позиција беше многу подолго од Таравари, кој беше само неколку месеци.

Таравари и Османи се искусни политичари со богата кариера. Османи на централно, а Таравари на локално ниво, а фактот дека се познати лекари ги мотивира да се надеваат и на гласовите на неопределените гласачи, но и од други партии. Асиметричното изборно одлучување не е непозната појава и за нас.

Двајцата истакнуваат дека ако ВМРО-ДПМНЕ ги добива изборите, а не ги изгласа уставните измени, нема да прифатат да бидат дел од новата владина коалиција. „Да за ЕУ, не за Русија“ е заедничкиот именител на двајцата кандидати.

Бараат претседателот (ДУИ бара и потпретседател) во иднина да се избира со 2/3 третини и со Бадентеровиот принцип во Собранието, што е позитивен предлог, кој би нè поштедил од (уште) едно изборно малтретирање. Опозициската коалиција смета дека Ахмети ги предложи идеите на Таравари (во среда доцна свика на вонреден прес), а ДУИ смета дека градоначалникот на Гостивар го читаше предлогот на ДУИ или говорот на Ахмети.

Иако двајцата велат дека време е за претседател Албанец, свесни се дека до тоа тешко ќе дојде.

Османи се надева на добар резултат, што ќе обезбеди изборната струја на парламентарните избори во психолошка смисла да превагне кон ДУИ. На истото се надева и Таравари, а евентуалниот подобар резултат од противкандидатот Османи ќе му донесе прекрасен резултат на коалицијата ВРЕДИ на парламентарните избори.

Таравари се надева да биде балканскиот Барак Обама, како што се обиде и Имер Селмани во 2009 година, иако имаше несреќна и недоволно внимателна изјава дека поранешниот американски претседател е „човек со црна боја на кожата (!).“

Двајцата, се надеваат на 100 илјади гласови, иако тоа не го соопштуваат јавно, а за нив лично и за партиите/коалициите кои ги подржуваат катастрофален би бил секој резултат под 86 илјади гласови колку што освои Блерим Река, кандидат на Алијанса на Албанците и на БЕСА на минатите претседателски избори.

Таравари, заедно со многу истомисленици, се одвои од својата партија, Алијанса за Албанците. На почеток на кампањата неговиот поранешен пријател и соборец, Зијадин Села го „дочека на нож.“ Во една косовска телевизија рече „Арбен Таравари дома зборува друг јазик од албанскиот“ алудирајќи на турскиот. Имено во многу градови, албанските семејства познати како „касабалиски“, во домашна употреба го имале турскиот јазик.

Историјата докажува дека и мајката на основоположникот на Албанија како држава, Исмаил Ќемали, зборувала на турски јазик.

Што му требаше овој низок удар на Села и зошто тој самиот поставил генерален секретар, а потоа и претседател на партијата која се нарекува Алијанса за Албанците човек кој дома зборува турски јазик? Зошто молчел девет години или, пак, ако не им се разминуваа патиштата, дали ќе објавеше ваква „спектакуларна вест„?

За Села имав повисоко мислење и се надевав дека никогаш нема да дозволи да падне на нивото на неговиот поранешен лидер, Мендух Тачи.

Но и покрај тоа, неговата жртва за демократијата на оваа земја нема да го заборавам никогаш.

Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор. 

Извор: ЦИВИЛ Медиа

Related posts

На Полска повторно и се заканува тиранин. Овој пат Европа не смее да го тргне погледот

admin

Тринаесетиот преимер

admin

Белград го блокира пристапот во ЕУ за Западен Балкан

admin

Бродот што тоне

admin

ПАРАЛЕЛНИ СВЕТОВИ, ФАТАЛНАТА БЕЗДНА НА ПУСТОША

admin

Ако мораш да клоцнеш куче, гледај да е мало

admin