3 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски ветува економски развој, за СДСМ владината програма е манипулативна

Во 11 часот започна собраниската седница за изборот на нова влада. Мандатарот Христијан Мицкоски во експозето најави нови инвестиции и проекти за економско зајакнување на Северна Македонија, додека за СДСМ програмата на новата влада е далеку од ветувањата што ВМРО-ДПМНЕ ги дало во предизборието.

„Оваа генерација нема опција за неуспех и ќе мора заедно да направиме големи чекори напред. Најавувам фуриозен почеток на проекти“, рече мандатарот Христијан Мицкоски собраниската седница за избор на новата влада, образложувајќи ја предлог програмата.

Во излагањето на експозето, Мицкоски најави намалени даноци и зголемени пензии, влада на економски развој, раст од пет отсто на БДП и годишна инфлација од 2 – 2,5 отсто годишна инфлација. Од собраниската говорница, Мицкоски вети и намалување на невработеноста на 7% и зголемување на платите.

Се уште неседнат во премиерската фотелја, мандатарот Мицкоски најави за вторник на 25 јуни промоција на инвестиција од 400 милиони евра.

„Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните. Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за се јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеке од 400 милиони евра“, рече Мицкоски.

Мандатарот Мицкоски најави проекти и во други сфери – завршување на децентрализацијата, посебен фонд за врвна наука, реновирања на училишта и зголемување на плати, како и инвестиции во здравството и нови болници. Во експозето напомена и поголема заштита на културното наследство, промоција на здрав начин на живот преку Министерство за спорт.

Во излагањето, Мицкоски во говорот пред пратениците се осврна и на градењето на добри односи со соседите како и усогласување на националните политики со европските стандарди.

„Продолжуваме со партнерите од ЕУ и ќе ја усогласуваме надворешната политика. Продолжува поддршката за Украина да го одбрани националниот интегритет и суверенитет“, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на предложените кандидати за министри, за кои рече дека ќе „бидат предмет на ревизија и евалуација“.

„Потфрлање нема да толерирам. Ова важи за сите функционери кои ќе бидат именувани. Вашата одговорност не е пред вашите партиски штабови туку пред граѓаните, да го штитите Уставот и законите. Немаме време, треба брзи резултати, мерки чекори и проекти. Идните генерации ќе бидете горди на овој период“, посочи Мицкоски.

На идната опозиција јавно и подаде рака, ветувајќи дека разговара со нејзе за сите важни прашања.

„Ќе се однесувам со должна почит кон вас, да не очекувате политички хајки, но ќе има одговорност за секој криминал“, им порача Мицкоски.

Прв кој се јави за збор по обраќањето на Мицкоски беше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.

Спасовски смета дека во владината програма „не може до крај да се види дека тоа што го ветила и ќе го реализира“.

„Факт е дека многу од ветувањата кои беа дадени пред граѓаните, прашањата кои беа отворени и на манипулативен начин успеавте да ја добиете поддршката од граѓаните ги нема во програмата за работа на владата. Првиот основен приоритет – процесот за членство во ЕУ е сосема различен концепт од времето кое го застапувавте како опозиција и во предизборието, а тоа се однесува на почитувањето на Преспанскиот догвор, Договорот со Бугарија и Преговарачката рамка. Очекував дека ќе имаме поконкретни чекори за овие прашања. Од програмата на владата можам да видам дека нема конкретни чекори, освен декларации“, изјави Спасовски.

Отворени прашања за реорганизацијата на Владата

Во однос на проектите од владината програма, Спасовски посочи дека за нив нема конкретни рокови и финансиска конструкција, односно на кој начин ќе се дојде до нивна реализација.

„Не зборувате за задолжувањето од една милијарда. Многу прашања се заговараат во програмата како големи идни достигнувања, а се нешта што постојат и функционираат. Сите работи во програмата на клучните сегменти – образование, здравството, кои се сериозен интерес на граѓаните, сметам дека треба подетално да биде презентирано, а не само со декларации дека ќе се направат вистински реформи. Сето она што е доставено како предлог е нешто што е далеку од ветувањата и очекувањата кои им ги дадовте на граѓаните предизборите“, рече Спасовски.

Во текот на денешната седница за избор на нова влада, збор зедоа повеќе пратеници.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска истакна дека СДСМ е делитимирана на изборите, но, би сакала да види „силна опозиција, а не која ќе молчи“.

„Заврши времето на луксузирања со народни пари, факлсификувани лични документи, измислувавте афери, заврши времето на политички прогон, ништо не исполнивте. Заглавивте 600.000 граѓани со пасоши и треба да имате одговорност“, му порача Пешевска на Спасовски.

За пратеникот од ЗНАМ, Даниел Стојчевски, чие движење ќе биде дел од новата влада, Спасовски за осум години владеење го узурирал МВР и ќе го напушти како најнеславен министер во овој ресор.

Според пратеникот од Левица, Димитар Апасиев, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт имаат најголема и најгломазна влада, за која како што рече е афрички стандард, а не европски.

„Кадровски и програмски вие сте плагијатори, а не реформатори. Има 10 добри работи и тие се препирашни од програмата на Левица“, рече Апасиев.

Дводневна дебата

Според собранискиот Деловник, предвидено е седницата да трае најмногу два дена, односно треба да заврши најдоцна до утре на полноќ. Владата ќе биде избрана доколку за неа гласаат мнозинството од вкупниот број на пратеници.

Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата Влада во законодавниот дом брои 78 пратеници – 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 пратеници од коалицијата Вреди и шест од Движењето ЗНАМ.

Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.

Во неа ќе има пет вицепремиери и само три жени министерки.

Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Во владиниот кабинет, 15 членови ќе бидат од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Извор: Радио Слободна Европа 

Related posts

ЕУ ќе препорачува отворање на преговори со Босна и Херцеговина

admin

СО БЛОК ТАРИФИ ПРОТИВ „ИТАРПЕЈОВЦИТЕ“ МЕЃУ ГОЛЕМИТЕ ПОТРОШУВАЧИ НА СТРУЈА

ninja

Зголемени активности на македонските безбедносни служби по судирот меѓу Израел и Хамас

admin

Протести против “шок терапијата” на Милеи

admin

Врските на српските парии со крајната десница во Австрија

admin

ПОД ИСТРАГА ДВА МИЛИОНСКИ ТЕНДЕРИ НА „СЕРТА“ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ВЛАДИНИ ИНСТИТУЦИИ

ninja