22.8 C
Скопје
16 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Мицкоски влегува во Илинденска број 2, вети макотрпна работа

Премиерот најави подигнување на стандардите уште во првите 100 дена и секој ден борба за подобро на граѓаните.

 

Со примопредавање на функцијата помеѓу претседател на техничката Влада, Талат Џафери, и новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски, денеска почнува првиот работен ден на новиот премиер на Илинденска број 2. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е 13-иот премиер кој ја предводи 20-тата влада од независноста на државата.

Владата на Мицкоски пред полноќ беше избрана со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“. Против гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а пратениците на Европскиот фронт претходно ја напуштија седницата, незадоволни што била скратена листата на пријавени за дискусија заради преголем број реплики.

Пред гласањето, Мицкоски изрази лични дилеми дали да се осврнува на нападите од опозицијата, бидејќи ги смета за депласирани, далеку од реалните проблеми на граѓаните, непродуктивни и исцрпувачки за јавноста.

„Нападите кои ги слушам генерално се сведуваат на две тези. Првата е Преспанскиот договор и вратете го името. Втората е францускиот предлог и преговарачката рамка. Нема да зборувам дека поради изнесени лаги и невистини СДСМ како политичка партија е два пати осудена. Но вие не ја научивте лекцијата од граѓаните. Кој сум јас да ви делам совети, но еве ќе си дозволам да ви дадам два. Првиот е дека со овие лаги и конструкции нема да повратите довербата кај граѓаните. Јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ во политичка пензија испратив еден ваш поранешен претседател, вториот е се уште политички активен, претпоставувам по локалните избори ќе треба да бираат и четврти. Изборите ги изгубивте затоа што ви играа фудбалчиња, затоа што ви се случија Ласкарци, Беса транс, модуларната болница кога луѓе живи гореа а виновен беше кабелот, затоа што голобради момчиња по некоја случајност роднински поврзани со лидери на ваши коалициони партнери купуваа трговски центри во центарот на Скопје “, рече Мицкоски.

Се осврна на обвинувањата за Преспанскиот договор и уставните измени.

„Под ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени. Треба тоа да ви е јасно. Направивте грешка. Таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија (…) Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи. И да, ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата, затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да, сѐ додека сум жив политички и како човек, ќе правам сѐ што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам“, рече Мицкоски, кој во свечената изјава Мицкоски земјата ја нарече со уставното име Република Северна Македонија.

Интеграцијата во фокусот

Веста дека е избрана новата македонска влада ја објавија сите регионални медиуми. Во српските внимание е посветено на фактот дека еден од вицепремиерите ќе биде Србин, во бугарските главната вест е изјавата на Мицкоски дека нема да има измени под бугарски диктат. Во останатите медиуми во регионот се става фокус на бавното темпо на интеграција на земјата наспроти фактот дека таа е кандидатка за ЕУ од 2005 година, како и потсетување на бугарската блокада и новите услови за земјата, дури и после промената на името.

Од тој аспект полни раце работа ќе има новиот министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски. Уште на првиот ден од мандатот тој патува за Луксембург, каде ќе учествува на Состанок меѓу министрите за надворешни работи на Европската Унија и земјите од Западен Балкан. Состанокот се одржува во рамки на Советот за надворешни работи на ЕУ, а на него ќе стане збор за евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, како и модалитетите за зајакнување на соработката и присуството на ЕУ во тој регион. Муцунски од Луксембург ќе продолжи во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и со високи претставници на Европската унија.

Од Европскиот фронт кој синоќа не учествуваше во гласањето, меѓу другото реагираа на програмата на владата токму за сегментот на интеграциите.

„Нормално дека во програмата не можеш да го најдеш тоа што е најмногу важно за Северна Македонија – европските интеграции. Нема никаков рок кога ќе се случат уставните измени. Се споменува ЕУ, а патот преку кој ние треба да бидеме членка на Европската Унија се уставните измени. И тоа не е веќе билатерален спор со Бугарија туку тоа е спор со Европската Унија. Играат дневна политика. Комбинираат лаги пред граѓаните, само за да опстојат во политиката за кои цели само тие си знаат, а не за доброто на граѓаните“, критикуваше Зијадин Села од Европскиот фронт.

Тој рече дека новото мнозинство е без легитимитет кај албанските гласачи и другите етнички заедници во земјата. Изрази незадоволство што тоа мнозинство почнало со обид да спречи слободен говор и изразување на пратеници. Иако било договорено да се заврши со целата листа на сите што се јавиле за збор, во последен момент се интервенирало со 43 реплики на говорот на еден пратеник.

„Ако вака мислат дека ќе оневозможат мене лични или друг пратеник на Европскиот фронт да ја кажат вистината, нема да успеат. Само ќе ни дадат повеќе енергија да бидеме уште погласни. Легитимитетот кој ние го добивме од граѓаните ние ќе си го браниме“, рече Села, нагласувајќи дека легитимитетот не е само нумерички, туку и програмски.

Упати жестоки критики за програмата на владата со забелешка дека со неа сакаат да покажат супремација над сите други етнички заедници, и дека во неа нема ни еден збор што е преземен од програмата и платформата на колацијата Вреди.

Пет вицепремиери, 20 ресори

Новата влада има 20 министерства, а премиерот Мицкоски ќе има пет заменици. Во владиниот кабинет 15 министри се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ. Заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање е Изет Меџити, заменик претседател и министер за транспорт Александар Николоски, вицепремиер и министер за политички систем Љупчо Димовски, вицепремиер задолжен за односи со заедниците Иван Стоиљковиќ и вицепремиер задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи.

Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, за правда, Игор Филков, за јавна администрација Горан Минчев, а за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министерка во новиот ресор за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за образование и наука Весна Јаневска, за здравство Арбен Таравари, за европски прашања Орхан Муртезани, за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, за економија Бесар Дурмиши, за локална самоуправа Златко Перински, за култура и туризам Зоран Љутков, за спорт Борко Ристовски, и Шабан Салиу министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Мицкоски вети макотрпна работа, намалување на даноците, зголемување на пензиите, над 200 милиони евра за општински проекти, 1 милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции, бесплатни учебници, фронт против корупцијата, борба за раст до 5 проценти на македонската економија, почеток на капитални инфраструктурни проекти и други проекти. /DW

Related posts

БУГАРСКИОТ АМБАСАДОР АНГЕЛОВ СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ

ninja

Русија забележува пад на поддршката на САД за Украина

admin

Зошто паѓа наплатата на ДДВ во време на раст на цените? Беџети: Такви осцилации се можни

admin

Димитриевски против протоколот на Курти: За каков соживот се боревме?

admin

Шолц: Германија е соочена со „невидени проблеми“

admin

ПОВЕЌЕ РАБОТА, А ПОМАЛКУ ЖАЛЕЊЕ, ПОРАЧА ШЕКЕРИНСКА ПРЕД УТРЕШНИОТ САМИТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ТИРАНА

ninja