16.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ќе се намести ли Рубиковата коцка за РСМ?

Кредибилната политика на проширување е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста и просперитетот на Европа, порачува Унгарија, која од први јули ќе претседава со Советот на ЕУ.

 

Конзистентно и на заслуги засновано проширување на ЕУ, е еден од седумте клучни приоритети на Унгарија, која од први јули ќе го преземе ротирачкото претседателство со Советот на Европската Унија. Неколку дена пред крајот на актуелното белгиско претседателство, унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока на прес-конференција ги презентираше клучните приоритети на Унгарија во следните шест месеци: нов европски договор за конкурентност; зајакнување на европската одбранбена политика; конзистентна и на заслуги заснована политика на проширување; спречување на илегалната миграција; иднината на кохезионата политика; земјоделска политика ориентирана кон земјоделците и демографски прeдизвици.

На платформата X тој ja објави програмата на унгарското претседателство, како и слоганот „Да ја направиме Европа повторно голема“ (Make Europe Great Again), кој е копија на слоганот на Доналд Трамп „Да ја направиме Америка повторно голема“. За лого е избрана Рубиковата коцка, изум на унгарскиот архитект и професор Ерно Рубик во 1974 година, со што годинава се одбележуваат и 50 години од раѓањето на најпродаваната „магична“ коцка во светот.

Според Бока сите главни теми ќе се толкуваат преку рамката на обврската на ЕУ да ја гарантира безбедноста и мирот во Европа.

„Сакаме да најдеме реални решенија за реалните проблеми на Европа“, најави Бока.

Проширувањето како инвестиција

„Проширувањето е една од најуспешните политики на Европската унија, а за да се зачува оваа поволна тенденција, од суштинско значење е политиката на проширување да се одржува заснована на заслуги, избалансираност и веродостојност“, се наведува во програмата на унгарското претседателство.

Со потсетување дека ЕУ долго време се занимава со обезбедување европска перспектива за Западен Балкан, ставот е дека Унијата не може да биде целосна без пристапувањето на тој регион. Во програмата се нагласува и дека интеграцијата на регионот е од корист на ЕУ во економска, безбедносна и геополитичка смисла. Унгарското претседателство најавува дека ќе го унапреди процесот за проширување во согласност со ревидираната методологија, заснована на извештаите на ЕК, следејќи го пристапот заснован на заслуги, а притоа земајќи го предвид и капацитетот на Унијата да апсорбира нови членки.

„Претседателството ќе се стреми да постигне значаен напредок со земјите кандидати и потенцијалните кандидати. Кредибилна политика на проширување е геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа. Посебен акцент треба да се стави на редовниот политички дијалог со земјите партнери и на нивната поддршка во исполнувањето на критериумите од Копенхаген“, се вели во програмата.

Праведен пристап во ЕУ врз основа на копенхашките критериуми, очекува и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која вчера имала средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клајн.

„Претседателката се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка од Унгарија како гласен поддржувач на македонската европската интеграција, што претставува наш стратешки и национален интерес и ги поздрави приоритетите на унгарското претседавање со ЕУ и најавите во однос на политиката на проширувањето. Во таа насока, беа разменети информации околу текот на македонските евроинтеграции, при што претседателката го истакна очекувањето дека процесот на пристапување во ЕУ ќе биде евалуиран праведно, врз основа на Копенхагенските критериуми“, се вели во соопштението.

Софија бара исполнување на обврските

Дали ќе се остварат очекувањата на Бока пренесени во дел од европските медиуми – да се одржат меѓувладините конференции за Северна Македонија и Албанија, Србија да отвори нов кластер, а Црна Гора да затвори колку што е можно повеќе, засега е сосема неизвесно. Пред РСМ стои условот земјата да се спроведе уставни измени, а бугарскиот заменик-минстер за надворешни работи, Иван Кондов, пред неколку дена испрати порака дека Софија „ќе продолжи категорично да инсистира на неопходноста Скопје да ги исполни преземените обрски, меѓу кои клучно место има прашањето за гарантирање на правата на Бугарите“.

Бугарскиот претседател Румен Радев, кој на крајот од мај се сретна во Будимпешта со неговиот унгарски колега Тамаш Суљок, посебно се осврна кон европската перспектива на Западен Балкан.

„И двете страни сметаат, дека за да може процесот на проширување да биде одржлив, тој треба да е базиран на известување за сопствените заслуги на секоја држава, како и на исполнување на јасни критериуми и европски принципи. Румен Радев изрази загриженост од неодамнешните изјави на некои водечки политичари кои победија на изборите во Република Северна Македонија, кои се спротивни на заедничкиот европски консензус постигнат во јули 2022 година за почеток на преговорите за членство на земјата. Унгарскиот претседател Суљок во пленарните разговори изјави дека за време на претстојното унгарско претседавање со Советот на ЕУ ќе настојуваат за почитување на досега преземените обврски од страна на потенцијалните земји-кандидати на европскиот пат по кој тргнале“, беше наведно во соопштението од кабинетот на Радев.

И на средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Радев порачал дека проширувањето на ЕУ треба да се заснова на јасни принципи и критериуми, чиј главен аспект е добрососедството и почитувањето на основните човекови права. /DW

Related posts

ЃУКАНОВИЌ: ГО ПОДДРЖУВАМЕ ЕВРОПСКИОТ ПАТ НА КОСОВО

ninja

Опаѓа поддршката на граѓаните за членство во ЕУ, а само 24 отсто од нив ги поддржуваат уставните измени

admin

Кабинет на Ковачевски: За осуда е неинтонирањето на македонската химна и истакнување недржавни знамиња

admin

Партиите лицитираат со плати, работниците сакаат достоинство

admin

Ахмети против Курти: Се меша во нашите внатрешни работи

admin

Владината коалиција конструктивна, ама партнерите се караат

admin