39.8 C
Скопје
16 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Венко Филипче е нов претседател на СДСМ, вети реорганизација и заедништво

Венко Филипче, поранешен министер за здравство и актуелен пратеник е нов претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), кој победи на внатрепартиските избори со 9.052 гласови пред второрангираниот Јован Деспотовски со 2.705 гласови, од 95 отсто обработени гласови од 77 избирачки места.

Избирачкиот список броеше вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ. Излезноста е 54 отсто, објави претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Викторија Аврамовска Мадиќ.

Аврамовска Мадиќ, а и Филипче во обраќањето, го оценија процесот како демократски и успешен.

Деспотовски реагираше зошто претседател е прогласен пред да истече рокот од 24 часа за приговори. Тој рече дека „не може да се зборува за избран претседател на партија кога 10.000 луѓе останале надвор , а има избран претседател со 9.000 гласови“.

Третиот кандидат, Александар Бајдевски, поранешен заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација,освои 905 гласови, а 190 гласови имаше и поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска кој ден пред изборите се откажа од трката, но нејзиното име стоеше на ливчето.

Филипче вети дека ќе ја врати довербата кај граѓаните и кај членството и дека СДСМ ќе биде силна опозиција и коректив во општеството.

„Вечерва во СДСМ победи професионализамот, емпатијата, грижата за луѓето како основни вредности по кои ќе работи и функционира СДСМ. Моја цел е да ги вбризгам во СДСМ принципите кои ги негувам во мојот личен и професионален живот. Принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација со оние кои ќе ја обликуваат СДСМ под моето раководство. Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа. Нема време за славење. Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува“, рече Филипче во обраќањето по изборите.

Тој најави вистински, темелни промени во СДСМ.

„Сакам ова заедништво вечерва да не краси и во годините пред нас. Сега е време да ги оставиме личните интереси, да се залагаме и да носиме одлуки за општо добро. Како претсеадател, ветувам дека нема да делам, туку ќе обединувам. Ветувам дека ќе водам со пример и тоа ќе го барам од секој. Ветувам дека СДСМ ќе биде отворена, модерна партија“, рече Филипче.

Деспотовски рече дека додека не се одговори на две прашања, не мисли дека треба да се зборува за завршени избори во СДСМ.

„Првото е зошто на тие 10.000 луѓе не им беше дозволено да гласаат, а беа регистрирани? Второто прашање е што се случи со оние луѓе кои денеска ги вративме од гласање? За резултатот немам коментар. Не може да зборуваме за избран претседател со 9.000 гласови, а на 10.000 не сме им дале право на глас. Се радувам за Венко, кој ми е другар, но не се радувам за СДСМ. Зградата е празна денеска и тоа не е во ред, тоа треба многу да каже за сите нас“, рече Деспотовски.

Бајдески му ја честита победата на Филипче. И тој имаше забелешки за малата излезност.

„Од утре ќе треба да се занимаваме со тоа што ни е работа, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ и Владата што ја формираше. Тоа што сметам е дека можеби требаше да се одржи Конгресот кој не се одржа, каде ќе се утврдеа причините за поразот од 8 мај и требаше да се затворат одредени работи околу изборите, околу списоците за нашето членство. Сметам дека и тоа придонесе за овој мал одзив на овие избори“, рече Бајдевски.

За пристигнатите приговори за текот на изборниот ден, Аврамовска Мадиќ претходно рече дека немаат никакво влијание на целиот процес.

Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).

Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би ја водел партијата во следните четири години. /Радио Слободна Европа

 

 

Related posts

СКОПЈЕ И СОФИЈА СО ЗАЕДНИЧКИ ПЛАН ЗА 4 ФЕВРУАРИ

ninja

Максимум штедење за минимум живеачка

admin

ДУИ се жали дека им се крадат пратенички места

admin

Како ќе се определи Алијанса – за промени или како досега?

admin

Лога: Уставните измени ќе поминат пред нова година

admin

Штрајкот на контролорите на летање во мирување до конечни оставки на директорите

admin