Претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши е во Вашингтон на Парламентарното собрание на НАТО по повод 75- годишнината од основањето на НАТО. Учествуваат сите претседатели на Парламенти од земјите-членки на НАТО. Гаши присуствуваше на прием организиран од спикерот на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон.
Наша обврска и предизвик е да ги оствариме уставните измени, порача спикерот Африм Гаши
Во ексклузивно интервју за Гласот на Америка на македонски, говори за соработката на Северна Македонија во рамките на НАТО, нејзиниот придонес и идните предизвици на Алијансата, но и за евроинтеграцијата и уставните промени пред кои е исправена Северна Македонија.
Глас на Америка: Се одбележува 75 годишнината од НАТО во Вашингтон. Како ја оценувате досегашната соработка и учество на Северна Македонија во Алијансата? Каде е фокусот на Парламентарниот Самит? Колку е важен НАТО за Македонија во актуелните, нови геополитички односи со војната во Украина?
Гаши: Мислам дека релациите меѓу Северна Македонија и НАТО се одлични. Веќе четврта година сме полноправна членка на НАТО. Релации на нашата држава со НАТО се на највисоко можно ниво. Што се однесува до 75 години од формирањето на НАТО, денеска заврши Парламентарното собрание на НАТО. Фокусот беше на Украина, на предизвиците на времето за Алијансата, како на пример, Кина, која претставува ризик по безбедносна на глобалните односи. Зборувавме за инвестициите и за одвојувањето на најмалку два отсто од буџетот за одбраната, за да може НАТО да остане стабилен, силен, и да му пркоси на времето.
Глас на Америка: Г-не Гаши, Вие сте во посета на Вашингтон, што слушнавте од САД – стратешкиот сојузник на Северна Македонија во делот на спроведувањето на Преспанскиот договор, како и потребата за динамизирање на евро-пристапниот процес преку усвојување на уставните измени – нешто што е во надлежност на институцијата, со која, Вие раководите?
Гаши: Тоа се пораки коишто одамна ги слушаме. Нема некоја промена на ставот на нашите партнери. САД остануваат наш силен стратешки партнер. Ние како нова влада ќе сакаме тоа партнерство уште повеќе да го продлабочиме. Нормално, наша обврска и наш предизвик е да ги оствариме тие уставни измени, но нормално кога ќе дојде време. И, тоа под услови под кој ќе се загарантира идентитетот, културниот, етничкиот и јазичен идентитет на Македонците првенствено, но и на сите граѓани на државата.
Глас на Америка: Вашиот коалициски партнер, актуелен премиер, како да се обидува да протне модификувана „двојната формула“ – уставното име во странство, а само Македонија за дома. Претседателката Сиљановска – Давкова пак, воопшто не го ни изговара уставното име. Како, Вие, гледате на тоа и може ли ваквото однесување да доведе до нови блокади во евроинтеграциите, кои се клучен елемент во програмата на коалицијата „Вреди“?
Гаши: Мислам дека нашите ставови се јасни. Свечената изјава при изборот на новата влада од тогашниот мандатар, а сега веќе премиерот, беше јасна. Тој го изговори уставното име на нашата држава и со тоа е апсолвирано тоа прашање. Во колоквијален пристап или говор останува лично на секој човек како ќе го изговори. Мислам дека за премиерот, владата, министрите, во Собрание, тоа прашање е апсолвирано. Мислам дека и нашите пријатели, Грција и пријателите од НАТО и од ЕУ, знаат дека нашата заложба за членство во ЕУ е силна и ќе направиме се што е можно побргу да се зачлениме во Унијата.
Глас на Америка: Дали ќе притиснете за уставни измени, и што, ако тие не се случат? Ќе ја напуштите ли коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ?
Гаши: Не ја разбирам политиката како условување и начин на поставување на такви услови. Политиката е умешност на можното. Треба да се разговара што е можно, во какви рамки, дали е тоа во интерес на граѓаните. Треба да се водиме од интерес на граѓаните, од интересот на државата и во рамки на тие принципи и критериуми да се однесуваме сите заедно.
Глас на Америка: Дали ќе притиснете за уставни измени, и што, ако тие не се случат? Ќе ја напуштите ли коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ?
Гаши: Не ја разбирам политиката како условување и начин на поставување на такви услови. Политиката е умешност на можното. Треба да се разговара што е можно, во какви рамки, дали е тоа во интерес на граѓаните. Треба да се водиме од интерес на граѓаните, од интересот на државата и во рамки на тие принципи и критериуми да се однесуваме сите заедно.