33.8 C
Скопје
16 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

Попис за отпис на резултатите: Македонците со декларација

Тирана заради поддршка од Софија на европскиот пат мижи пред критиките на Македонците за резултатите од пописот. Од Грција порачуваат – предуслов за европскиот курс е точноста на податоците

За Грција резултатите од пописот во Албанија се нов трн во односите со Тирана, на пописните податоци реагираат партии на Бошњаците од Косово, незадоволството расте кај Македонците во Албанија. Од местата доминантно населени со етнички Македонци, разочарувањето доаѓа од фактот што во време кога РСМ имала шеф на дипломатијата етнички Албанец, кој се фалел со претседавањето со ОБСЕ, со големи успеси, и покрај одличните односи со Албанија, се стигнало до „успех“  Македонците во Албанија  да бидат попишани како „северномакедонци”, притоа со бројка далеку помала од реалната.

„Кога зборувавме за бугарските притисоци, Османи порачуваше дека македонските институции ќе останат во интензивна комуникација со Македонците и со институциите во Албанија за сите прашања коишто нѐ засегаат“, потсетуваат од македонската заедница, посочувајќи како завршил „резултатот од интензивната комуникација”.

Бројот на попишани Бугари во Албанија изнесува 7.957, а на Македонци е 2.281.  Пред спроведувањето на минатогодишниот попис Македонците реагираа дека  се прават притисоци врз Македонците да се попишат како Бугари –  од  пазарџиско ветување пасоши,  бројни донации во школска опрема и компјутери, до уцени дека мора да се пишат Бугари тие што сакаат да добијат државјанство со кое ќе можат да работат слободно во ЕУ, или нивните деца да добиваат стипендии за студирање во Бугарија, итн.

„Резервираност кон интегритетот на пописот“

Тие не се единствени што се жалат од пописните резултати. Загриженоста што веќе ја искажаа организациите на грчкото етничко малцинство во Албанија во однос на податоците од пописот, ја сподели и Атина, според она што вчера јавно го кажа министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, по средбата со неговиот австриски колега Александар Шаленберг. Тој се осврна на потребата од точност во процедурите како што е националниот попис, како еден од предусловите за европската перспектива на секоја земја.

Пустец, Албанија. фото: архива
Пустец, Албанија. фото: архиваФотографија: DW

„Секако, во овој контекст би сакал да ја изразам резервираноста на Министерството за надворешни работи во однос на интегритетот на пописот што е спроведен во Албанија. Првите резултати ги истакнуваат сериозните проблеми со пописниот процес, што фрла сомнеж врз самите резултати. Припадниците на грчкото национално малцинство веќе сведочеа и се повикаа на нив. Има проблеми со начинот на кој се спроведе овој попис. Предуслов за европскиот курс на секоја земја да ја почитува точноста на податоците. И бараме од сите земји да има строго почитување на овие правила”, рече Герапетритис.

За осум месеци повеќе од 20 посети

Грција како членка на ЕУ има можност да влијае на интегративниот пат на Албанија во ЕУ, исто како и Бугарија, чии претставници тоа „оружје“ го искористија уште пред пописот со интензивни активности во Албанија. Бугарската потпретседателка Илијана Јотова ја посети Албанија пред пописот и ја потврди бугарската поддршка за евроинтеграцијата на Албанија. Тешко е да се добројат, но Димитри Никола Пандовски, претседател на Друштвото за бугарско-албанско пријателство фалејќи ги бугарски власти пресметал дека благодарение на бугарската амбасада во Тирана само за 8 месеци во 2023 година биле организирани повеќе од 20 средби на Бугарите во Кукс со претставници на бугарската држава.

Посетите на политичарите редовно беа придружувани со донации од граѓански организации. Во регионот на Кукс здружението „Захари Стојанов” донирало компјутери за етнички Бугари во две училишта.

Фондацијата „Бугарско сеќавање“ обезбеди целосно опремување на кабинетите во обновената општинска зграда во Пустец – од бироа и конференциски маси до компјутери, собирајќи честитки за голем придонес за развој на општината во последните 5 години.

Току за овој случај македонското Друштво Преспа упати остри критики кон општинската управа на Пустец, чиј градоначалник во последниот и актуелниот мандат бил сервилен кон бугарската пропаганда и за бројните посети на бугарски претставници со материјална помош за општината Пустец, иако се знаел дека тоа Софија го прави само за да ги прикаже Македонците за Бугари во Албанија

Бугарската Фондација се истакна и во Врбник, село во источниот дел на Албанија кое било населено исклучиво со Македонци. Откако Фондацијата сигнализирала дека нема асфалтиран пат меѓу Врбник и Билишта, Бугарија издвоила буџет за таа намена, по линија на официјална помош за развој.

„Жителите во тој реон, поголем дел со бугарски етнички корени веќе може да патуваат спокојно до домовите и работните места. Го поздравуваме МНР за реализацијата на проектот“, се заблагодари Фондацијата.

Учете бугарски

„Ви го асфалтиравме патот, се грижиме за вас, носиме помош, Бугарија им помага на Бугарите во туѓина“, биле пораките при честите посети во населени места каде доминираат етнички Македонци.

Но, најголемото влијание се спроведува преку системот на образование од „мали нозе” до можностите што ги нуди Софија за поддршка на оние кои сакаат да студираат во Бугарија. Најстарото неделно бугарско училиште е во Корча и работи од 2015 година, а такви училишта имало и во Билишта и Поградец, каде на бугарски јазик се едуцирале околу 60 деца, со цел подоцна да го продолжат образованието во Бугарија.

Со поддршка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Велико Трново, од први до 25-ти јули годинава, четврта година по ред се одржува Летната школа за бугарски јазик на Универзитетот во Тирана. Домаќин е на Катедрата за словенски и балкански јазици на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана. Летната школа е поддржана во рамките на проектот за мобилност меѓу двата универзитета со програмата Еразмус+ на Европската комисија.

Друга програма на бугарската заедница предвидува 11 наставници да магистрираат бугарска филологија, со што за околу две години во Албанија ќе има 11 професори по бугарски јазик, за да се интензивира учењето на бугарскиот јазик кое во неделните училишта се одвива само во сабота и недела. Книги за Бугарите во Албанија, документарни филмови за нив и нивното „вековно присуство” во конкретни региони, се само дел од активностите на Софија. „Најновите Бугари“ е филмот на Државната агенција за Бугарите во странство во 2019 година, посветен на бугарската дијаспора во Албанија откако таа заедница беше официјално призната во 2017 година. Од јуни 2023 година нејзин претставник во Комитетот на националните малцинства е Милена Селими- писателка, преведувачка и новинарка, со корени од Бугарија.

„Немаме проблеми со Србите, Црногорците, Грците, по малку – со Македонците, затоа што секогаш има некој што нешто оспорува. На пример, по мојата посета на Големо Острени, објавив статија на Фејсбук и веднаш почнаа коментарите дека во ова село нема Бугари, туку Македонци. Но, треба да знаете дека албанскиот закон на секого му дава право на самоопределување. Ако мислиш дека си Бугарин, тоа е твоја волја. Ако си Албанец, ако си Грк, дали си Србин или нешто друго, треба сам да одлучиш“, рече таа за БНР пред пописот, со очекување тој да даде јасна бројка за Бугарите.

Со оглед на реакциите на грчката и македонската заедница, очигледно е дека волјата не била единствената што решава за изјаснувањето.  Но, Албанија смета на поддршка од Софија на патот кон ЕУ, особено во време кога заради „случајот Белери“ и пописот има незадоволство во официјална Атина. Поради тоа, според аналитичари, Тирана мижи пред критиките на Македонците, заради Софија. Македонското и други малцинства во Албанија најавија дека ќе излезат со заедничка декларација за непризнавање на резултатите од пописот во Албанија и официјално ќе побараат нов попис. /DW

Related posts

ДАЛИ НА ЗАПАДОТ МУ СНЕМА МУНИЦИЈА?

ninja

Зеленски предложи компромис: Украина е подготвена да прифати безбедносни гаранции, кои не вклучуваат членство во НАТО

ninja

Зголемени повици за формирање зона за забранети летови, и доставување борбени авиони за Киев

admin

Брегу: Почна намалувањето на цените за роаминг меѓу Европската yнија и Западен Балкан

admin

Османи во Мостар се фати за гитара

admin

Ескалира ситуацијата, Вучиќ нареди војската да се упати кон Косово

admin