НАТО доживува турбулентни времиња – и тоа не само поради војната во Украина. Владата во Берлин сака да се претстави како сигурен партнер на самитот на НАТО. Но, некои се сомневаат во улогата на Германија.
„Среќен роденден НАТО“, извика неодамна Петер Бејер во пленарната сала на Бундестагот за време на дебатата за самитот на Алијансата во Вашингтон. Според пратеникот на ЦДУ, парламентот потсетува на „75 години од најуспешниот одбранбен сојуз што овој свет некогаш го видел“. Тоа всушност може да биде причина за славење, но со оглед на ситуацијата во светот, во зградата на Рајхстагот на овој ден немаше опуштена атмосфера. Премногу сериозна е ситуацијата во Украина, која по повеќе од две години одбранбена војна, се заканува да се одолговлечи. А заканата е исто така преголема за НАТО – според мислењето на многумина во Берлин.
За министерката за надворешни работи Аналена Бербок, на пример, јасно е дека рускиот владетел не цели само кон Украина: „Неговите бомби се наменети и за нас“. Министерката Бербок учествува на самитот на НАТО заедно со канцеларот Олаф Шолц и министерот за одбрана Борис Писториус. Таму мора да им биде јасно на сите: „Путиновата Русија ќе остане најголема закана за нашата безбедност и слобода во Европа во догледна иднина“.
Бундестагот одобри проекти за вооружување вредни милијарди долари
Аргументација со која германската влада ја оправдува политиката на „пресвртница“. Суштинска компонента е програмата од 100 милијарди евра за Бундесверот. Комисијата за буџет на Бундестагот штотуку одобри проекти за вооружување вредни милијарди, од кои некои ќе се финансираат со пари од задолжување: нови главни борбени тенкови Леопард 2, модерни системи за противвоздушна одбрана Патриот и артилериска муниција.
Германија министерот за одбрана Борис Писториус. министерката за надворешни работи Аналена Бербок и канцеларот Олаф ШолцГерманија министерот за одбрана Борис Писториус. министерката за надворешни работи Аналена Бербок и канцеларот Олаф Шолц
Ја претставуваат Германија на самитот во Вашингтон: министрите за одбрана Борис Писториус (лево) и за надворешни работи Аналена Бербок (во средина) и канцеларот Олаф ШолцФотографија: ANNEGRET HILSE/REUTERS
Севкупно, Германија се очекува за одбрана да потроши два отсто од својот годинешен брутодомашен производ. Како што е договорено со партнерите од НАТО. Така треба да остане и во наредните години, како што постојано ветува канцеларот Олаф Шолц. Сепак, буџетот за одбрана следната година веројатно нема да се зголеми толку колку што би сакал ресорниот министер Борис Писториус. Според информациите, министерот од СПД влегол во преговорите со барање за зголемување од околу шест милијарди евра. Резултатот, сепак, беше значително помал раст, како што се покажа минатиот петок, кога лидерите на владината коалиција го претставија својот суштински договор за буџетот за 2025 година.
Натегање за буџетот за одбрана
Засега има уште неколку милијарди достапни од програмата за модернизација на Бундесверот. Но, средствата најверојатно ќе бидат потршени најдоцна до 2028 година. Владината коалиција затоа предлага редовниот буџет за одбрана да се зголеми на 80 милијарди евра. Целта од два процента така треба да се постигне дури и по истекот на „специјалниот фонд“ финансиран со задолжување. Критичарите, како што е пратеникот на ЦДУ, Инго Гедехенс, зборуваат за „политика на желби“.
Генерално, најголемата опозициска пратеничка група гледа недостаток во тоа што Шолц лета за Вашингтон без владина одлука за буџетот – поради отворените прашања што се поврзани со него.
Потпретседателот на пратеничката група на Унијата, Јохан Вадефул, исто така упатува на неодговорените прашања за уште една обврска во НАТО што Германија ја презеде. Бундесверот сака постепено да стационира бригада во Литванија за да ја заштити источната граница на НАТО. Со речиси 5.000 војници. Но, плановите се „незадоволителни“, вели Вадефул во интервју за јавниот сервис АРД .
Литванска бригада: Придружниот закон уште не е донесен
За стационирање на бригадата на Балтикот, потребни се нови касарни, како и станови и места во градинките за децата на војниците. Освен тоа се зборува и за посебни додатоци за стационираните војници, но многу нешта и натаму се неизвесни. Придружниот закон, кој германската влада всушност сакаше да го разработи до летово, има за цел да обезбеди јасност. Но, сѐ уште се чека на тоа. Маркус Фабер, новиот претседател на Комисијата за одбрана, вели дека има уште доволно време да се разјаснат отворените прашања. Пратеникот на ФДП неодамна беше во Литванија за да дознае за подготовките за распоредување и да разговара со предводницата на бригадата. „Во моментов има 20 членови на Бундесверот на локацијата, а не 5.000“. Според тоа, конкретните планови се повеќе „нешто за иднината“, дури и ако овие аспекти дефинитивно треба да се земат предвид сега, вели Фабер.
Фундаментална критика за НАТО од делови од опозицијата
За некои, сето ова и онака оди предалеку: испораката на оружје за Киев и помошта за земјите на НАТО на исток. Делови од опозицијата ова го гледаат како опасност. На пример, политичарот на АфД, Александер Гауланд во дебатата во Бундестагот за самитот на НАТО предупреди на Алијансата да не се гледа како „идеолошко копје во борбата против Русија“. И политичарката на БСВ, Севим Дагделен, го обвинува НАТО за „стратегија на ескалација“ во дебатата. Кристијан Молинг од Германскиот совет за надворешни односи дава поинаква оценка: Според експертот за безбедност, опасноста очигледно доаѓа од режимот на Путин. „Не ни останува бесконечно време“, изјави тој за германскиот јавен сервис АРД . Ако сериозно ги сфатите предупредувањата дека „можеби имаме уште пет години да се подготвиме за следната руска војна, тогаш целата работа буквално има рок до кој треба да завршиме“. Фактот дека Германија се очекува да ја достигне целта од издвојувања за одбрана од два процента од БДП оваа година, според Молинг, може да биде само почеток. Со оглед на геополитичките предизвици, тој ова го гледа како долна граница. Прашањата за тоа какви воени капацитети треба да имаат членките на Алијансата во иднина и колкави финансиски средства се неопходни за тоа имаат централна улога на самитот во Вашингтон. /DW