5.8 C
Скопје
12 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Многу бабици, неизвесни реформи

Кога сакате да го реформирате владеењето на правото, важно е и да не ги загрозите основните принципи како што е поделбата на власта, вели амбасадорот Гир.

ДУИ бара сепфатен ветинг, Вреди најавува уставен амандман со кој кривичните дела извршени од избрани и именувани лица нема да застаруваат. СДСМ потсетува на 40-те препораки од оценската мисија на ЕУ и се залага за реформи во правосудството кои ќе бидат поддржани и мониторирани од меѓународната заедница, а Владата потенцира дека не се откажува од идејата за распуштање на Судскиот совет и Советот на обвинители.

Како ќе се усогласат овие различни позиции, со цел да се тргне во очекуваните реформи што ќе ја вратат паднатата доверба во правосудството?

Амасадорот на ЕУ во заминување, Дејвид Гир, потсетува дека последниот Извештај од Европската комисијаза напредокот на РСМ забележува дека во некои од клучните области како што се судските реформи и борбата со корупцијата не е постигнат напредок, но смета дека не треба да се збришат одредени достигнувања и да се почнува од нула.

„Луѓето се фрустрирани од недоволниот прогрес, а анкетите ја покажуваат исклучително ниската доверба на граѓаните во судството и јавните обвинители. Јас целосно разбирам дека по изборите треба да има вистинска желба за значајна и радикална акција за да се адресира владеењето на правото. Сепак, она што сметам дека е важно, е дека одредени работи се веќе постигнати. Не мислам дека почнуваме од нула. И не мислам дека треба да збришеме сѐ и да почнеме одново“, изјави Гир во интервју на ТВ Сител.

Да не се загрози поделбата на власта

Од Владата повторуваат дека не се откажуваат од идејата за распуштање на Републичкиот судски совети Советот на јавни обвинители, бидејќи со нивно нераспуштање само ќе продолжи агонијата.

„Разбираме дека од распуштањето на овие институции има многумина исплашени и загрижени, но доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри“, велат од Владата.

Според амбасадорот Гир, иако почнувањето одново звучи атрактивно, смета дека тоа не води кон целта – вистинско подобрување во вледеењето на правото, но и дека  реформите не се работа само на Владата.

„На пример, бевме многу загрижени за случувањата со Судскиот совет минатата година. Испративме група експерти, оценска мисија. Судии од земји-членки на ЕУ подготвија Извештај со 40 препораки кои треба да се спроведат. Ние велиме – градете врз овие препораки во спроведување на реформите. Можете да биде амбициозни, градете врз постоечкото. И тоа не е само работа на Владата. Тоа е работа и на јавните обвинители, судиите и адвокатите. Тоа мора да биде заеднички напор. Примамливо е да се избрише сѐ што било досега, но кога сакате да реформате област како владеењето на правото, важно е и да не ги загрозите основните принципи како што е поделбата на власта“, потенцира амбасадорот Гир.

СДСМ бара план за 40-те препораки

Од СДСМ пред неколку дена потсетија дека нивната влада со искрена желба да поттикне реформи во правосудството доставила покана за оценска мисија на ЕУ врз Судскиот совет и дека Извештајот од мисијата опфаќа 40 препораки кои се однесуваат на мандатот, изборот, разрешувањето, дефиницијата на „истакнат правник”, контрола на квалитетот на работата, транспарентноста и отчетноста како и комуникацијата со јавноста.

„Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да направат искрен чекор кон реформи, најпрво новата Влада да ги објави 40-те препораки и да направи план за нивно спроведување во најбрз можен рок со поддршка од сите политички партии“, порачаа социјалемократите.

Во однос на реформите во правосудството, СДСМ повтори дека ќе даде поддршка за реформи кои ќе бидат поддржани и мониторирани од меѓународната заедница и никако поинаку.

„Сите реформи во овој сектор мора да бидат направени со цел целосно исклучување на политички влијанија. ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет самостојно да спроведе такви реформи затоа што нивната цел никогаш не била независно судство, туку судство под нивна контрола“, критикуваа од СДСМ.

Оттаму потенцираат дека уште во 2019 година повикале на целосен и темелен ветинг во правосудството што било клучна програмска определба за изборите во 2020 година, но таа идеја не добила поддршка ни од ДУИ, ниту од ВМРО-ДПМНЕ.

Владата не е единствен играч

ДУИ сега се залага за сепофатен ветинг, но правните експерти посочуваат дека и покрај бројните заложби за таква проверка досега не е направена ниту една анализа за начинот на кој таа може да се спроведе, ниту за можните последици во одредени сфери. Во Албанија каде беше спроведен парцијален ветинг – само во правосудството, во еден период земјата речиси остана без судии.

Проблематично може да биде и во македонски услови. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски неодамна посочи податок дека од 261 јавен обвинител колку што се предвидени како потребни, во моментов недостигаат помалку од 100, а до крајот на годинава поради пензионирање тој дефицит ќе биде и повеќе од 100, во услови кога во следните три-четири години не ќе може да се произведат нови јавни обвинители од Академијата.

Сега сите се во исчекување. Евроамбасадорот Гир вели дека ги очекуваат предлозите кои треба да дојдат од Владата.

„Подговотвени сме да дадеме експертиза, најдобри искуства, добри примери за постигнување на оваа цел. Владата треба да води, но не е единствен играч тука. Парламентот има навистина значајна улога. Важно е и тие активно да се вклучат, да ги земат извештаите од Државниот ревизор, да ги погледнат и да отворат дилеми. Тоа е нивната улога. Многу е важно судовите и обвинителите да бидат активни, да предизвикаат, да изведат случаи пред судот каде што има доказ за корупција. И важно е бизнисот и граѓанското општество да бидат вклучени исто така. Да, Владата треба да води, но тоа мора да биде заеднички напор“, порача Гир. /DW

Related posts

Г7 бара продолжување и проширување на договорот за извоз на украинско жито

admin

Ларсон Џаин: Има силен моментум за проширување на ЕУ, не го пропуштајте

admin

Пендаровски има канцеларија, но нема компјутер и телефон

admin

Познат добитникот на Нобеловата награда за мир

admin

Харис пред Трамп со 46% спрема 43%, покажа нова анкета на Ројтерс/Ипсос

admin

Ништо од декемврискиот самит на ЕУ: Пендаровски песимист

admin