Засегнати од „укажувањата“ за наводна корупција од страна на Милчо Манчевски, за кого Друштвото за филмски работници на Македонија (ДФРМ) тврди дека глуми жртва на „политички прогон“, филмџиите продолжуваат да изнесуваат наводи и документи за сомнителните активности на прославениот режисер и на неговите фирми, за кои се водат истраги. Овој пат првите луѓе на ДФРМ изнесуваат податоци за филмот „Мајки“, за кој, како што велат, до ден денес нема детален извештај за потрошените народни пари.
Извештајот на финансискиот сектор на Агенцијата за филм (тогашен Филмски фонд), со кој се бара од „Банана филм“ да достави веродостоен извештај за наменско трошење на 55.800.000 денари, укажува на скандалозно трошење на народните пари од страна на продуцентот и режисер Милчо Манчевски и за филмот „Мајки“ (2010 година). Извештај за тоа каде и како точно се потрошени парите, нема до ден денес, категорично тврди ДФРМ.
Која е американската фирма „Квантум комуникејшн“, на чија сметка завршиле 125.000 евра?
Особено „интересни“ трансакции се оние кои Манчевски ги насочил кон една американска компанија. Слично како и во случајот со префрлување средства кон неговата фирма во САД „Милкман“, на сметката на „Квантум комуникејшн“ (Quantum Comunications ) завршиле вртоглави 125.000 евра, наводно за промоција на филмот. Овие средства воопшто не биле предвидени за намената за која биле потрошени, а самоволното пренаменување на средства наменети за продукција на филмот, во наводна промоција, не е ништо друго, туку чист криминал, велат македонските филмаџии.
Согласно со извештајот на Филмскиот фонд, подготвен на 16.04.2013 година, во својот наративен извештај продуцентот истакнува дека за промоција на филмот воопшто не добил средства и дека самиот ги обезбедил, што не кореспондира со фактичката состојба и документите.
Имено, тогашната влада на Никола Груевски за „Мајки“ „изразила поддршка за филмскиот проект“ со дополнителни средства, пред воопшто и да се донесе официјална одлука за финансирање на филмскиот проект од страна на Филмскиот фонд.
Владата на Груевски „мајчински“ го одврзала ќесето и му дала на „прогонетиот“ Манчевски дополнителни 403.252 евра
Владата на 88-та седница, одржана на 28 јули 2009 година, донесува заклучок со кој се задолжува Министерството за култура средствата во износ од 24.800.000 денари (403.252 евра) да ги предвиди во буџетскиот циркулар за 2010 година, а Одлуката за финансирање по Конкурс е донесена на 11 август 2009 година, додека, пак, Договорот за финансирање со Филмскиот фонд е склучен на 31 јули 2009 година, што значи пред донесување на Одлуката на Управниот одбор на Филмскиот фонд.
Исто така, овие дополнителни средствата се исплатени пред донесување на Одлуката на Управниот одбор на Филмскиот фонд, поради што од страна на службите во Агенцијата за филм е нотирано: „Не е запазена соодветно законската процедура, а произлегува од притисоците кои вообичаено ги врши продуцентот“. Така, 9.000.000 денари се уплатени на 5 авуст 2009 година, 9.000.000 денари на 8 август.2009 година и 5.000.000 денари на 11 август 2009 година, на денот кога е донесена Одлуката,
Значи, „Мајки“ од Филмскиот фонд добива вкупно 55.800.000 денари или 907.317 евра. Но, наспроти оваа „мајчинска“ поддршка од страната на владата на тогашниот премиер Никола Груевски, подоцна режисерот Манчевски, во едно интервју, непосредно пред промената на власта, тврди дека имал проблеми со владата во времето на режимот, дека бил прогонуван со полиција и дека тие сакале да го забранат снимањето.
– Власта се обиде да го забрани „Мајки“, дома ми беше пратена полиција, мегафоните на власта ме напаѓаа со гнасни лаги, а медиумите се обидуваа да ме скријат од јавноста – вели Манчевски во ова интервју.
Но, вистината е дека тогаш, како и денес, финансиската полиција само си ги извршувала своите службени обврски, реагирајќи на очигледните индиции за финансиски криминал на Манчевски – и згора, за наши услови, од епски размери.
Дали странските копродукции овде донеле свои пари, или однеле македонски пари?
Иако со Договорот склучен на 31 јули 2009 година бил обврзан, Манчевски до финансискиот сектор никогаш не ги доставил договорите склучени со копродуцентите „Елемент филмс“ од Бугарија и „Сине суд“ од Франција, така што, како што се вели во извештајот, не е јасно дали и какви пари се слеани од копродукциите и кои средства се наменски трошени од парите од Филмскиот фонд. Во Фондот заклучиле дека „конечен исход за наменско и законско трошење на парите за филмот не може да се утврди“.
Оваа констатација остро се коси со честите и јавни тврдења на режисерот Манчевски, дека од странските копродукции на Македонија и донел големи пари.
– 80% од финансиите за моите македонски филмови доаѓаат од странство како копродукции – вели Манчевски во истото интервју од 2017 година.
Но, вистината е сосема поинаква, на што упатува и фантастичниот хонорар од 65.000 евра, исплатен на продуцентката Кристина Калас. За оваа ситуација да биде појасна, зборува меѓународната продуцентска практика, според која странските продуценти никогаш не се исплаќаат со македонски пари. Тие носат пари, а нивните хонорари и трошоци се дел од нивниот влог во филмот. Таква е европската пракса, тврдат од ДФРМ. Но, во случајот со проектите на Манчевски, странците си црпат од нашите народни пари и си одат од Македонија со полни бисаѓи, додека за македонските членови на екипата остануваат само „трошки“.
Манчевски од држани пари си плаќал пласман на фестивал – 12.000 долари завршиле во Торонто
Меѓу низата од нејасни исплати од средствата наменети за продукција, се јавува и онаа во висина од 12.000 долари, со која Манчевски исплатил наводна членарина за прикажување на филмот „Мајки“ на филмски фестивал во Торонто во 2010 година.
„Констатирана е нејасна исплата. Продуцентот, со средства наменети за продукција на филмот исплатил чланарина за прикжување на филмот на филмски фестивал 2010 Toronto International Film Festival – 12.000USD Invoice024 Film First, Brooklyn NY“, се вели во извештајот за извршен увид од страна на Агенцијата за филм.
Со ова, практично, тој најверојатно си го платил учеството на фестивалот, што освен незаконско трошење, претставува и голем срам, тврдат од ДФРМ и додавааат:
– Наспроти убедувањето на јавноста овде, дека филмот постигнува неверојатни успеси преку учество на голем фестивал од висока категорија, овој документ покажува како Манчевски ја замајува јавноста, трошејќи пари од државната каса за, најблаго речено, „лажно претставување“. Учеството во официјална селекција на фестивал од висока категорија е чест и привилегија и за тоа не се плаќа никаква котизација.
Си набавувал и компјутерска опрема и преку својата благајна испумпал речиси 40.000 евра?
Понатаму, од овој извештај на Филмскиот фонд, може да се види дека „Банана филм“, наводно „за филмот“, набавувала опрема како печатари, монитори, компјутерски конфигурации, лап топ опрема, телевизори, процесори… Сет тоа во вредност од 490.113 денари, ставки кои не само што не биле предвидени во предлог буџетот, туку уште поспорен е фактот што според Законот за филм, најстрого е забрането со наменските пари за продукција да се набавува техничка опрема или движен и недвижен имот.
Констатирани се и нејасни трошоци наведени во приложените фактури со ист датум и опис на различни износи, а кои се наведени како исплатени во финансискиот извештај на „Банана филм“, за фактури кон најразлични фирми, со исплати од 10.000 евра за една и две исплати од 416. 250 и 54.296 денари за останати две.
Од страна на финансиската ревизија, детектирани се средства прелеани преку благајната во висина од 2.322.946 денари, за кои нема детален опис и не може да се утврди дали трошокот е направен за филмскиот проект.
Како сомнителни исплати во овој извештај се наведени и неколку договори со актери, монтажери и дизајнери, но не е доставен извештај за исплати, што навистина го отвора прашањето во чиј џеб завршиле парите. Во извештајот фигурира и договор на проектот со ставка од 369.000 денари, но договор склучен во 2002 година, цели 7 години пред реализација на „Мајки“?!
Во филмот може да има синема верите, или дозволива лага, но не и кога се трошат народни пари!
Филмот „Мајки“, по својот жанр, се доближува до т.н „синема верите“ или во уметноста една дозволива „вистинска лага“. Но, надвор од артистичното толкување, во трошење на парите од Филмскиот фонд, пари на даночните обврзници на Македонија, не е дозволиво да има простор за лага и за сомнеж.
Институциите на државата, како Управата за финансиска полиција и Основното јавно обвинителство, веќе подолго време на увид ги имаат сите документи. Од Друштвото на филмски работници бараат институциите да ја расветлат вистината во врска со финансиското работење на „Банана филм“, во кое се повеќе се чини дека има елементи од криминален жанр.
НАЈДОБРО ПЛАТЕНИОТ АКТЕР ВО ФИЛМОТ „МАЈКИ“ ЗЕЛ ХОНОРАР ОД 3.000 ЕВРА, А МАНЧЕВСКИ – СТОПАТИ ПО ТОЛКУ!
Наспроти богато платените странци и хонорарот на Милчо Манчевски, кој и во овој случај ги надминува границите на здравиот разум, македонските членови на екипата и актерите на филмот „Мајки“ се повторно „понижени“. На пример, најдобро платениот актер во филмот зел хонорар 3.000 евра. Манчевски самиот пак си наплатил хонорар од 190.000 евра, а заедно со оние пари од „Квантум“, феноменални 315.000 евра!
– И кој е после „жртва на политички прогон“ и „укажувач на корупција“? – прашуваат од ДФРМ.