20.8 C
Скопје
14 септември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Интерпелација – ден за опозицијата со познат крај

Партијата „Левица“ бара одговорност од спикерот Африм Гаши поради неколку инциденти за неполни два месеци. 61 пратеник треба да гласаат „за“ Гаши да си оди од функцијата, што е далеку од веројатно. За да помине интерпелација, треба да имате зад себе посериозно граѓанско движење, инаку е осудена на пропаст, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Ниту партиите ниту политичките аналитичари очекуваат да „помине“ интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, за која ќе се гласа на денешната собраниска седница на предлог на опозициската „Левица“.

Интерпелацијата од „Левица“ е поради трите случаи во кои беше замешан Гаши во неполни два месеци. Тоа се исламската молитва во Собранието за жртвите од Сребреница, инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи во кој беше вмешано обезбедувањето на Гаши и свадбата во Косово на која тој отиде со службено возило, придружуван од други возила без да поминат гранична контрола.

Извесно е дека со убедливото мнозинство пратеници што го има владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Собранието нема да ја прифати интерпелацијата.

За спикерот да си оди од функцијата, „за“ треба да гласаат 61 пратеник, што е далеку од веројатно со актуелниот распоред на силите во Парламентот.

Впрочем, како што не беше прифатена ниту една досегашна интерпелација за кој било од досегашните претседатели на собранието или министри. Тоа е затоа што интерпелациите ги бара опозицијата, а власта има мнозинство да ги одбрани своите функционери од барањата за нивна одговорност.

„Во повеќе од три децении парламентарна историја, не се случило да биде изгласана недоверба за првиот парламентарец. Во прашање е политичка реклама или маркетинг на партијата „Левица“, за фокусирање на јавноста за случаи за кои јавноста беше резигнирана. За жал, политичката култура кај нас не е на високо ниво како во западните земји каде политичари сами си поднесуваат оставки. Кај нас, партиите ги бранат своите функционери и по цена на скандали“, вели аналитичарот Благојче Атанасовски за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Простор за притисок врз власта

Во опозицискиот блок, покрај „Левица“, и СДСМ се изјасни дека ќе гласа за интерпелацијата за Гаши. ДУИ досега не излезе со јасен став.

Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ ќе гласаат против интерпелацијата. Ставот на ЗНАМ,третата партија во владејачката коалиција, ќе биде познат денеска.

„Со оглед на ставовите на големите политички партии, најверојатно интерпелацијата нема да биде успешна. Што добива опозицијата? Тоа е еден вид политички притисок, и покрај тоа што Левица, во конкретниот случај, е свесна дека нема да помине. Но, ќе има морално право да каже дека поднела интерпелација за случаите за кои јавноста беше резигнирана“, вели Атанасовски.

Според аналитичарот Петар Арсовски, барањето одговорност не поминува во Собранието „затоа што треба да интерпелирате некој што има мнозинство“.

„Ако сакате да помине интерпелацијата, треба да имате зад себе посериозно граѓанско движење. Инаку истата е осудена на пропаст“, вели Арсовски за РСЕ.

Тој ги анализира и позициите на партиите во однос на интерпелацијата за Гаши.

„Прашањето е како ќе се изјасни ЗНАМ. Ако ја поддржи интерпелацијата, тоа ќе биде единствена тензија што ќе следува. Поинтересно е што СДСМ се постави поблиску до Левица, а различно од доскорешниот коалициски партнер ДУИ“, рече Арсовски.

Гаши: Имам мирна душа и чиста совест

Ден пред гласањето, Гаши ги повика пратениците да одлучат по сопствено убедување.

„Ќе ја почитувам секој одлука што ќе ја донесе Собранието. Убаво е сите да имаме различни мислења и токму тоа е суштината на демократијата, а би било лошо да има едноумие, систем што го поминале. Среќен сум што има интерпелација за да објасниме некои работи што и беа претставени на јавноста. Ќе образложам се како што било и се надевам дека пратениците ќе одлучат според нивната совест. Имам мирна душа и чиста совест дека со ништо не сум предизвикал таква хистерија во јавноста“, рече Гаши во гостување на телевизија Сител на 2 септември.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, ја нарече „глупава и незрела“ иницијативата за интерпелација за Гаши.

„Ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаков основ за интерпелација на спикерот Гаши. Ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива и имаме голем број аргументи зошто тоа не треба да го направиме“, изјави Мицкоски.

Пратениците на СДСМ и коалицијата ќе го поддржат барањето на Левица, претседателот на Собранието да замине од функцијата. Оваа одлука ја донесе пратеничката група на СДСМ вчера доцна попладне.

Претходно, и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кажа став во иста насока.

„Мојот личен став е дека интерпелацијата треба да се поддржи затоа што премногу престапи се направија. Ние бевме тие кои ги запознаа јавноста и излегоа институции кои го констатираа прекршувањата на одредени правила од функционерите“, изјави Филипче.

Коалицијата „Вреди“, чиј кадар е Гаши, оцени дека интерпелацијата е „бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација“.

„Оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата Левица, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси“, соопштија од „Вреди“.

Интерпелациите не поминуваат

Според Деловникот за работа на Собранието, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ.

Интерпелацијата за Гаши што „Левица“ ја поднесе до Собранието има седум точки образложени на десет страници. Се наведува дека спикерот Гаши „уште од почетокот на неговото назначување работи своеволно, нестручно, несовесно и непрофесионално и згора на сѐ противзаконски, неуставно и неделовнички“.

Во „Левица“ сметаат дека Гаши, меѓу другото, со молитва во Собранието за Сребреница ја повредил секуларноста на државата, дека ги повредил дипломатските правила за обезбедување ВИП личности, како и правилата за употреба на македонскиот јазик и на државните симболи.

Во досегашната историја на македонската
парламентарна демократија, сите интерпелации ги поднесе опозицијата.

Во претходниот собраниски состав, во времето на СДСМ и ДУИ, „Левица“ и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација за поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелации и за поранешните министри за здравство, Венко Филипче, за правда, Бојан Маричиќ и за поранешниот вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, но тие не дојдоа на дневен ред додека поранешниот премиер Зоран Заев не се повлече, а со тоа падна и целата негова влада.

Имаше интерпелации и за поранешните министри за внатрешни работи и за евроинтеграции, Оливер Спасовски и Никола Димитров, но ни тие не поминаа. /RSE

Related posts

Кој стои зад сценаријата за дестабилизација?

admin

Победата на АфД – силна шлаканица за владата на Шолц

admin

ВМРО-ДПМНЕ слави 34. роденден со стокмен тим за владата

admin

Радмила Шекеринска – нов заменик-генерален секратар на НАТО?

admin

Гостивар и Терниц станаа светски познати преку ноќ

admin

Нови задоцнувања во изградбата на автопатот Скопје-Блаце

ninja