„Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и ќе помогне во задржувањето на талентираните млади луѓе во земјата“, вели министерот за социјална политика, демографија и млади
Доколку им се пружи шанса, 62 отсто од младите би се отселиле од државата, а дури 77 отсто ако се отселат, не би се вратиле назад. Овие бројки од последното истражување на Фондацијата Вестминстер за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот денеска ги соопшти Фатмир Лимани, министерот за социјална политика, демографија и млади на конференцијата „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Северна Македонија“, посочувајќи дека се алармантни бројките на млади што би се отселиле од државата.
Како фактори што влијаат на овие одлуки се вбројуваат состојбите во образовниот систем, студенскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување.
„Овие бројки се алармот што веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземе сериозни чекори веднаш, за да го смениме овој негативен тренд“,
рече тој.
Според него, еден од главните приоритети на кои Владата ќе работи е отворање нови работни места за млади преку поддршка за претприемаштво и стартапи, обезбедување финансиска поддршка и грантови за млади претприемачи, како и обуки и менторски програми за развој на бизнис-вештини.
„Сликата за заминување на младите студенти надвор од државата затоа што тука не успеале да се вработат и нивниот потенцијал не бил препознаен, ќе ја замениме со нова слика. Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и да помогне во задржување на талентираните млади во земјата“,
вели министерот.
Како дел од мерките што ќе ги преземе Владата, Лимани посочи дека тоа се партнерствата со приватниот сектор, поттикнувањето инвестиции, формирањето јавно-приватни партнерства за развој на нови проекти, поддршката на новите технологии и иновации, инвестициите во инфраструктурата и услугите во руралните подрачја.
Министерот им порача на младите:
„Нашите врати се отворени за вас, ајде заедно да ги креираме и реализираме идните младински политики“.
Според пресметките на државниот ревизор, околу 2 500 високообразовни кадри се иселуваат на годишно ниво, а проценките на Светската банка се дека 40 отсто од тие кадри ја имаат напуштено државата.