Потпретседателката на САД Камала Харис и републиканскиот поранешен претседател Доналд Трамп никогаш не се сретнале пред нивната претседателска дебата вчерва вечерта, но веднаш почнаа да се критикуваат во клучната средба пред националните избори на 5 ноември.
Двајцата кандидати на самиот почеток се ракуваа, ги зазедоа своите места зад говорниците на бината во Филаделфија, а потоа почнаа да се напаѓаат меѓусебе.
Тие се расправаа за американската економија, правото на абортус за Американките, имиграцијата на границата на САД со Мексико, израелската војна против милитантите на Хамас во Газа, руската инвазија на Украина и немирите на 6 јануари 2021 година во Капитолот на САД.
Осврнувајќи се на изборите во 2020 година што Трамп ги загуби од претседателот Џо Бајден, Харис рече:
„Доналд Трамп беше отпуштен од 81 милион луѓе. Тој има многу тешко време да го процесира тоа“.
Трамп неодамна рече дека ги изгубил изборите за влакно, но на дебатата вчера рече дека тоа било саркастична забелешка и одби да ја признае легитимноста на исходот од 2020 година.
„Ние сме нација која пропаѓа“, рече Трамп. „Ние сме во сериозен пад и ни се смеат низ целиот свет“.
Во предвремената анкета по 90-минутната дебата, Си-Ен-Ен рече дека нивното истражување покажало оти Харис победила на дебатата со разлика од 63-37%.
Покрај таа брза проценка во корист на Харис, најдобрата светска поп-пејачка Тејлор Свифт ја поддржа Харис откако дебатата заврши.
Во еден момент, Харис му кажа на Трамп дека неговите најверни поддржувачи на неговите политички собири честопати заминуваат рано бидејќи им било здодевно.
Тој ја опиша како марксист, велејќи дека добро ја научил нејзиниот татко, левичарски економист.
„Ова е радикален лев либерал“, рече Трамп за Харис.
Трамп го нападна справувањето на Бајден и Харис со американската економија, најголемата во светот, велејќи дека САД стануваат „Венецуела на стероиди“.
Таа го обвини Трамп за укинување на уставното право на абортус со неговото назначување на тројца конзервативни судии во Врховниот суд на САД.
Тој рече дека со пресудата од 2022 година, гласачите во поединечни сојузни држави сега можат да одлучуваат за ова прашање.
„Владата и Трамп не треба да им кажуваат на жените што да прават со нивните тела“, рече Харис.
Трамп ја обвини Харис како дел од неуспехот на администрацијата на Бајден да ги контролира мигранти кои ја поминуваат границата меѓу САД и Мексико.
Трамп рече дека планира да депортира 11 милиони или повеќе мигранти без документи кои живеат во САД, но двапати го избегна прашањето за тоа како ќе ги уапси луѓето и ќе ги врати назад во нивните матични земји.
Трамп изнесе чудно тврдење дека мигранти во град во Охајо ги крадат мачките и кучињата на нивните соседи и ги убиваат за храна.
Новинарот на „Еј-Би-Си Њуз“ го прекори Трамп и рече дека лидерите на градот кажале дека тврдењето не е точно.
Трамп тврдеше дека ниту руската инвазија на Украина, ниту нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година немале да се случат доколку тој бил претседател.
Тој рече дека ако биде избран, ќе ги реши двата конфликта пред да ја преземе функцијата следниот јануари, но не кажа како.
Харис возврати: „Да беше Доналд Трамп претседател, (рускиот претседател Владимир) Путин ќе седеше во Киев во моментов со поглед кон остатокот од Европа“.
Трамп двапати одби да каже дали сака Украина да ја добие војната, само дека сака војната да заврши за да спречи повеќе крвопролевање.
Десетици милиони Американци веројатно ја следеа она што би можело да биде единствената дебата во кампањата.
Соочувањето се случи осум недели пред денот на изборите, но само неколку дена пред почетокот на предвременото гласање во некои од 50-те држави во земјата.
На дебатната сцена, правилата за Харис и Трамп беа исти како и на дебатата што Трамп ја имаше со Бајден во јуни, каде Бајден не помина добро, што доведе еден месец подоцна да ја заврши својата кандидатура за реизбор, бидејќи заостануваше зад Трамп во националните анкети.
Микрофоните на Трамп и Харис беа исклучени кога другиот зборуваше и не им беше дозволено да си поставуваат прашања.
Но, тоа не ги спречи да се прекинуваат меѓусебе. Немаше публика во живо што ја слушаше дебатата.
Тоа беше прва претседателска дебата за Харис.
За Трамп, таа беше седма во трите претседателски изборни циклуси од 2016 година. / Глас на Америка