6.8 C
Скопје
12 ноември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

ВМРО-ДПМНЕ се појави и во Србија

И ВМРО-ДПМНЕ и официјалниот застапник на движењето во Србија потврдуваат дека партијата била информирана за планот, но не и дека таа стои зад здружението. Основанчот е актуелен секретар на Националниот совет на Македонците во Србија, Марјан Јовановски, кој за РСЕ вели дека целта му е да ги промовира македонските традиции. Тој е и поранешен вработен во МНР каде за време на кариерата во два наврати бил ангажиран во македонската амбасада во Белград.

Името на најголемата владејачка партија во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, веќе еден месец фигурира како здружение (правно лице) и во единствениот регистар на даночни обврзници во Србија. „ВМРО-ДПМНЕ Србија“ е името на движењето кое на 25 август било формирано во Белград, а на 9 септември поднело пријава за регистрација.

Како негов застапник е заведен македонскиот државјанин Марјан Јованоски, а за област во којашто движењето ќе ги остварува целите е наведено „промовирањето и популаризацијата на македонската култура, историја и посебности“, покажуваат документите од српскиот регистар до кои дојде Радио Слободна Европа (РСЕ).

Сличности меѓу српското здружение и партијата во Северна Македонија има и во знакот, кој како што пишува во статутот на движењето „ВМРО-ДПМНЕ Србија“ е „стилизирана фигура на лав со круна на главата во црвена боја“.

И ВМРО-ДПМНЕ и основачот на здружението за РСЕ потврдија дека партијата само била информирана пред да се формира српското движење. Но, според одговорот од двете страни, партијата не стои зад здружението.

„Како политичка партија бевме информирани за оваа иницијатива за што беше дадена согласност од причина што секогаш сме поддржувале заложби за поддршка и унапредување на македонските заедници и надвор пд Македонија. Во однос на целта, бевме информирани дека станува збор за регистрирање на Движење кое ќе ги унапредува економските, културните граѓанските и политичките состојби во Македонија и во Србија и промоција на истите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Марјан Јовановски (втор од десно) и претставниците на Националниот совет на Македонци со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски
Марјан Јовановски (втор од десно) и претставниците на Националниот совет на Македонци со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

И основачот Јованоски во разговор со РСЕ вели посочува партиските структури биле запознаени дека во Србија ќе биде основано вакво здружение, но тврди дека иницијативата за регистрација е автохтона идеја – лично негова и на група негови истомисленици Македонци кои живеат и работат во Србија.

„Со оглед на тоа што сакавме името на Движењето да го содржи името ВМРО-ДПМНЕ, сметавме дека е упатно да имаме неформален разговор со раководните структури на партијата ВМРО-ДПМНЕ од Македонија во кој ги консултиравме во однос на користењето на името на партијата ВМРО-ДПМНЕ како дел од името на движењето во Србија, за што добивме согласност и дека не постои никаква пречка од нивна страна да се користи како дел од името на Движењето“, вели Јованоски за РСЕ.

Основачот Јованоски е поранешен вработен во македонското Министерство за надворешни работи (МНР), а од април е секретар на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија.

Станува збор за тела кои се формираат согласно српскиот Закон за национални совети на националните малцинства. На овие совети, според објаснувањето од Министерството за човекови и малцински права и општествен дијалог на Србија, им се доверени јавни овластувања за да учествуваат во одлучувањето за одредени прашања од културата, образованието, информирањето и употребата на јазици со цел да се остварат колективните права на малцинствата.

Во моментов ги има 24, меѓу кои и Националниот совет на македонското малцинство. Од пролетта 2024, негова претседателка е Зорица Митровиќ, која потоа го именуваше Јованоски за секретар.

„Отворени сме за соработка и со политички опции“

Двајцата, како претставници на советот, на еден месец пред парламентарните избори на 8 мај во Северна Македонија, имале средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Христијан Мицкоски.

„На состанок со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер на Владата на Македонија. Договорена е соработка на многу полиња после завршување на изборите и голема поддршка за Македонците во Србија и Националниот совет“, пишува во објава од 10 април на Фејсбук – страницата Национален совет на Македонци во Р.Србија.

Јованоски, кој неколку месеци подоцна го формира „ВМРО-ДПМНЕ Србија“, вели дека тие како движење се отворени за соработка со сите политички опции во двете држави.

„Ние како Движење остануваме отворени за соработка со сите значајни културни, стопански, политички и граѓански институции и организации во Македонија и во Србија. Сите оние добронамерни субјекти или поединци во Србија и во Македонија кои можат да помогнат во реализацијата на нашите цели се добредојдени да се вклучат и да не поддржат во намерата за унапредување на положбата на македонската заедница во Србија“, вели тој за РСЕ.

Широк спектар на цели за „ВМРО-ДПМНЕ Србија“

Движењето е регистрирано на адреса во зграда во Нов Белград, тоа има свој статут во кој е наведено дека негови органи се собранието, управниот одбор и претседателот.

„Целите се наведени во нашиот статут но сублимирано би можело да се каже дека целта ни е промоција, негување и зачувување на македонскиот јазичен, културен и национален идентитет, обичаи и традиција во Србија“, посочува Јованоски.

Кои ќе бидат првите активности на ова движење во Србија, основачите сè уште не одлучиле.

„Чекавме регистрацијата да биде завршена како би пристапиле кон подготовка на зацртани проекти и планови кои во иднина ќе ги реализираме“, вели Јованоски нагласувајќи го фактот дека движењето официјално е регистрирано пред помалку од еден месец.

Во статутот може да се прочитаат цели како почитувањето на човековите права, зачувувањето на македонската традиција, грижата за македонската култура во Србија и развој на македонските традиција и обичаи, унапредувањето на македонско-српските односи итн.

Дел од статутот и целите на Движењето „ВМРО-ДПМНЕ Србија“
Дел од статутот и целите на Движењето „ВМРО-ДПМНЕ Србија“

Сепак, спектарот на цели е широк, па покрај оние што се поврзани со македонската традиција, може да се забележат и: „усогласување и одржување на сувереноста, владеењето на правото и правната држава“, „борба против корупцијата и организираниот криминал“, „воспоставување на одговорност на носителите на јавни функции“, „воведување ред во невладиниот сектор“, „искоренување на сиромаштијата“, „слободата и независноста на медиумите“, „унапредување на здравјето на нацијата“, „заштитата на животната средина“.

Основачот бил македонски дипломат во Белград

Пред да се пресели да живее во Белград, застапникот на „ВМРО-ДПМНЕ Србија“ имал контакти со тамошната македонската заедница во рамки на неговата кариера во Министерството за надворешни работи.

Во неговата професионална биографија на „Линкедин“, се наведува дека пред 18 години во МНР првично почнал да работи во кабинетот на тогашниот министер Антонио Милошоски. Според описот на работните задачи кои ги навел на оваа социјална мрежа, тој меѓу другото имал одговорности за агендата на министерот, организацијата на патувањата, билатералните односи со соседите итн.

Ексминистерот, Милошоски, кој сега е пратеник во Собранието и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, во разговор со РСЕ, вели дека нема информации за движењето во Србија кое го носи името на неговата партија, како ни дали партијата стои зад него.

Милошоски беше шеф на дипломатијата од август 2006 до крајот на јули 2011. Кратко по неговото заминување од МНР, Јованоски заминал во дипломатска мисија во македонската амбасада во Белград каде, според биографијата, ангажманот траел околу три години. Дел од амбасадата бил и во периодот од 2017 до 2020, по што заминал од МНР.

Партијата ВМРО-ДПМНЕ, по околу седум години опозиција, се врати на власт во Северна Македонија со изборите одржани на 8 мај годинава. Таа има блиска соработка и е сестринска партија со Српската напредна странка (СНС), од чиј редови е и српскиот претседател Александар Вучиќ. /RSE

Related posts

Запален автомобилот на Артан Груби

admin

Бугајски: Западот со трипартитен план за Балканот, Белград-Загреб-Тирана центри на моќ, останатите под нивно влијание

admin

Саманта Пауер: Руската инвазија на Украина влијае на светската безбедност на храната

ninja

Северна Македонија се повлече од трката за Оскар 2025 година

admin

Димитриевски против протоколот на Курти: За каков соживот се боревме?

admin

Колозова: Ќе ги мобилизираме сите капацитети за европски реформи во образованието

admin