Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, испрати писмо до премиерот Христијан Мицкоски во кое ја нагласува важноста на стабилни меѓуетнички односи во Северна Македонија, особено во контекст на зголемените геополитички тензии во регионот и светот, пренесува Инбокс7.
Ахмети предупредува дека нарушувањето на односите меѓу заедниците може да има сериозни последици за внатрешната кохезија на земјата, потсетувајќи на ризиците што би ги предизвикале последните одлуки на Уставниот суд, кои ги опиша како „дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на заштитните механизми за заедниците“.
„Се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката ситуација е поопасна од кога било по крајот на минатиот век, со ескалација на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, и постојаните блокади од Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливоста“, се вели во пимсото.
Ахмети истакнува дека Охридскиот договор е темел на македонската мултиетничка демократија и дека секоја ревизија на Законот за употреба на јазиците може да го поткопа напредокот постигнат со договорот. Тој ги смета овие промени не само за политички контроверзни, туку и за штетни за соработката меѓу заедниците и за безбедноста на земјата.
„Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани посветени на изградбата на стабилни меѓуетнички односи во Северна Македонија.“
„Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓусебно разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија и демократски напредок. Секој обид да се стави под знак прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши ситуацијата во земјата и регионот.“
„Одлуките за промена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој кој може да ги поткопа придобивките остварени со големи напори и да ја врати земјата во периоди на несигурност“, вели Ахмети.
Во своето писмо, Ахмети го повика Мицкоски да постапи со зрелост и одговорност, нагласувајќи дека иднината на Северна Македонија треба да се гради на соработка и меѓусебна почит, наместо на поделби.
„Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да го нарушат мултиетничкиот кохезион во Северна Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и меѓусебна почит, а не врз поделби. Секој чекор кој ги нарушува овие темели е штетен за иднината на нашата земја и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност“, заклучува Ахмети.