Најавата за посета на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на Северна Македонија се случува во време на зовриена атмосфера меѓу власта и опозицијата за европскиот пат на земјата. Според експеррите, покрај Планот за раст на ЕУ, неизбежно ќе биде и прашањето за уставните измени.
До крајот на октомври, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе допатува на неколкудневна турнеја низ земјите од Западен Балкан, а според најавите шефицата на ЕК планира да ја посети и Северна Македонија, потврдуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје. Дополнителни информации за агендата и кога точно фон дер Лајен ќе пристигне на средби со државниот врв во Северна Македонија дополнително ќе биде соопштени.
Доаѓањето на Урсула фон дер Лајен се случува по „ладниот туш“ од Брисел на 25 септември, кога соопшти дека Албанија се одвојува од Северна Македонија во продолжување на пристапните преговори со Европската унија.
Веќе следниот вторник, на 15 октомври Албанија треба да ја одржи втората Меѓувладина конференција со ЕУ, по што треба да го отвори првиот кластер од поглавјата „темелни вредности“. Северна Македонија и овој пат остана пред портите на ЕУ. Причина за тоа е неисполнувањето на условот на Бугарија за измена на Уставот и внесување на бугарското малцинство во Преамбулата.