8.8 C
Скопје
27 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Извештај на ЕК: Нема уставни измени на кои државата се обврза

Северна Македонија сè уште нема усвоено измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата, како што се Бугарите. Ова меѓу другото стои во нацрт извештајот на ЕК во кој РСЕ имаше увид. Комисијата останува на политиките за проширување, но за Грузија го запира процесот.

Бугарите како малцинство и нивниот влез во Уставот на Република Северна Македонија, се дел од нацрт извештајот на Европската Комисија која денеска треба да го објави Пакетот за напредокот на европскиот пат на 10 земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ за 2024 година, меѓу кои е и Северна Македонија.

Во делот посветен за Северна Македонија се вели дека таа дава добар пример за мултиетничко општество, но дека иако се обврзала се уште не ги усвоила уставните измени.

„Северна Македонија сè уште нема усвоено релевантни уставни измени со цел во Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од друга заедница, како Бугарите што земјата се обврза да ги започне и постигне. Билатералните договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Преспанскиот договор меѓу Грција и Северна Македонија и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија“, пишува во нацрт извештајот во кој РСЕ имаше увид.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Преспанскиот договор пак беше потпишан со цел решавање на спорот за името со Грција, по што беше додадена придавката Северна, а тоа овозможи земјата да стане членка на НАТО и да ги започнеме преговорите со ЕУ.

Новата Влада, предводена од ВМРО ДПМНЕ неодамна побара од Брисел да се измени условот, односно важењето на уставни промени со кои Бугарите ќе влезат во Преамбулата да имаат одложено дејство, односно тие да важат по завршувањето на преговорите, или пак, да се обезбедат европски гаранции дека нема да има наметнување на нови услови од Бугарија во преговарачкиот процес.

Но, при минатонеделната посета претседателката на Европската Комисија, Фон дер Лајен не беше конкретна дали е прифатливо за Брисел барањето на Владата за одложено дејство. Само порача дека „младите никогаш нема да ни простат ако не направиме Северна Македонија да биде дел од ЕУ“.

Правото, правдата и борбата против корупцијата во фокусот

Треба да се зајакне довербата во правосудниот систем. Ова е една од пораките која Северна Македонија ја добива во нацрт извештајот на ЕК, а се однесува на владеењето на правото. Особен акцент во извештајот е ставен на високо профилираните судски спорови кои според ЕК, мораат да имаат епилог.

„Северна Македонија треба да продолжи да го спроведува спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во кластерот за основи, особено судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Корупцијата треба да се решава несмалено, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаи на високо ниво“, се вели во нацрт извештајот.

За Комисијата од клучно значење е властите дополнително да го интензивираат темпото на реформите поврзани со ЕУ. Се наведува дека Северна Македонија треба да ги преземе неопходните чекори за да напредува во процесот на пристапни преговори и ефикасно да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, правдата и борбата против корупцијата.

„ По првата меѓувладина конференција за пристапните преговори во јули 2022 година, скрининг сесиите за сите шест кластери на правото на ЕУ беа завршени во декември 2023 година. Комисијата со нетрпение очекува брзо и решително следење на скрининг извештајот за основниот кластер , вклучително и во однос на патоказите на земјата во согласност со рамката за преговори, со цел да се отвори првиот кластер што е можно поскоро и кога ќе се исполнат релевантните услови“, пишува во извештајот на ЕК.

Во претходниот извештај за владеење на правото на Европската комисија беше изразена сериозна загриженост за независноста на судството на Северна Македонија.

Во тој документ стоеше дека ЕУ е загрижена за функционирањето и независноста на Судскиот совет, за „ограничените“ пари што се одделуваат за правосудниот системи дефицитот на човечки ресурси. Се нотираше и дека решенијата за именување на јавни обвинители од Советот за јавни обвинители и на судиите од Судскиот совет биле критикувани од граѓанските организации дека не се засновани на објективни критериуми, а нема ни имплементација на стратегијата за борба со корупцијата.

Како дел од последниот нацрт извештај на ЕК е нотирано и дека Северна Македонија беше активно ангажирана во 2023 година како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„ Земјата продолжи целосно да се усогласува со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ“, пишува во документот.

Унијата доби нов импулс во проширувањето

Во заклучоците и препораките на Европската Комисија се вели дека дваесет години по најголемото проширување на ЕУ за десет земји-членки, пристапувањето во ЕУ останува клучен двигател на долгорочната безбедност, мирот, стабилноста и просперитетот во Европа. Сепак Комисијата смета дека процесот на проширување добил нов импулс во текот на 2023 и 2024 година.

„Кластерот за основи беше отворен со Албанија на 15 октомври 2024 година. Преговорите за пристап беа отворени со Украина и Молдавија на првите меѓувладини конференции во јуни 2024 година. од правните поглавја, Црна Гора е на пат привремено да ги затвори понатамошните преговарачки поглавја. Во март 2024 година, Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Процесот на проверка беше завршен и со Албанија и со Северна Македонија на крајот на 2023 година“, пишува во нацрт заклучоците и препораките.

На 25 септември 2024 година ЕУ одлучи дека патот на Албанија за пристапување ќе биде одвоен од Северна Македонија, а првите преговарачки кластери официјално отворени на 15 октомври. Ова одлука беше донесена едногласно од амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија.

Претходно ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот.

Инаку според Комисијата имплементацијата на Планот за раст за Западен Балкан ќе ја зголеми економската блискост на Западен Балкан со ЕУ. Во нацрт извештајот се вели дека за таа цел како дел од Планот за раст, Комисијата ги одобри реформските агенди на пет партнери од Западен Балкан, поставувајќи амбициозни реформи што планираат да ги преземат за да ги постигнат целите на објектот.

Процесот на пристапување на Грузија е запрен

Сепак за ЕУ доделувањето кандидатски статус на Грузија во декември 2023 година не било проследено со доволна политичка посветеност на тамошните власти да ги спроведат потребните реформи за напредокот на земјата на патот кон ЕУ.

Напротив, значајните негативни случувања, вклучително и усвојувањето на Законот за транспарентност на странско влијание и законодавниот пакет за „семејните вредности и заштитата на малолетниците“, како и силните анти-ЕУ наративи од грузиските функционери сериозно ја погодија грузиската ЕУ траекторија, се вели во извештајот.

„Како последица на тоа, процесот на пристапување на Грузија е де факто запрен. Грузија, исто така, постигна незначителен напредок во спроведувањето на деветте чекори утврдени со Комуникацијата за проширување на Европската комисија од 2023 година“, пишува во извештајот.

ЕК за парламентарните избори кои се одржаа во Грузија викендов вели дека се одржале во тензична и силно поларизирана средина. Ова се вели е поради неодамнешните законски измени на изборниот процес, компромисите за тајноста на гласот, процедуралните недоследности, заплашувањето и притисокот врз гласачите кои негативно влијаеја на довербата на јавноста во процесот.

„Грузија треба да се врати на спроведувањето на деветте чекори како приоритетно прашање. Дополнително, Грузија треба да го укине Законот за транспарентност на странско влијание, законодавниот пакет за „семејните вредности и заштитата на малолетниците“ и да се воздржи од други активности кои го поткопуваат владеењето на правото. “, пишува во документот.

Комисијата порачува дека ако Грузија не се врати на вистинскиот правец кој нема да го загрозува нејзиниот пат кон ЕУ и не покаже опипливи напори за решавање на отворените грижи и клучните реформи, Комисијата нема да биде во позиција да ја разгледа можноста за препорака за отворање преговори со Грузија. / Радио Слободна Европа

Related posts

Раскол во ИВЗ, се продлабочува поделбата меѓу реисот Шаќири и муфтијата Несими

admin

Милионскиот профит на банките (инфографик)

admin

Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?

admin

Се скрши Алијансата, се разделија патиштата на двоецот Села-Таравари

admin

„Фуриозни“ сто дена на Влада, граѓаните чекаат резултати

admin

Ердоган: Никој не може да го спречи “Векот на Турција”

admin