Пишува: Трифун Костовски
Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка, споделувам со вас мои заклучоци базирани на вистински, несоборливи факти.
Со одлука на Народна банка, Еуростандард банката се однесе во стечај на 12 август 2020 година .
Изминаа полни 50 месеци од тој, за мене, моето семејство и многу клиенти на банката, црн датум.
Не треба голема мудрост за да се заклучи дека Еуростандард банка беше однесена во стечај по нечија наредба.
Во денешнава колумна ќе се потпрам само на факти кои се наметнуваат како заклучок на проста математика.
Еуростандард банка во стечај ги има исплатено или во блиска иднина ќе ги исплати сите правни и физички лице, бидејќи во стечајната маса има доволно средства, повеќе од побарувањата. Со еден збор, нема оштетен клиент од некогашната Еуростандард банка. Единствените оштетени сме ние, акционерите и вработените во некогашната Еуростандард банка и Македонски пошти.
Мојата битка ќе ја продолжам во име на вистината за стечајот на Еуростандард банка и секако ќе барам обештетување, зашто јас и моето семејство имаме замрзнат имот кој не смееме да го користиме за додатни приходи или да го отуѓиме, веќе 50 месеци.
Ударот кој беше нанесен со стечајот на Еуростандард банка ги поремети животните патишта на повеќе од 300 вработени кои имаа солидна егзистенција. Згора на тоа, Македонски пошти денеска е на работ на самоуништување, што е поразителен факт.
Македонски пошти имаше сериозни приходи од соработката со Еуростандард банка. Заеднички со Поштенска банка опслужувавме 80.000 пензионери, а преку експозитурите на Македонски пошти, Еуростандард банка обавуваше платен промет од 1,4-1,6 милиони плаќања во текот на еден месец. Прихиодите од сервисот на платен промет цели 70% одеа на сметка на Македонски пошти. Грубо кажано, вкупните приходи на Македонски пошти, од соработката со Еуростандард банка, изнесуваа од 350-400 илјади евра месечно.
Денес, Македонски пошти немаат пензионери, а платежниот промет е раскрчмен меѓу останатите банки во земјата. Математички, Македонски пошти со одењето на Еуростандард во стечај на годишно ниво изгуби 4,5-5 милиони евра сигурен приход.
Тимот кој ја води стечајната постапка на чело со стечајниот управник, изминатите 50 месеци има потрошено 5,5-6 милиони евра. Тоа се средства кои што тимот кој го води стечајот ги користи токму од стечајната маса. Најпросто кажано, тоа се пари на банката или кажано без задршка, тоа се мои пари.
Стечајните управници го продаваат имотот на Еуростандард банка по багателни цени за да прикажат помал прилив на средства во стечајната маса на банката. Како е можно, уникатен простор и зграда во ценатарот на Скопје, да бидат отуѓени за 2.000 евра по метар квадратен? Повеќе од јасно е дека истиот не може да биде отуѓен по цена пониска од 8-10 илјади евра за метар квадратен пазарна цена.
Во прашање се блиску 30 милиони евра помалку приходи во стечајната маса.
Почитувани читатели, за горе наведените факти стојам исправено пред органите на прогонот. Зборувам аргументирано и стојам зад секој мој збор. Ако се невистинити нека ме демантираат и докажат спротивното.
Верувам и сакам да верувам дека Владата предводена од Премиерот Мицковски, вистински ќе се фати ви коштец против организираниот криминал и корупција, бидејќи повеќе од јасно е дека Еуростандард банка е жртва токму на организираниот криминал, каде што се вклучени, поединци, групи и институции во системот, како Народна банка, Техничката влада на Оливер Спасовски, Јавното обвинителство и органите на прогонот.
Јас продолжувам. Оваа битка ја водам за себе и за останатите мои сограѓани оштетени од криминалниот систем. Мојата цел е да градиме праведно општество за сите граѓани. Нека ме чини колку сака, мојот духовен мир е скапоцен, а ќе го имам само кога ќе ја докажам правдата за моите пари.