Планот за тргање на основите по кои се забранува дискриминација, како родовиот идентитет и сексуалната ориентација, ќе ги обесхрабри жртвите да побараат заштита, реагира дел од граѓанскиот сектор. Министерката за образованиe тврди дека МОН е против секаква дискриминација, но смета дека нема потреба да се набројуваат сите основи за дискриминација. Од Комисијата за антидискриминација вела ова е политичка порака.
Ако досега законите даваа јасна порака дека се забранува дискриминација врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација во основното образование, во иднина тоа би можело да исчезне.
Тргањето на овие одредби од листата основи по кои се забранува дискриминацијата, е една од планираните законски измени кои покренаа низа реакции кај дел од невладиниот сектор и активистите. Тие сметаат дека ова е уназадување на процесот, но и порака од надлежните дека одредени ранливи категории лица не се заштитени. Загрижени се дека вакво изоставање ќе има и со новиот закон за средно образование што треба да се донесе.
Од ресорното Министерство за образование и наука, пак, се децидни дека се против секаков облик на дискриминација и сметаат нема потреба да се набројуваат сите основи бидејќи на крајот од законските одреди е наведена фразата „и друго“. Измените, меѓу другото, ги оправдуваат со „традицијата“ и „духовната состојба“ на населението.
Меѓутоа, и дел од невладиниот сектор и од Комисијата за антидискриминација алармираат дека ова се коси и со Законот за спречување и заштита од дискриминација кој ги содржи одредбите род, родов идентитет и сексуална ориентација и наложува законодавството во земјава да се усогласи со овие одредби.
„Иако набројувањето на основите за дискриминација во двата закони завршуваат со некаква клаузула ’и сите други основи‘, секако сексуалната ориентација и родовиот идентитет може да влезат тука, меѓутоа нивното отстранување од таксативно наброените основи е политичка порака која кажува дека државата не го става фокусот или не ги приоретизира овие две основи за заштита од дискриминација“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата.
Што ќе значат измените во пракса?
Родот, родовиот идентитет и сексуалната ориентација ќе постојат во генералниот закон за борба против дискриминацијата, меѓутоа доколку се отстранат од законите за основно и средно образование тоа би можело да значи обесхрабрување на децата да побараат заштита, сметаат граѓанските организации.
„Во пракса ќе имаме сериозна повреда за заштита од дискриминација. Ќе влијае детето што е дискриминирано да се обесхрабри, да мисли дека некој има право да му го прави тоа“, вели Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
Во пракса измените не би требало да значат ништо, но тоа доколку е во прашање идеално општество во кое сите би биле запознаени со законите и би знаеле дека имаат механизам на заштита преку генералниот закон за антидискриминација.
„Меѓутоа, ако сте вие неука странка која ќе сака да побара заштита и во таксативно наброените основи, не ги видите овие две основи, може да бидете во заблуда или во прашалници дали воопшто може да побарате ваква заштита. Во пракса ова може да значи одвраќање на лица кои претрпеле дискриминација по овие основи, да побараат заштита од дискриминација“, посочува Јадровски.
Ирена Цветковиќ од невладината Коалиција Маргини потсетува дека средношколец во Велес веќе има добиено случај пред Комисијата за антидискриминација врз основа на сексуална ориентација што е позитивен пример како ученик успеал да се избори и да зајакне благодарение на овој процес.
„Досега, како резултат на антиродовите движења и кампањи, имаше стопирање во носењето на одредени закони, како што се тие за родова еднаквост и матична евиденција. Сега доколку се направат законските измени во образованието, ова би било првпат да имаме уназадување на законите“, вели Цветковиќ.
Коалицијата Маргини и повеќе до 20 невладини организации обединети во Платформата за родова еднаквост имаат и заедничка реакција на планираните измени претставуваат „најгрубо кршење на правата на децата, како и директно загрозување на нивниот ментален и физички интегритет“.
„Кога институциите системски ќе исклучат и избришат одредени групи ученици, тогаш тие директно даваат сигнал дека се охрабрува понатамошното исклучување и опресија во општеството на овие групи. Дополнително, ваквите постапки им даваат сигнал на агресорите, од коишто жените, девојчињата и ЛГБТИ+ учениците трпат постојано насилство, дека нивните постапки се само продолжеток на тоа како институциите ги третираат овие групи, нормализирајќи го нивното насилство“, пишува во дел од реакцијата.
Јаневска: Нема потреба да се набројуваат сите основи
За ваквите измени, министерката за образование Весна Јаневска во неделното интервју на Радио Слободна Европа, кажа дека и тие се против секаков вид на дискриминација, но по реакциите кои ги добиле од јавноста заклучиле дека треба да бидат внимателни во однос на тоа како се изразуваат.
„Да не биде недоразбирање, на крајот на реченицата има ’и друго‘ што опфаќа секаков вид на дискриминација. Не знам зашто би требало да го оптоваруваме законот и да ги набројуваме сите видови дискриминации кои постојат, затоа што тоа е номо-техника. Зборот „и друго“ на крајот на реченицата ги опфаќа сите можни постоечки видови на дискриминација“, рече Јаневска.
Зборувајќи за реакциите во македонската јавност за овие прашања, министерката вели „нашето население смета и тоа е составен дел на една традиција и духовна состојба, дека децата треба да учат тоа што е соодветно за возраста“.
„За да немаме револт, за да немаме недоразбирања, малку ги прилагодуваме нашите изрази и зборови за тоа што го нудиме да биде прифатливо за сите“, додаде министерката.
Меѓу оние кои негодуваа на актуелните законски одредби, е и Коалицијата за заштита на децата, која периодов води кампања на социјалните мрежи дека има два пола – машки и женски, често пистоветувајќи ги термините пол и род. Ова движење изминатиот период се противеше и на сексуалното образование во училиштата обвинувајќи дека дел од невладиниот сектор во овразованието турка разни идеологии од кои „најстрашувачка е (транс)родовата“.
Актуелниот Закон за основно образование е од 2019 година. Сега повторно се отвора поради тоа што државата треба да спроведе пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со која треба да донесе законски измени за да се спречи сегрегацијата на Ромите во основното образование. Меѓутоа, граѓанскиот сектор обвини дека ситуацијата се користи како параван за во пакет со овие, да се протнат и измените за отстранување на родот, родовиот идентитет и сексуалната ориентација од членот каде се наведуваат основите за антидискриминација.
Покрај овие, невладините реагираат и за други планира измени. Една од нив е и во делот од законот каде се наведува дека „училиштето се грижи за сексуалното и репродуктивното здравје на учениците преку обезбедување информации базирани на научни сознанија, човекови права, родова еднаквост и промовирање на почитување на различностите“. Тука, според планот, „родовата еднаквост“ ќе исчезне и ќе се замени со зборовите „еднакви можности“.
Измените за основно како и предлог законот за средно образование треба да добијат зелено светло од Владата. Откако ќе поминат на владина седница, ќе влезат во Собрание.
Десетици случаи во последните три години
Кога е во прашање дискриминацијата врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација, според извештаите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, изминатите три години таа била утврдена во десетици случаи. Во овие бројки не влегува само образованието туку и сите останати области.
„Од една страна, тоа значи дека луѓето тука препознаваат дека може да добијат заштита, а од друга страна значи и дека имаме реален проблем со дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Не зборувам тука само за образование туку и за сите други општествени области што значи дека ние имаме реален проблем со ваква дискриминација“, вели Јадровски.
Лани, на пример, дискриминација по основ на родов идентитет и сексуална ориентација била утврдена во по 11 случаи, а во три врз основа на род. Во 2022, во 25 случаи имало дискриминација поради сексуална ориентација, во 20 поради родов идентитет и во пет по основ на род. Во 2021, пак, имало седум односно осум случаи врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет, а во два била утврдена дискриминација врз основа на род. /РСЕ