Пишува: Денко Малески
Најголемата партија на Албанците во Македонија упати писмо до САД, ЕУ и НАТО да се ангажираат за, како велат, да нема дестабилизација и да се сочува мирот. Темата е претстојната седница на Уставниот суд на чиј дневен ред е албанскиот јазик.
Премиерот Мицкоски вели дека го информирал „странскиот фактор“ и дека она што се прави во земјата е усогласено со ставовите на оние од истите адреси на кои е упатено писмото од ДУИ. Тоа ми кажува дека и двете скарани страни во македонската политика се во заблуда. Мислат дека се е како досега, дека ништо битно не се сменило во меѓународната политика.
Имено, од потпишувањето на Охридскиот договор наваму, штом упаднеме во криза, преку своите амбасадори во земјата или преку дипломатски пратеници, сојузниците интервенираат во нашата внатрешна политика. Но, мислам дека работите се сменети: САД, ЕУ и НАТО имаат поважни работи на својата агенда за да ги решаваат проблемите помеѓу нашите политички партии.
И да се повторам за поважните таботи: Трета светска војна, на пример. Но, и повеќе од тоа: Америка ја менува својата надворешна политика. Јавноста во САД, на пример, смета дека нивната држава не треба да троши време и ресурси во решавање на туѓи проблеми, политичка линија која допрва ќе ја почувствуваме со новата администрација на претседателот Трамп.
Убедувањето кај ДУИ дека е доволно само да се спомне Охридскиот договор, производ на заедничкиот напор на САД, ЕУ и НАТО, за сите да скокнат на нозе, мислам дека е погрешно. Погрешно е и убедувањето на премиерот Мицкоски кој мисли дека пријатниот дипломатски речник и насмеаните лица на нивните политичари и дипломати низ салоните на Брисел, значи и одобрување на неговите политики.
Понесени од убедувањето дека ништо не се сменило на Запад, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во заблуда дека некој однадвор ќе се затрча да ги раздвои, ја ескалираат реториката, загрозувајќи ја политичката стабилност на државатавоа.
Лекцијата од ова искуство со наврапита „правна“ интервенција во меѓуетничките односи без суштински и отворен политички дијалог меѓу партиите, од кој сите ќе разбереме во што е проблемот, е во една проста и строга политичка аксиома. Имено, дека современата демократска држава не е само центар за наметнување на закони туку пред се место каде што се помируваат конфликтните интереси помеѓу позначајните групи во општетсвото. Бидејќи способноста за дијалог е пресудна за успешното функционирање на демократската држава како центар за помирување на конфликтите, а ние таа способност ја немаме, ќе учиме на тешкиот начин. Импресионирани од политичката моќ, функционери на новата власт употребуваат израз кој ми крева морници: „Се е под контрола“. Тоа, се сеќавам, биле зборовите на Лазар Колишевски како претседател на претседателството на Југославија упатени до загрижен сопартиец за судбината на федерацијата после смртта на Тито. Испадна дека, безграничната верба во политичката и репресивната моќ и во силата на зконите на сметка на дијалогот и прилагодувањето, била погрешна. Праксата покажа дека демократиите, тие комплицирани, спори и здодевни политички системи во кои се носат одлуки преку мачни преговори и компромиси се стабилни, додека авторитарните системи и наметнатите со закон одлуки, се фактор на дестабилизација и се рушат како кула од карти.Затоа, наместо да бараме помош од надвор или да посегаме по репресивни мерки дома, поумно е засегнатите страни да почнат отворен дијалог пред јавноста, за секој да ја разбере туѓата мака, а јавноста – заедничката. /Libertas.mk