Јулијан Гампер е под притисок. И тоа буквално, затоа што овој машинист како шеф на истоимената компанија одлично се разбира во вентили. Заедно со неговиот брат Аксел, тој го води семејниот бизнис кој произведува делови за системи за греење. „Уште како дете, ги поминував викендите во друштво со татко ми во компанијата. Знаевме како да ги демонтираме вентилите, да ги измериме и да ги провериме“, вели 63-годишникот, насмевнувајќи се. Но, набргу лицето му станува сериозно. „Оттогаш, секоја деценија имаме големи кризи, од нафтената криза во 1970-тите до финансиската криза во 2008 година. Сите дојдоа однадвор. Сега Германија самата предизвика многу од проблемите.“
Оваа средна компанија, како и целата германска економија, зад себе има тешката година. Гампер вели дека не може да се пофали со деловниот биланс на неговата компанија за 2024 година и се сомнева „дека 2025 година ќе биде исто толку слаба како 2024 година“. Тој вели дека веќе морал да отпушти неколку луѓе.
Наметнувањето на нов систем на греење ги разбесни граѓаните
За ваквата состојба, меѓу другото, ја обвинува и распаднатата германска влада и пропаднатиот закон за енергетско санирање на станбените згради, познат и како „закон за греење“. Ова е застрашувачки пример за прекумерна регулатива, посочува овој среден претприемач. Имено, овој закон предвидува дека сите стари системи за греење, првенствено оние кои користат нафта и гас, мора да се заменат со климатски неутрални системи, како што се топлинските пумпи. Тоа предизвика голем гнев кај населението, поради што законот е донекаде ублажен. „Сето ова ги збуни луѓето и сега никој не знае во која насока се оди“, објаснува Јулијан Гампер.
Тој се жали и на други фактори кои според него и мислењето на многу негови колеги претприемачи доведоа до актуелните проблеми во германската економија. Тоа се, на пример, високите трошоци за енергија, недостаток на квалификувана работна сила и високите даноци, објаснува тој. Тој, исто така, се надева на промена на власта во Берлин и очекува новата влада да има поголема доверба во претприемништвото во Германија. „Само треба да нè остават да работиме.“
Политичките неизвесности доведоа до пад на инвестициите
Многу средни претпријатија во Германија делат слично мислење. Според истражувањето на институтот ифо, дури една третина од овие компании очекуваат влошување на состојбата оваа година. Бројките докажуваат дека се во право во оваа негативна прогноза. Бруто домашниот производ во Германија минатата година падна за 0,2 отсто, како што наведува Сојузниот завод за статистика. Во 2023 година тој пад беше 0,3 отсто. Ваков негативен развој последен пат е забележан во 2002 и во 2003 година. Шефицата на заводот за статистика, Рут Бранд, објаснува дека економскиот раст минатата година бил спречен од цикличните и структурните притисоци. „Тие ги вклучуваат зголемената конкуренција за германскиот извоз на важни продажни пазари, високите трошоци за енергија, континуирано високите каматни стапки, но и неизвесните економски изгледи.“
Покрај лошата состојба на градежниот и малопродажниот сектор, германската економија е погодена и од политички несигурности – од руската војна против Украина до турбуленциите во буџетот на сојузната влада и распадот на таканаречената семафор коалиција.
Многу компании се внимателни во однос на инвестициите, бидејќи не се знае исходот од предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат на крајот на февруари, па затоа не се познати и идните економско-политички рамковни услови.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во своите прогнози за Германија претпоставува дека најголемата европска економија ќе расте бавно како и секоја друга индустриска нација оваа година. А домашните економски експерти во најдобар случај сметаат на минимален раст од 0,2 отсто.
Потребни се даночни олеснувања
Значи, што треба да прави политиката за стагнирачката германска економија? Институтот ифо од Минхен бара од новата влада темелна реформа на германскиот даночен систем по изборите. „На бизнисите им се потребни импулси за инвестиции и раст. Од друга страна, многу правила, исклучоци и привилегии треба да се укинат, бидејќи тие водат до поголема бирократија и го попречуваат растот“, вели претседателот на ифо, Клеменс Фист.
Тој притоа се осврнува на домаќинствата со пониски и средни примања, наведувајќи дека токму ним даночната реформа треба да им го олесни животот и да ја направи работата поатрактивна.
Претприемачот Јулијан Гампер сака претпазливо да чека до 2026 година, бидејќи, како што вели, коалициските преговори и новите закони ќе бараат време. Важно е, посочува тој, дека сојузната влада повторно сака да слушне што има да каже економијата. „Глобалните компании не се столбот на нашата економија, туку средните бизниси. Новата влада треба да го запомни ова – и да постапи соодветно.“
Автор: Аксел Џон, СВР, АРД