6.8 C
Скопје
14 февруари, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНА

Ретко се открива непочитување на „недела неработен ден“

Во три години откако беше воведена „недела неработен ден“, направени се над 350 контроли од кои само во 70-тина биле откриени недостатоци или биле изречени забрани за работа. Лани, пак, по пријави на работници инспекторите изрекле само 17 решенија поради неправилности и седум парични казни. И дел од синдикалците и дел од бизнисмените, како еден од проблемите ја посочуваат несоодветната евиденција на работното време и неправилните пресметки за плаќање работа во недела.

Работнички во текстилна конфекција во источниот регион на Северна Македонија неодамна добиле задача да работат во недела. Но, веднаш била испратена инспекција, па неделата им останала неработна.

Ова е најсвежиот пример кој го евидентирале од граѓанското Здружение за заштита на работничките права „Гласен текстилец“ за тоа колку се почитува законското решение недела да биде „ден на неделен одмор“. Меѓутоа, велат, ваквите примери се ретки.

„Ова е еден од ретките закони кои се имплементираа на терен. Уште на самиот почеток се ’покажаа заби‘ и од старт имаше имплементација“, вели Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ кои како здружение беа едни од најгласните поборници за ова работничко право.

Текстилната индустрија не е меѓу 40-тината дејности кои се исклучок од правилото „недела неработен ден“. Вработените во дејностите кои може да работат в недела, според прописите, ги следува најмалку 50 отсто повисока дневница за секој час поминат на работа и право на слободен ден во наредните седум дена. По три години од воведувањето, власта најавува ревизија, дел од бизнисот „навива“ и за целосно укинување, синдикалците негодуваат. Но, колку досега се почитуваше ова законско решение?

„Недела неработен ден“ почна да се применува од 1 јануари 2022 и оттогаш се извршени вкупно 357 инспекциски надзори, покажуваат податоците што Радио Слободна Европа ги доби од Државниот инспекторат за труд (ДИТ). Но, во повеќето од овие контроли не биле откриени нерегуларност односно издадени се само 57 решенија за „отстранување недостаток“ и 16 забрани за работа на работодавците кои не го почитувале законот.

17 вонредни контроли по пријави од работници – каде има најмногу неправилности?

Во текот на 2024 година, инспекторите направиле и 17 вонредни контроли по пријава од самите работници и изрекле исто толку решенија од кои 12 биле опомени, две наредби и три забрани за работа. Покрај тоа, изрекле и седум прекршочни парични казни.

Инфографика - Инспекциски надзори за „Недела неработен ден“
Инфографика – Инспекциски надзори за „Недела неработен ден“

Од 17-те решенија, најмногу – 9 биле поради тоа што се работело во недела иако не смеело. Седум, пак, биле поврзани со тоа што работодавецот не овозможил право на неделен одмор во следните седум дена или не исплатил додаток за работа, додека три затоа што фирмата иако има обврска, не пријавила до ДИТ оти ќе работи во недела.

Ако се погледне по региони, најмногу од 17-те неправилности биле констатирани во полошкиот – 5 и во скопскиот регион – 4. Во нив се изречени и седумте парични казни – 2 во полошкиот и 5 во скопскиот. Четири неправилности, пак, биле откриени во источниот регион, додека по една во вардарскиот, југозападниот, пелагонискиот и северо-источниот.

Кога се во прашање дејностите, ги има различни. Најмногу – 7 се во категоријата „други услужни дејности“, додека четири биле во објекти за сместување, а останатите по една или две неправилности биле во земјоделството, текстилството, градежништвото, трговијата, уметноста и забавата, финансиската и осигурителната дејност…

Проблеми со евиденцијата на работното време

Ова законско решение, иако не е идеално, треба да остане и да се почитува, смета Ампева. И таа, како и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), е на став дека има дејности што не мора да работат в недела, а како примери ги посочуваат трговските центри.

„Една Грција и Црна Гора кои се зависни од туризам, одлучиле да не работат. Или нека се донесе нов начин на евиденција на работното време што ќе биде поврзано со некоја од институциите – ДИТ или УЈП, за да нема манипулации. Ако тоа се направи, јас лично ќе се откажам од законското решение, но додека нема релевантна евиденција и не се исплаќа трудот на работниците како што треба, не треба промени“, вели Ампева.

Неводењето соодветна евиденција и со тоа несоодветната пресметка, доведува до тоа дел од работниците на крајот од месецот да немаат драстична разлика во платата што создава и незадоволство, смета и дел од бизнис секторот. Миле Бошков, од Бизнис конфедерацијата на Северна Македонија, вели дека ова е проблем со кои се соочуваат фирмите со помал број на вработени.

„Немањето познавање и неводејќи соодветна евиденција, некои не знаеја и колку да ги исплатат работниците. Тоа создава еден лош ефект работници-работодавци. Тоа е во поголемиот дел од македонските мали и средни компании, кај големите има поместување“, вели Бошков за РСЕ.

„Кој сака нека работи во недела“

Ова, тој го посочува само како еден од „негативните ефекти“ на „недела неработен ден“ поради што неговиот став е дека треба да се дозволи на оние што сакаат, без разлика на дејноста, да работат во недела и да плаќаат дневници согласно закон.

„Луѓето за време на викенд, поголемиот дел што се ангажирани во текот на недела, наместо да излезат и да потрошат некоја пара во нашата економија – дуќани, ресторани, хотели, тие имаат навика да одат на друго место да купуваат и ја развиваат пограничната економија во сите соседни земји“, вели Бошков.

Ова особено им смета на занаетчиите.

„Ние баравме од почеток недела да биде неработен, но за тие што сакаат“, вели за РСЕ, Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора.

Тој вели дека законската определба, покрај тоа што ја развила економија во пограничните градови во соседството, создала и сива економија, па голем дел од маалските дуќани работат со затворени врати и вработените вистински не одмораат.

„Го имаме примерот со фризерските и козметичарските дејности, дел работат на црно дел се затворени, а имаат најголема потреба во недела бидејќи тогаш има свадби, крштевки итн. Исто како што работат аптеки, во недела треба да работи и некој автомеханичар“, додава Фазлији кој нагласува и дека со тоа што не работат маалски дуќани и занаетчии, а работат само моловите е направена и економска дискриминација.

Додека повеќето комори се залагаат за ревизија на актуелниот закон, синдикатите постојано го искажуваат својот став против. Тие потсетуваат оти не само недела туку и сабота е неработен ден.

„Нагласуваме дека и сабота е неработен ден имајќи предвид дека законското решение за редовно работно време во државата е 40 часа, а по правило работната недела е петдневна од понеделник до петок. Не видовме дека газдите, особено овие најгласните, го сменија своето работно време и работат со работниците во недела и со таков начин даваат пример на работниците дека да работиш во недела е добро“, изјави неодамна претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов за РСЕ.

Дебатата за ревизија на законот се одвива во Економско-социјалниот совет (ЕСС) кој го формираше Владата, а во кој членуваат и синдикатите и работодавците. Оттаму, треба да произлезе и решението.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна го соопшти својот став дека треба да им се овозможи во недела да работат „оние кои ќе постигнат договор и ќе добијат двојно или тројно повисока дневница“. Или ќе важи за сите или нема да важи за никого, рече Мицкоски.

Опозицискиот СДСМ, во чие владеење беше воведен законот, ја обвинува актуелната Влада дека сака да укине право кое работниците го стекнале по повеќедецениска борба.

Исклучок од правилото за недела неработен ден“ во моментов се оние дејности каде работните процеси не можат да трпат прекин, како што се на пример одгледувањето животни, копањето јаглен и руди, производството на гас, фармацевтски производи, леб, аптеки, медиуми, трговци во туристички места.

Прогласувањето на недела за неработен ден односно за „ден за неделен одмор“ во 2022 година беше оспорено пред Уставниот суд од Стопанската комора. Меѓутоа, уставните судии ја отфрлија иницијативата со став дека наводите на бизнисмените се неосновани. /РСЕ

Related posts

Иран започна масовен ракетен напад врз Израел по атентатите на Хамас и Хезболах

admin

Има ли листа на бугарски државјани на кои им е забранет влез?

admin

МЕЏИТИ – ПОВЕЌЕ ИЗЛЕГУВААТ ОТКОЛКУ ШТО ВЛЕГУВААТ ВО ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО

ninja

Гаши: Бојкот на Собранието, ако не биде изгласан нашиот кандидат за член на ДИК

admin

Раскол во ИВЗ, се продлабочува поделбата меѓу реисот Шаќири и муфтијата Несими

admin

КОЛЕРА И ДРУГИ ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ-ЗАКАНА ЗА ОБЛАСТИТЕ ПОГОДЕНИ ОД ТУРСКИОТ ЗЕМЈОТРЕС

ninja