Лидерот на Демократското движење (ЛД), Изет Меџити, на партиски собир во скопската општина Бутел, упати јавен повик до младите членови на Демократската унија за интеграција (ДУИ) да се приклучат на неговото движење.
„ЛД е вистинскиот дух на ДУИ, а младите треба да станат дел од оваа партија“, изјави Меџити, нагласувајќи дека политичката платформа ВЛЕН ќе ја предводи албанската политика во Северна Македонија.
„Вистинскиот дух на ДУИ сега е во рамките на Демократското движење. Затоа, обичните и посветените членови, младите кои граделе политичка и административна кариера, но не добиле можност, секојдневно ни се приклучуваат. Ги повикувам сите да дојдат и да бидат дел од ЛД, дел од ВЛЕН, затоа што ова е политичката формација што ќе ја предводи албанската политика во Северна Македонија“, рече Меџити.
Истовремено, Централното претседателство на ДУИ одржа состанок во партиското седиште во Мала Речица, каде што беше разгледан процесот на севкупни реформи и внатрепартиски ветинг. Партијата, предводена од Али Ахмети, истакна дека оваа иницијатива е дел од заложбите за поставување примерни политички стандарди.
Заменик-претседателот на ДУИ, Арбер Адеми, изјави дека партијата била иницијатор за воведување на ветинг во политиката, како и за предложениот Закон за ветинг на политичари.
„Денес, членовите на нашето Централно претседателство го започнуваат процесот на ветинг и потпишуваат Кодекс за добра практика и интегритет. Со тоа, реформскиот процес во ДУИ продолжува, а нашата посветеност кон транспарентноста и етичкото лидерство се зацврстува. Овој чин е доказ за нашата решителност да ја трансформираме партијата и да поставиме репер за политиката во целиот регион“, изјави Адеми.
ДУИ соопшти дека лидерот Ахмети нагласил дека стратегијата за реформи опфаќа не само пратеници, туку и високи партиски функционери и локални раководители. Според него, ваквиот пристап е насочен кон зајакнување на антикорупциската позиција на партијата и промовирање на култура на интегритет во сите политички процеси.