Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити денеска изјави дека поднесувањето документи од страна на СДСМ во Владата, како поткрепа на сомневањата за корупција и неправилности во неговото работење, претставува обид да се продолжи приказната и дека административната или архивската работа не може да се прикаже како голем скандал.
„СДСМ, за жал, оди по логиката на ДУИ, што укажува на синхронизирани напади. Прво се зборуваше за одземање на ингеренции на Министерството за животна средина. Кога сфатија дека Инспекторатот, кој беше автономен во нивно време, сега е сектор во Министерството, преминаа на обвинувања за потенцијална злоупотреба, утврдена од Административниот инспекторат“, изјави Меџити пред почетокот на завршниот настан на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на индустриското загадување“.
Меџити појасни дека се работи за редовна контрола, планирана во програмата на Државниот административен инспекторат. „Станува збор за опомена со забелешка за воспоставена пракса, а не за злоупотреба на ингеренции или други нерегуларности“, нагласи тој.
Според него, ваквата пракса е воспоставена од 2016 година, кога министер за животна средина бил Нуран Изаири, а потоа продолжила со Башким Ахмети, Садула Дураку, Насер Нуредини и завршила со Каја Шукова – сите министри од редовите на СДСМ и ДУИ.
Меџити додаде дека Управниот инспекторат веќе ја обжалил опомената. „Ќе почекаме да видиме каков ќе биде исходот, но станува збор за административна процедура, а не за суштински прекршок“, рече тој.
Министерството за животна средина во соопштението приложи документи со детали за практиката, нејзиното потекло и функционирањето.