Новиот концепт за гимназиско образование во Северна Македонија, кој предвидува промени во наставната програма, ќе им овозможи на учениците подобри резултати и насочување кон предметите што ги интересираат, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во интервју за Гласот на Америка.
„На прво место ќе бидат афинитетите на учениците, што ќе придонесе за подобри постигнувања во образованието“, рече Јаневска, бранејќи ја реформата што предизвика реакции во јавноста.
Промените предвидуваат одредени предмети да станат изборни, вклучувајќи ги филозофијата и социологијата, додека етиката ќе биде целосно исклучена од наставната програма. Некои наставници и универзитетски професори реагираа дека со ова ќе се намали квалитетот на образованието, но Јаневска ги отфрла овие критики.
„Не се укинуваат предметите. Филозофијата ќе се предава со два часа неделно во третата и четвртата година, а во неа ќе бидат вклучени и логика и етика“, изјави министерката, додавајќи дека наставниците имаат слобода да го обликуваат програмскиот материјал.
Новата концепција воведува и задолжителна општествено-корисна работа од 36 часа годишно, со цел учениците да се вклучат во активности како што се волонтирање во старски домови или болници. „Ова ќе им помогне на младите да ја согледаат реалноста и да се социјализираат во општеството“, истакна Јаневска.
Спортските, музичките и ликовните активности, кои според новата концепција ќе имаат намален фонд на часови, ќе бидат надополнети преку дополнителни задолжителни секции во училиштата, тврди министерката.
Јаневска потврди дека педесет училишта низ државата се затвориле поради намалувањето на бројот на ученици како резултат на иселувањето. „Државата мора да ја оптимизира мрежата на училишта за да обезбеди квалитетна настава и соодветни услови за учениците“, рече таа.
Јавната расправа за новиот концепт продолжува, а Министерството за образование и наука е подготвено да направи измени врз основа на стручните и јавните сугестии, заклучи Јаневска.