19 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАСВЕТ

Минхенската безбедносна конференција во сенка на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп на безбедносната конференција во Минхен го испраќа потпретседателoт Џеј Ди Венс. За Европејците тоа може да биде непријатна средба.

Традиционално блиските врски меѓу Соединетите Американски Држави и Европа со децении ја обликуваа Минхенската безбедносна конференција. И покрај некои разлики, во основа постоеше единство. Имаше добра соработка, а партнерите се ценеа еден со друг. Но, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде функцијата, оваа сигурност се распаѓа. Конференцијата, која започнува во петок (14.02) и е меѓународно позната како Минхенска безбедносна конференција (МСЦ), затоа е и показател за состојбата на трансатлантските односи.

Нови тензии меѓу САД и нивните сојузници?

Едно е сигурно: Веќе во првите недели од вториот мандат на Трамп како претседател на САД, од Вашингтон дува различен ветер: „Америка на прво место“ е безусловното мото на Трамп, дури и ако неговата политика паѓа на сметка на неговите сојузници. Овие тензии веројатно ќе им дадат печат на дел од дебатите во традиционалниот минхенски конференциски хотел „Бајеришер Хоф“, каде што од 14 до 16 февруари ќе разговараат политичари, воени претставници и експерти.

Германија | Минхенска безбедносна конференција | Кристоф Хојсген
Кристоф Хојсген на отворањето на МСЦ во 2024 годинаФотографија: Tobias Hase/dpa/picture alliance

На МСЦ се очекуваат дури 60 шефови на држави или влади. Конференцијата се смета за најважен светски форум за безбедносна политика. Од новата американска администрација, покрај потпретседателот Џеј Ди Венс, свое присуство потврди и министерот за надворешни работи Марко Рубио, но не и новиот американски министер за одбрана Пит Хегсет. Покрај нив, претседавачот на конференцијата Кристоф Хојсген најави дека се очекува една од најголемите делегации од американскиот Конгрес што некогаш дошла на МСЦ. Меѓу гостите е и новиот генерален секретар на НАТО, Марк Руте.

„Измамени“ од Европа

Конференцијата за безбедност е неформален состанок на кој не се носат одлуки. Токму затоа таму се негува отвореност во дебатите и конфликтите не се туркаат под тепих. Доналд Трамп веќе даде нов, поостар тон во трансатлантските односи. „Од европските нации бевме измамени и во трговијата и во НАТО“, се цитира изјава на Трамп дадена за време на предизборната кампања во САД во „Минхенскиот безбедносен извештај“, објавен по повод конференцијата. И уште ова упатено на адреса на Европејците: „Ако не платат, нема да ги заштитиме“.

САД американскиот потпретседател Џеј Ди Венс
Неговиот говор во Минхен се очекува со нетрпение: американскиот потпретседател Џеј Ди ВенсФотографија: Leah Millis/REUTERS

Она што тој го смета за премалку инвестиции на некои европски НАТО-партнери во нивните армии е трн в око на Трамп. Тој за ова постојано ја критикуваше и Германија. Вашингтон досега го плаќаше лавовскиот дел од трошоците на НАТО и ѝ нудеше на Европа сигурна воена заштита. Тоа сега е поврзано со услови: Трамп бара сојузниците да потрошат пет проценти од својот брутодомашен производ за одбрана. Германија се бори да ја постигне целта од два процента, што во меѓувреме се смета за минимален стандард во НАТО.

Републиканецот Трамп веќе докажа дека може ригорозно да ги повлече американските средства од меѓународните организации. Според „Минхенскиот безбедносен извештај“, таборот на Трамп тоа го оправдува со тоа дека дури и светската сила САД има само ограничени ресурси и мора да ги искористи за доброто на сопствената земја. „Всушност, поимот ‘недостиг на ресурси’ стана централна премиса на републиканското размислување за надворешната политика“, се вели во извештајот.

Контури на мировен план за Украина?

Ова може да има негативно влијание и на помошта за Украина, каде што САД досега беа лидери. Во секој случај, има доволно материјал за дискусија за украинскиот претседател Володимир Зеленски и за пратеникот на Трамп за Украина, Кит Келог, кои исто така се очекуваат во Минхен.

Украина Изиум 2025 | спасувачи пред оштетена зграда по руски напад
Разурнувања во украинскиот град Изиум по руски напад извршен на почетокот на февруари 2025 годинаФотографија: Ukrainian Emergency Service/AP/picture alliance

Во пресрет на МСЦ, кружеа гласини дека Келог на безбедносната конференција може да го претстави планот на администрацијата на Трамп за ставање крај на војната во Украина. На прашањето во врска со ова, шефот на конференцијата Хојсген остана внимателен: „Се надеваме дека Минхен ќе биде искористен, а имаме и соодветни индикации за тоа, со цел да се постигне напредок кон воспоставување мир во Украина“.

Хојсген изрази надеж дека во Минхен може да се дадат контури на еден мировен план. Дипломатот истакна дека територијалниот интегритет и суверенитет на Украина мора да се зачуваат. Хојсген беше советник за надворешна политика на поранешната канцеларка Ангела Меркел и германски амбасадор во Обединетите нации во Њујорк.

Сепак, претставници на руската влада не се поканети на МСЦ. Основа за покана е „подготвеност за дијалог“, нагласи Хојсген, „и сè додека претседателот Путин не ја признава владата во Киев и Зеленски, не гледам предуслов за таков дијалог“. Во Минхен се добредојдени претставници на руската опозиција и невладини организации.

Трамповото барање во врска со Гренланд

Заканите на Трамп за анексија на територии, вклучувајќи го и Гренланд, кој ѝ припаѓа на Данска, предизвикаа немир и ужас во Европа. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ги поддржува експанзиниостичките планови на Трамп. Ако тој го потврди ова во Минхен, најверојатно ќе се соочи со силен отпор, особено од претставниците на ЕУ и европските држави.

Тие на заканата на Трамп одговорија со предупредување дека САД мора да го почитуваат меѓународното право. „Неповредливоста на границите е основен принцип на меѓународното право. Принципот мора да важи за сите“, коментираше канцеларот Олаф Шолц.

Не без причина претседавачот на МСЦ, Хојсген, пред конференцијата постојано ја нагласуваше важноста на меѓународното право. „Според мене, нема подобра алтернатива од поредокот кој се рефлектира во Повелбата на Обединетите нации.“

Една недела пред изборите во Германија

Германската внатрешна политика ќе има посебна улога на конференцијата оваа година: Средбата се одржува само една недела пред предвремените сојузни избори на 23 февруари – а со тоа и среде завршницата на изборната кампања. Неколку канцелари и шпиценкандидати го потврдија своето учество на МСЦ, вклучително и лидерот на ЦДУ и кандидат за канцелар Фридрих Мерц, кој според анкетите има најдобри шанси за победа на изборите.

Во нивните настапи веројатно ќе стане збор и за тоа колку пари Германија ќе инвестира во Бундесверот во иднина и од каде ќе доаѓаат средствата со оглед на тесните буџети. Прашањето не е дали, туку како Германија и Европа можат да направат повеќе за сопствената безбедност. Сега, кога Доналд Трамп се всели во Белата куќа, ова прашање на Минхенската безбедносна конференција најверојатно ќе се дискутира со поголема итност од кога било досега. /DW

Related posts

Ахмети: По изборите можна е национална влада за уставни измени

admin

Средба Вучиќ-Милатовиќ, за Косово се согласиле дека “не се согласуваат”

admin

Кастриот Реџепи: ВМРО-ДПМНЕ не е проти АзА, тие го поддржуваат Таравари во Гостивар

admin

Доаѓа ли војната на територијата на Русија?

admin

„Крајот на Шенген“: Новите гранични контроли на Германија го ставаат на ризик единството на ЕУ

admin

Џафери: Не е вистина дека сум примил допис или материјали од Груевски

admin