Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за 2023 година, наведувајќи сериозни недостатоци во управувањето со средствата, јавните набавки и внатрешната контрола.
Во својот конечен извештај, ревизорите утврдиле дека ДЗС не поседува имотни листови за значителен дел од своите објекти, а нивната вредност не е правилно евидентирана во финансиските книги. Дополнително, начинот на кој е спроведен пописот на средствата не обезбедува реална слика за финансиската состојба, што го доведува во прашање квалитетот на извештаите.
Спорни јавни набавки
Во извештајот се потенцира дека во текот на 2023 година биле исплатени 2,9 милиони денари без спроведена јавна набавка, а исто така биле ангажирани лица со договор на дело за редовни работни задачи, што е спротивно на законската регулатива.
Посебен фокус е ставен на осигурувањето на воздухопловите што ги користи ДЗС. Според ревизорите, институцијата исплаќа посредничка провизија од 25% на брокерско друштво, што предизвикува дополнителни трошоци од околу 208.000 евра во последните две години.
„Не добивме уверување за потребата и оправданоста на ангажирањето на брокерот“, се наведува во извештајот, додавајќи дека ДЗС има сопствено одделение кое може да ја подготвува тендерската документација.
Нефункционална опрема
Ревизијата открива и дека многу од засолништата кои се под надлежност на ДЗС се запуштени, затрупани со отпад или непристапни, што го доведува во прашање нивното користење во случај на природни непогоди или вонредни состојби.
„Во најголем дел од засолништата не беше можен физички пристап, а дел од нив беа отворени, необезбедени и се користат како депонии“, се наведува во извештајот.
Проблеми се забележани и со опремата за спасување, при што голем дел од средствата се застарени, неисправни или неупотребливи.
Во 2023 година, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) беше Беким Максути од ДУИ. На 20 август 2024 година, Владата го именува Џеват Селами од ВЛЕН за вршител на должноста директор на ДЗС, заменувајќи го Максути.
Се препорачува итна реформа
ДЗР препорачува ДЗС да ја подобри транспарентноста во трошењето на јавните средства, да воведе построга финансиска контрола, да го ревидира процесот на јавни набавки и да преземе активности за одржување на засолништата.
Извештајот ги истакнува и слабостите во внатрешната ревизија, бидејќи институцијата нема ниту еден вработен на таа позиција, што значи дека не постои механизам за следење на финансиското работење од внатре.
Од ДЗС засега нема официјален одговор за наодите во извештајот, но се очекува институцијата да ги разгледа препораките и да преземе соодветни мерки за подобрување на своето работење./Инбокс7