Поранешниот американски амбасадор во Северна Македонија, Филип Рикер, изјави дека односите меѓу САД и Северна Македонија остануваат цврсти и стратешки важни, по неодамнешната посета на премиерот Христијан Мицкоски на Вашингтон, пренесува Инбокс7.
„Мислам дека е прекрасно да се види дека премиерот Мицкоски, за релативно краток временски период, успеа да воспостави силни односи со Соединетите Држави, вклучително и со новата администрација“, рече Рикер во интервју за „Глас на Америка“.
Според Рикер, двете земји имаат извонредни односи, како и секогаш. Ангажманот на премиерот, без разлика дали е овде во Вашингтон за време на неговите посети, е клучен за двете страни од Атлантикот, изјави искусниот дипломат. Тој потсети дека разговарал со него во Минхен на Конференцијата за безбедност, што беше важна можност за Балканот, како и за пошироките трансатлантски прашања.
Мицкоски неодамна присуствуваше на инаугурацијата на претседателот Доналд Трамп и се обрати на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC), што беше протолкувано како сигнал за блискост со новата американска администрација.
„Северна Македонија немала подобар пријател од Соединетите Држави на меѓународната сцена. Ние бевме ангажирани во минатото и ќе бидеме во иднината на оваа земја, низ различни администрации“, додаде Рикер.
Според него, добрите односи се клучни за привлекување американски инвестиции во земјата. „Членството во НАТО значително ја зголеми безбедноста, што е важно за економскиот развој и просперитет“, нагласи поранешниот амбасадор.
“Да потсетиме дека американските инвестиции се одвоени од Владата. Очигледно, она што е важно – е создавање инвестициски амбиент во Северна Македонија што ќе биде атрактивен за инвеститорите во САД, а има програми на американската влада кои можат да ги поддржат и помогнат оние напори што беа дел од помошта за Северна Македонија и другите земји во регионот за да им помогнеме да го заживеат економскиот развој. Се разбира, членството во ЕУ одамна е политички приоритет за Соединетите Држави. Тоа се однесува на земјите од Западен Балкан. Многу паметно и брзо се движевме кон членството во НАТО, што мислам дека беше клучно. А членството во НАТО, се разбира, е многу важен аспект од она што ја прави Северна Македонија привлечна за странски инвестиции. Безбедноста е најважна за економскиот развој и просперитет”, изјави Рикер.
По враќањето во Скопје, Мицкоски изјави дека поддржувањето на политиките на администрацијата на Трамп е стратешка определба на неговата влада.
„Тоа е новото нормално што доаѓа од Вашингтон и што ќе го преплави светот. Мора да го запоседнеме теренот и да се пронајдеме во оваа нова реалност“, изјави Мицкоски.
Тој најави посета на Турција и средба со претседателот Реџеп Таип Ердоган, како дел од напорите за зајакнување на стратешките партнерства на Северна Македонија.
Во Обединетите Нации, Северна Македонија стана ко-спонзор на американската резолуција за Украина, потег што аналитичарите го оценија како сигнал за јасна надворешнополитичка насока на Скопје.
Опозициската СДСМ ја критикуваше владата за, како што велат, импровизирана надворешна политика, посочувајќи дека Северна Македонија потоа гласала воздржано за истата резолуција. „Ова покажува дека нема стратегија“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Мицкоски одговори дека неговата влада гради силна соработка со Вашингтон и ја обвини опозицијата за недоследност. „Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО и про-руски, а сега им пречи што имаме исклучително добра соработка со администрацијата на претседателот Трамп“, изјави премиерот.