19 март, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Северна Македонија останува „делумно слободна“ земја во извештајот на „Фридом хаус“

Северна Македонија останува во категоријата „делумно слободни“ земји со 67 поени, исто како и минатата година, според најновиот извештај на „Фридом хаус“ за слободите во светот.

Корупцијата е посочена како еден од најголемите предизвици со кои се соочува македонското општество. Иако медиумите и граѓанското општество се активно вклучени во јавниот дискурс, новинарите и активистите продолжуваат да се соочуваат со притисоци и заплашувања, се вели во извештајот.

Во истата категорија „делумно слободни“ се и соседните земји: Србија со 56 поени, Албанија со 68, Косово со 60, Црна Гора со 69, а Босна и Херцеговина со 52 поени.

Извештајот го рангира степенот на слобода во 195 земји и 13 територии врз основа на политичките права и граѓанските слободи, користејќи скала од 1 до 100, при што повисокиот број укажува на поголема слобода.

Глобален пад на слободите

На глобално ниво, извештајот покажува дека 2024 година е 19-та година по ред во која се бележи опаѓање на слободите. Бројот на земји каде што правата се ограничуваат е поголем од оние во кои се подобруваат, што, според „Фридом хаус“, влијае на повеќе од 40% од светската популација.

Финска е рангирана како најслободна земја со 100 поени, додека во регионот, Бугарија е оценета како „слободна“ со 77 поени, Грција со 85, Хрватска со 82, а Словенија, како најдобро рангирана од поранешните југословенски земји, има 96 поени.

САД имаат ранг 84, додека Русија доби само 12 поени, ставајќи ја меѓу најнеслободните земји. Деловите од Украина под руска окупација се со рангирање од -1, додека остатокот од Украина е оценет како „делумно слободен“ со 51 поен.

Вооружени конфликти и авторитаризам

Извештајот истакнува дека вооружените конфликти се главен фактор за намалувањето на слободите ширум светот.

„Овие конфликти не само што ја загрозуваат безбедноста и суверенитетот на демократските нации, туку и поттикнуваат недозволена трговија со оружје, создаваат засолништа за криминални организации и овозможуваат раст на терористички групи“, се наведува во извештајот.

Руската инвазија на Украина е посочена како пример, при што „Фридом хаус“ обвинува дека Москва се обидува да го избрише украинскиот идентитет во окупираните територии преку принудна „русификација“ на населението.

Во однос на конфликтот во Газа, извештајот забележува дека вооруженото насилство „ги избриша малкуте преостанати права и слободи“ на жителите во оваа територија.

Годишниот извештај „Слободите во светот“ на „Фридом хаус“ се објавува од 1950-тите години. Изданието за 2024 година го анализира периодот од 1 јануари до 31 декември минатата година.

Related posts

Заигра метлата на Рама, разрешување на министри и избор на нова спикерка на Собранието

admin

Холандскиот амбасадор Коп: Не чекате вие, ЕУ ве чека 15 години да ги спроведете реформите

admin

Герапетритис: Меморандумите за соработка со Северна Македонија зависат од усогласеноста со Преспа

admin

Владата балансира околу балансерот

admin

Ковачевски – Брнабиќ: Засилена соработка за иницијативата Отворен Балкан, деблокирање на евроинтеграциите

ninja

Ниту „Вреди“, ниту ВМРО-ДПМНЕ го даваат Африм Гаши

admin