5.8 C
Скопје
14 февруари, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Таравари: Владата бара гаранции за уставните измени

Министерот Арбен Таравари, член на седуммесечната влада на Северна Македонија, изјави дека владејачката партија не е против уставните измени за вклучување на бугарското малцинство, но бара гаранции дека нема да бидат поставени нови услови за земјата на патот кон Европската Унија, прнесува Инбокс7.

Во интервју за „Гласот на Америка“ на Албански јазик тој потсети дека од 2001 година Северна Македонија се соочува со различни условувања, иако веќе направила големи отстапки, како што беше промената на името на државата.

На прашањето за обвинувањата од опозицијата дека владата дејствува како обвинител со најавите за апсења на политички противници, Таравари ги отфрли како невистинити.

Тој истакна дека партијата ДУИ има најголем број претставници на црната листа на САД во споредба со која било друга политичка сила на Балканот.

„Уставните измени се апсолутен приоритет за владата и за почетокот на преговорите со ЕУ. Без поддршката на премиерот Мицковски, кој има 58 пратеници, не може да се обезбедат потребните две третини за измените. Тој јасно кажа дека е заинтересиран за почеток на преговорите што е можно поскоро, но бара гаранција дека Северна Македонија нема да биде повторно условувана,“ изјави Таравари.

Тој потсети дека земјата постојано се соочува со нови барања, почнувајќи од промената на знамето, потоа на името, а сега е поставен услов за вклучување на бугарското малцинство во Преамбулата на Уставот. Според него, потребно е јасно уверување дека тоа ќе биде последното условување.

„Не бараме гаранции само од Брисел, туку и од Софија и Вашингтон дека нема да има нови услови. Во 2018 година, кога Заев го промени името, очекуваше веднаш да започнат преговорите, но во 2019 Франција воведе ново условување, а потоа се појави и барањето од Бугарија. Овие прашања треба да се решат со помош на големите сили, за да не се случи по неколку месеци повторно да се соочиме со ново условување,“ рече Таравари.

Тој потенцираше дека Мицковски прифаќа уставни измени, но нивната примена да се одложи до моментот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ.

Во врска со неодамнешната одлука на САД за привремено суспендирање на програмите за странска помош, Таравари изјави дека USAID има многу позитивна репутација во Северна Македонија. „Како градоначалник на Гостивар соработував со USAID на многу проекти за градинки и училишта. Оваа организација имаше големо влијание врз образованието и развојот на заедниците. Не знам што точно стои зад оваа одлука, но верувам дека ќе има негативно влијание врз целиот Балкан,“ рече тој.

Таравари призна дека довербата во судскиот систем е многу ниска и дека правосудството мора да се реформира. „USAID имаше програми за транспарентност, но на крајот реформите мора да ги направиме самите. Оваа влада има капацитет за сериозни и радикални промени во правосудниот систем,“ нагласи тој.

ОПОЗИЦИЈАТА ОБВИНУВА ЗА ПОЛИТИЧКИ ПРОГОН

На прашањето за тврдењата на опозицијата дека владата врши притисок врз политичките противници, Таравари одговори: „Ова не е точно. Досега има истраги само за одредени функционери, што е нормално при смена на власта. Радикални интервенции против претходната власт нема.“

Тој посочи дека поранешниот заменик-премиер Артан Груби бил ставен на црната листа на САД поради мешање во правосудниот систем, што резултирало со ослободување на Сашо Мијалков, поранешен шеф на тајната служба. „ДУИ има четворица високи функционери на американската црна листа – ниту една друга партија во регионот нема толку голем број санкционирани членови,“ нагласи Таравари.

ПРОБЛЕМИ ВО ЗДРАВСТВОТО

Како министер за здравство, Таравари се соочи со критики за смртта на неколку деца во болниците и недостатокот на биолошка терапија за пациенти со рак. „Ова не е точно. За само 7-8 месеци ги зголемивме платите на здравствените работници, додадовме девет нови лекови на позитивната листа, склучивме колективен договор и инвестиравме во болниците. За жал, смртни случаи се случуваат во секоја здравствена установа во светот. Но, оваа влада презема конкретни чекори за подобрување на здравството,“ изјави Таравари.

 

Related posts

НАТО се подготвува за напад од Русија, започнува најголемата воена вежба

admin

Израел го гранатираше бегалскиот камп Џабалија, над 50 цивили загинале

admin

Ахмети против Курти: Се меша во нашите внатрешни работи

admin

Од Белград студентските протести се шират во регионот

admin

ВИДЕО Од Ист Гејт до митингот на Вучиќ – бесплатен превоз, сендвичи и вода

admin

Митревски: СДСМ е за ЕУ, членство до 2030 година

admin