Балканскиот регион останува претежно на нивото на хибридни режими или таканаречени изборни демократии, изјави Агон Малиќи, експерт на Атлантскиот совет (Atlantic Council), во за интервју за КДП, пренесува Инбокс7.
„Властите можеби се избираат со гласови, но без целосно еднакви услови за трка,” рече Малиќи, додавајќи дека ситуацијата варира меѓу земјите. „Најзагрижувачката траекторија е во Србија, каде што ефективно имаме заробена држава.“ Од друга страна, тој посочи дека земји како Косово бележат напредок, иако тие достигнувања остануваат кревки пред ризиците од назадување и авторитарните тенденции на лидерите. Според него, „она што продолжува да недостасува е културата на независни институции и владеењето на правото.”
„Надворешниот компас на интеграциите на Западен Балкан е ослабен,“ вели Малиќи. Тој објасни дека процесот на пристапување во ЕУ долго време служел како водич за изградба на држави засновани врз принципите на либералната демократија и човековите права. „Овој надворешен магнет веќе со години е ослабен, разоткривајќи ја кревкоста на регионот и слабата демократска култура.“
Иако земјите формално остануваат ориентирани кон ЕУ, Малиќи истакна дека алтернативните популистички, суверенистички и етноцентрични идеологии добиваат сè поголема поддршка. „Ова е особено изразено во време кога самите западни држави, кои некогаш беа инспирација за либералната демократија, се соочуваат со предизвици на овие вредности.” Како последица, тој предупреди на зголемена кревкост на демократијата во регионот и потенцијалниот ризик што популизмот го носи за меѓуетничките и регионалните односи.
Малиќи смета дека влијанието веќе се чувствува. „Засега, фокусот на САД не е насочен кон нашиот регион поради приоритетите на други зони, но може да се очекува дека регионот ќе стане повеќе арена за натпревар отколку за комплементарност меѓу САД и ЕУ.“
Тој предупреди дека ова може да доведе до фрагментација на регионот, поттикнувајќи различни ориентации. „Фокусот на САД би се насочил повеќе кон економските односи, додека прашањата за човековите права и демократијата би биле отстранети од агендата,” додаде тој. Малиќи истакна дека несаканите ефекти од намалувањето на американската помош веќе се забележуваат и на Балканот.
Во оваа атмосфера, според него, можат да произлезат многу проблеми, но кризите би можеле да се претворат и во можности. „Трамп би можел да ја разбуди ЕУ за да ги забрза европските интеграции и да игра подинамична улога.” Тој исто така нагласи дека дијалогот меѓу САД и Русија, кој сè повеќе се фокусира на Украина, може да има пошироки импликации за различни жаришта на кризи, вклучувајќи го и Балканот. „Од тој дијалог можат да произлезат последици и за прашањето на спорот меѓу Косово и Србија.”
„Генерално, мислам дека се зајакнуваат екстремите кои се спротивставени на либералниот консензус, либералните вредности и институциите како ЕУ и НАТО, а во повеќето земји поголема поддршка добива десницата,” рече Малиќи.
Тој посочи дека бунтот против доминантните норми го поттикнал целиот политички спектар кон екстремите. „Тоа го покажа и резултатот на изборите во Германија, каде што традиционалните партии изгубија гласови во корист на крајната левица и десница.”
Според него, од безбедносна перспектива, постојат значајни разлики меѓу различните десничарски движења. „Иако изгледа дека постои консензус за прашањето на миграцијата, постојат суштински разлики во безбедносните и надворешните политики во однос на Русија.” Тој наведе пример со италијанската премиерка Џорџа Мелони, која не е слична на екстремната десница во Австрија по ова прашање.
Малиќи предупреди дека популизмот генерално ги игнорира независните институции и меѓународните организации, стремејќи се да му го „врати суверенитетот на народот” од институции како судовите или меѓународните договори, кои се гледаат како нелегитимни. „Во овој контекст, популизмот навистина сериозно ја поткопа либералната демократија и меѓународниот либерален поредок.”
„Како регион, главно остануваме на нивото на хибридни режими или изборни демократии, каде што властите можеби се избираат со гласови, но без целосно еднакви услови,” оцени Малиќи. Според него, ситуацијата не е идентична во сите земји. „Најнегативната траекторија е во Србија, каде што ефективно имаме заробена држава.”
Тој призна дека во некои земји, како Косово, има напредок, но истакна дека тие достигнувања остануваат кревки пред ризиците од назадување и авторитарните тенденции на лидерите. „Продолжува да недостасува културата на независни институции и владеењето на правото,” заклучи Малиќи.