Последните ставови на премиерот Христијан Мицкоски во врска со трагедијата во Кочани јасно покажуваат недостиг на државнички пристап и стратешка визија, реагираше на својот фејсбук профил во вторникот потпретседателката на Движењето БЕСА, Беса Кадриу.
„Наместо да ја адресира одговорноста на актуелната влада за институционалните пропусти и неодговорното издавање на лиценци, тој продолжува да го пренасочува фокусот кон минатото“, вели Кадриу, додавајќи дека е неопходно да се зборува и за одговорноста во сегашноста.
Таа го обвини премиерот за користење на „ниско ниво на јавен говор со јасен националистички тон“, што, според неа, дополнително ги продлабочува поделбите и ги оддалечува институциите од нивната вистинска функција.
„Она што се забележува уште од почетокот на оваа влада е јасното исклучување на Албанците од пристапот до клучните институции“, нагласи Кадриу, предупредувајќи дека ова отстапување од правдата може да доведе само до дестабилизација и бегство од одговорност.
Таа повика на „нов пристап и стратегија што ќе обезбеди правда за сите граѓани“, додавајќи дека, во спротивно, „политиката на исклучување и избегнување одговорност ќе има сериозни последици врз стабилноста на државата“.
БЕСА: Ставовите на Кадриу се лични, таа повеќе не е потпретседателка на партијата
По објавувањето на ставовите на Кадриу, од БЕСА реагираа со појаснување дека нејзините изјави не го одразуваат официјалниот став на партијата.
„Движењето БЕСА ја информира пошироката јавност дека Беса Кадриу повеќе не е потпретседателка на партијата и дека во своите последни објави ги изразува нејзините лични ставови, а не ставовите на партијата,“ стои во соопштението од БЕСА.
Од партијата појаснуваат дека Кадриу поднела оставка од сите партиски тела на седницата на Централното собрание, одржана на 1 јуни 2024 година. По нејзиното последно јавно изразување, нејзиното име било отстрането од официјалната веб-страница на движењето.
„Движењето БЕСА силно го поддржува секој напор на државните органи за целосно расветлување на трагичниот настан во Кочани, а особено ги охрабрува органите на правдата да бидат што е можно поефикасни во својата работа,“ се наведува во реакцијата.
Реакција и на министерот Лимани
Министерот за труд и социјална политика, Фатмир Лимани, кадар на БЕСА, индиректно ѝ одговори на Кадриу преку објава на својот Фејсбук профил. Тој иронично ја нарече „спасителка“ и ја обвини дека барала спас во ДУИ.
„Должникот без излез го тера да чука на вратата на непријателот, кого до вчера го напаѓаше со врвовите на копјата натопени во отровот на ѓаволската плунка“, напиша Лимани.
„Без оглед на цената, платена со украдени пари за да се спаси куполата на криминалната организација на ДУИ од метастазите на злосторството со фатални последици, сето тоа ќе резултира со неуспех и колективен срам. Нелогично е делувањето на поединец кој не знае да плива, а бара спас фаќајќи се за опашката на брод што тоне!“
„Не можеш да му помогнеш на човек кој се поистоветува со својот сопствен сој“, заклучи Лимани.
Кадриу до Лимани: Вие сте канцерот на БЕСА
Со одговор веднаш се јави Кадриу:
„Ќе ти одговорам итно, бидејќи ниту јас, ниту мојот род никогаш не сме тропнале на вратата на непријателот. Но ти и твојот сој одамна ја играте улогата на ѓаволот, питачот и вазалот.“
„Од самиот почеток се знаеше твојата мисија. Дојде токму од таа криминална врата на ДУИ, како канцерогена метастаза, за да ја уништиш Движењето БЕСА. Всушност, уште тогаш го доби одговорот од твоето родно место (твојот електорат). Дојде со празни раце, а потоа се инфилтрираше со гласовите на тетовците за да станеш пратеник, а потоа и министер. Нека ти е честито, но многу брзо и ти ќе го добиеш својот одговор. Ако не во наредните денови, тогаш сигурно до октомври, кога ќе се одржат локалните избори. Бидејќи твоето дејствување и став како поединец се нелогични!“, напиша Кадриу.
Таа најави дека Лимани ќе го добие следниот одговор многу брзо: „Дури и побрзо отколку што очекувате!“