Премиерот Христијан Мицкоски во понеделникот изјави дека ги разбира граѓаните кои преку протест сакаат да го изразат својот гнев, но ги осуди, како што рече, “политичките глодари и лешинари” кои се обидуваат да извлечат политички поени од трагедијата во Кочани.
“Апсолутно се придружувам на изразувањето на револт и гнев, затоа што уште многу работи останаа пред нас да се решат. Но, ќе се бориме со последниот атом енергија да исправиме нешто во името на идните генерации. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи изминатиот период. Поразивме неколку мафијашки здруженија кои, за жал, функционираа во државата. Ќе продолжиме и во периодот што следува. Но, од сега па натаму, само би посакал сите да останеме фокусирани и обединети во решавањето на проблемите”, изјави Мицкоски.
Протестен марш за одговорност и безбедност, организиран од граѓанското движење “Кој е следен”, е најавен за понеделник навечер во 18:59 часот во Скопје. Движењето се формираше по смртта на Фросина Кулакова, која беше прегазена во сообраќајна несреќа на 29 јануари.
Групата претходно организираше неколку протести барајќи правда за Кулакова и го иницираше масовниот собир на 18 март, кога беше оддадена почит на 59-те жртви во пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани.
Премиерот Мицкоски посочи дека протестите се легитимен израз на незадоволство. “И јас сум нервозен, а верувам и дека и вие сте незадоволни. Сите ние сме незадоволни од сето тоа што се случува и не треба да имаме дилема. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме”, додаде тој.