Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервјуто за „Само интервју“ на Канал 5 телевизија најави протести доколку судиите за кои Собранието изгласа недоверба не си дадат оставки, нагласувајќи дека ќе биде во првите редови.
„Ќе им се случи народ, ќе излезе народ на улица и ќе протестира. Народот е гладен и жеден за правда. Замислете, граѓаните имаат помала доверба во нив од 2-3%, ги разрешуваат, а тие не си заминуваат, водат инает. Ќе им се случи народ — прв ќе застанам кој ќе го води народот, ветувам дека тоа ќе се случи,“ изјави премиерот.
Во однос на тоа кој би ги заменил, Мицкоски нагласи дека ќе се разговара, но е сигурен дека нема да биде исто:
„Нема да има вакви луѓе за кои има докази. Правда не може да има со судии, обвинители или членови на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители кои се дел од партиски штабови. Имаме извештај од Оценската мисија кој јасно дава насоки за реформите и ќе се држиме до него. Нешто мора да се смени, затоа што не оди вака ако сакаме да имаме држава. Ќе се борам за таква држава — за моите деца да растат и да основаат семејства тука.“
Клучни изјави на премиерот:
- „Сум против менување на граници. Во меѓународното право не смеат да се случуваат преседани.“
- „Логично е да се грижиме за интересите во регионот. Посакуваме што поскоро да има прекин на огнот во Украина.“
- „Според моите сознанија, немам дилема дека НАТО ќе опстане.“
- „Загриженоста на опозицијата се темели на лицемерие.“
- „Нашата близина со ЕУ не зависи од тоа дали сме ко-спонзори на резолуцијата.“
- „Светот се менува и тоа не треба да не’ изненади.“
- „Кога еднаш има двоен стандард, тоа станува пракса – подобро да биде тешко, отколку да биде срамно.“
- „Моја работа е да тропнам на сите врати и да се обидам да ги променам нештата.“
- „Ќе се борам и во Брисел и во Вашингтон и нема да ги гласам уставните измени додека Бугарија не ги реализира преземените обврски.“
- „Вистината е дека немаме проблем со внесување на Бугарите во Уставот, туку со тоа што не’ лажат.“
- „Убави моменти не’ чекаат, ајде да видиме што правиме на меѓународен план и какви сојузници создаваме.“
- „Човечките животи и парите отидоа, важна била визата на Фатмир Лимани, а не е тема крупниот криминал.“
- „Која правда ја очекувате од обвинителства кои се кловнови на партиски штабови?“
- „Ќе размислуваме за новите кадри, но овде има луѓе за кои имаме докази. На крај, сите процеси што ги водиме не се за да биде исто, туку да биде различно со нови луѓе.“
- „Имаме извештај од Оценската мисија кој дава насоки за изборите – ќе се држиме до извештајот, каков е, таков е.“
- „Граѓаните каде и да ме сретнеа на улица ме критикуваа: ‘Не правите ништо, не апсите никој, каде ви е борбата со криминалот?’“
- „Ќе им се случи народ на Судскиот совет — прв ќе застанам што ќе го води народот.“
- „На Клинички нека биде инвеститор Градски паркинг и нека направи катна гаража, немам ништо против.“
- „Ја повикувам Државната комисија за спречување на корупцијата да влезе во МНР и да констатира — ако може некој поевтино да го изведе покривот, нека повели.“
- „Нивелирањето на останатите плати зависи од минималната плата.“
- „Со мартовската пензија, пензионерите ќе добијат 2.500 денари линеарно зголемување на пензиите.“
- „Зошто некој би ја намалил цената ако ние го намалиме ДДВ-то?“
- „Имам целосна доверба во сите членови на Владата. Немаат сите исти перформанси — да почекаме времето да даде одговор.“
- „Подготвен сум да се соочам на дуел со Филипче.“