Полицијата спроведе координирана акција против компании и поединци вмешани во увоз и продажба на мазут со сомнително потекло, кој претставува закана за здравјето на граѓаните и животната средина, изјавија извори од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Попладнево е уапсен бизнисменот и поранешен директор на спортскиот центар „Борис Трајковски“, Ратко Капушевски, и сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, објавија повеќе медиуми. Според неофицијални информации, Капушевски е приведен од неговиот дом, каде полицијата и натаму врши претрес.
Акцијата, иницирана од Бирото за јавна безбедност во соработка со други надлежни институции, има за цел да ја сузбие нелегалната трговија со горива со високо ниво на сулфур, тешки метали и други штетни соединенија, кои придонесуваат за загадувањето на воздухот и почвата, велат официјални лица.
„Разоткриена е мрежа на увозници кои незаконски дистрибуирале гориво со низок квалитет. Овие горива претставуваат сериозен ризик за здравјето на граѓаните и значително го влошуваат аерозагадувањето,“ изјави за mkd.mk полициски извор, кој побара да остане анонимен.
Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција при Бирото за јавна безбедност (БЈБ), во координација со Обвинителството за организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), по наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата. Истражните органи го поврзуваат случајот со сомнителна набавка на деривати, штета од големи размери на државниот буџет и загрозување на здравјето на луѓето, потврдија од полицијата, без да откријат повеќе детали.
Според истите извори, истрагата опфаќа и лица кои претходно биле поврзувани со економски криминал, но досега уживале одредена заштита.
Според достапните информации, преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги, нелегално се изнесени околу 10 милијарди денари (приближно 162 милиони евра). Ова е еден од најголемите корупциски скандали во енергетскиот сектор во земјата.
Загадувањето поврзано со овие горива веќе има сериозни последици, а според официјални податоци, секоја година неколку илјади граѓани прерано го губат животот поради лошиот квалитет на воздухот.
Полицијата продолжува со акцијата, а осомничените ќе се соочат со соодветни правни последици, велат надлежните.
Ратко Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која во последните години добиваше јавни набавки во вредност од стотици милиони евра. Неговото име беше поврзувано со контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции.
Асмир Јахоски е син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Неговото име се споменува и во аферата “Државна лотарија”, каде како главен осомничен е Артан Груби, кој неколку месеци не е во државата за да се соочи со правдата.