Повеќе од 50.000 руски војници дезертирале и го напуштиле бојното поле без дозвола откако војната во Украина ескалираше пред три години, според нов извештај на украинската аналитичка група Frontelligence Insight, која својата анализа ја базира на протечени руски документи, објави Forbes, пренесува Инбокс7.
Според овој извештај, Русија трајно загубила до 560.000 војници во овој обемен конфликт. Оваа бројка ги вклучува загинатите, тешко ранетите и дезертерите – кои сочинуваат речиси 10 проценти од вкупниот број.
Стапката на дезертирање била ниска на почетокот, но се зголемила со продолжувањето на војната и промената на среќата за Русија. Овој тренд започнал со успешната украинска контраофанзива во есента 2022 година, продолжил со неуспешната украинска контраофанзива во летото 2023 година, а потоа со бавното, но скапо напредување на руските сили.
Околу 5 проценти од руските војници дезертирале за време на нивната воена служба – стапка слична на онаа во американската армија за време на Виетнамската војна во 1960-тите и 1970-тите години. Американската војска тогаш не се распадна, а моменталната динамика во руската армија „не укажува на целосен воен колапс или нарушување на командниот авторитет,“ заклучува Frontelligence Insight.
Сепак, и покрај тешките загуби и скромните територијални придобивки, Русија можеби ја добива војната на долг рок – барем во однос на човечките ресурси. Украина досега изгубила до 300.000 војници – убиени, ранети или оние кои се повлекле од служба, според проценките на Frontelligence Insight.
Еден од најпознатите случаи на дезертирање бил оној на 155-та механизирана бригада на Украина, која речиси целосно се распаднала на источниот фронт минатата година, делумно поради големиот број дезертери.
Украина губи помалку војници, но има и помалку што може да ги изгуби. Нејзиното население е околу 38 милиони, додека руското изнесува 144 милиони. „Клучниот проблем е помалата мобилизациска база на Украина и неефикасната кампања за мобилизација,“ предупредува Frontelligence Insight. „Со оглед на тоа што населението на Русија е најмалку трипати поголемо и нејзиниот регрутен систем поефикасен, односот на загуби за Украина би требало да биде најмалку 1:3, наместо 1:1,86, како што покажуваат тековните проценки.“
Ако Украина успее да убие, рани или натера на дезертирање тројца руски војници за секој свој загубен војник, тогаш може побрзо да го исцрпи најважниот руски ресурс – луѓето – пред Русија да го исцрпи најголемиот украински ресурс, исто така луѓето.
Но, за да постигне поповолен однос на загуби, Украина можеби ќе има потреба од „решавачка надворешна поддршка,“ објаснува Frontelligence Insight. Оваа поддршка речиси сигурно нема да дојде од САД, особено под водство на претседателот Доналд Трамп.
Сепак, може да дојде од Европа – ако европските земји успеат брзо и масовно да ја зголемат својата помош за Украина.