Власта и опозицијата влегоа во судир околу прашањето со кого е Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Според ВМРО-ДПМНЕ, крајната цел на СДСМ е блокада на развојот на државата, а за таа цел ја користи ССМ, предводен од Слободан Трендафилов.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, ја обвини СДСМ дека имала тајни средби со ССМ.
„Слободан Трендафилов ја злоупотребува својата позиција во ССМ и ги вовлекува синдикатите во непартиципативни сојузи со СДСМ и Левица. Тој активно работи за интересите на СДСМ, а раководството на оваа партија коцка со иднината на земјата. Сепак, народот ги препозна и не им недостасуваше јасност за нивните намери“, изјави Петрушевски.
Од друга страна, пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, ја обвини власта за неспособност и незаинтересираност за економската криза, за која, како што рече, самата е одговорна.
„Не обвинуваат нас, односно дека Сојузот на синдикатите е гласноговорник на СДСМ, но ние сме свесни и има факти дека и тие имаат координирани средби со ССМ. Недозволиво е како политички партии да го вовлекуваме Сојузот на синдикатите во било каков контекст, сугерирајќи дека припаѓа или има блискост со една или друга политичка партија“, рече Лукаревска.
Инаку, Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска тврди дека Владата ќе ја прифати секоја минимална плата во земјава за која ќе се договорат работодавачите и работниците. Владата е должна да се договори и да ги обезбеди средствата, заклучи Кочоска.
„Во однос на минималната плата, не знам зошто има такви коментари дека сме се судриле со синдикатите, мислам дека сме многу јасни и кажав, нека се договорат колку едната страна може да постигне, а колку другата. За нас е прифатливо тоа што ќе го договорат, тие имаат дијалог меѓу себе и што и да одлучат ние сме должни, особено како министер за финансии, да го обезбедиме, нема да разговарам понатаму, туку ќе оставам на нивниот дијалог“, изјави Димитриеска Кочоска.