ДУИ: Маргинализацијата на Албанците ја загрозува стабилноста, функционалноста и европскиот пат на државата
Сериозното нарушување на институционалната и општествената рамнотежа во Северна Македонија, проследено со еднострани одлуки и политики на исклучување, доведе до маргинализација на Албанците од државните процеси, соопшти денеска Демократската унија за интеграција (ДУИ).
„Маргинализацијата на Албанците во државниот, административниот и јавниот живот го поткопува моделот на консензусна демократија што, од Охридскиот рамковен договор наваму, обезбедуваше стабилност, кохезија и напредок“, се наведува во соопштението.
ДУИ оцени дека намалувањето на конструктивната улога на Албанците како клучни партнери во изградбата на мултиетничка, демократска и прозападна држава, не само што го ризикува внатрешното единство, туку и го поткопува кредибилитетот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија.
Од партијата наведуваат дека отсуството на легитимно претставување на Албанците во актуелната влада, каде што, како што велат, учествува група партии со минимална поддршка од околу 1% што граѓаните ги нарекуваат „коалиција ФЛЕН (Спие)“, не ја ослободува македонската политичка елита од одговорност за продлабочувањето на поделбите и непоправливото нарушување на државното единство.
„Денес, повеќе од кога било, неопходно е враќање на принципот на еднакво заедничко владеење и почитување на стандардите што со децении гарантираа мир, стабилност и европска перспектива“, нагласуваат од ДУИ.
Партијата порача дека демократијата, благосостојбата и евроинтеграцијата се неразделно поврзани со почитувањето на мултиетничкиот карактер на државата и побара итно распишување на предвремени избори како решение за актуелната политичка состојба.