Еврокомесарката за проширување Марта Кос изјави дека Европската унија не може да понуди гаранции дека нема да има нови пречки за Северна Македонија на патот кон членство, дури и ако земјата ги усвои бараните уставни измени.
„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. И тоа е многу човечки – земјата сака гаранции по сè што поминала. Но, гаранции не може да има“, рече Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чии член е и државната новинска агенција МИА.
Изјавата следи по прашање дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по уставните измени нема да има нови блокади, особено поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот и историјата.
Кос додаде дека очекува земјите членки да ги решаваат билатералните прашања со „добра волја и визија за компромис“.
Еврокомесарката денеска престојува во Софија, каде ќе се сретне со бугарски политички лидери, по што ќе воспостави контакт и со македонските власти.
„Најдобро е билатералните прашања да не се мешаат со пристапниот процес. Тоа не значи дека тие се неважни. Но, лошо е кога стануваат пречка за приближување кон ЕУ“, додаде Кос, алудирајќи на бугарските услови кон Скопје.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе биде најдено решение за деблокирање на процесот и порача: „Ве молиме, направете ги реформите и бидете подготвени за отворање на првиот кластер.“
Според неа, и покрај новата динамика во процесот на проширување, основата остануваат заслугите.
Поддршка, но и скептицизам меѓу граѓаните
Иако последното истражување на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ покажува дека 62% од граѓаните поддржуваат членство во ЕУ, само 20% сметаат дека уставните измени се неопходни за напредок во преговорите. Останатите се поделени меѓу оние што сакаат пауза во процесот (21%) и оние што бараат промена на преговарачката рамка (21%).
Кос вели дека Европската комисија останува посветена на поддршка за Северна Македонија и дека „никоја земја од регионот нема да биде оставена зад себе“, алудирајќи на паралелниот напредок на Албанија во процесот по раздвојувањето од Скопје.
„Албанија навистина постигна добар напредок. Но, ние сме цврсто решени сите земји од Западен Балкан да ги внесеме во ЕУ. Секако, тоа ќе се заснова на нивните заслуги“, рече Кос.
Односите со Бугарија остануваат клучен предизвик
Односите меѓу Скопје и Софија остануваат затегнати откако Бугарија во 2020 година стави вето на отворањето на пристапните преговори. Софија не го признава македонскиот јазик како засебен и тврди дека има дискриминација врз лица со бугарска самосвест во земјата.
Во 2022 година, Бугарија го укина ветото по прифаќањето на францускиот предлог од страна на Северна Македонија, кој вклучуваше и обврска за вклучување на бугарската заедница во македонскиот Устав.
Без оваа уставна промена, која е услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ, отворањето на кластерите останува блокирано.