Комесарката на Европската унија за проширување, Марта Кос, изјави за Радио Слободна Европа дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија е предуслов за Косово да добие статус на кандидат и да го започне процесот на пристапување во ЕУ.
Косово аплицираше за членство во ЕУ на 15 декември 2022 година и сè уште останува единствената земја во регионот која нема статус на кандидат.
„Го чекаме [оформувањето на] новата влада. Во контакт сум со политичарите таму, и тие тврдат дека се силно за нормализација на односите со Србија, што е предуслов за почеток на преговори или доделување на кандидатски статус“, изјави Кос во интервју за Радио Слободна Европа.
Таа рече дека е многу важно идната влада на Косово да ги исполни неколкуте предуслови „кои мора да се исполнат“, без да наведе кои се тие конкретно.
Косово моментално е под водство на техничка влада бидејќи новиот состав на парламентот сè уште не е конституиран, и покрај тоа што помина повеќе од еден месец од сертифицирањето на резултатите од парламентарните избори одржани на 9 февруари.
Процесот на зачленување во ЕУ трае долго, бидејќи земјата-кандидат треба да исполни низа критериуми, да ги усогласи своите закони со оние на ЕУ и да го почека ратификувањето на договорот за членство од страна на парламентите на сите земји-членки.
Косово сè уште е во почетна фаза на пристапување, бидејќи нема добиено статус на кандидат. За тоа, најпрво Европската комисија треба да даде позитивно мислење за апликацијата, а потоа Европскиот совет едногласно да го потврди кандидатскиот статус.
„Не сум добила никакви сигнали од земјите-членки или од данското претседателство [со Советот на ЕУ] дека ова [доделување статус за време на данското претседателство] би можело да се случи. Но, сметам дека би било многу добро да почнеме“, рече таа.
И претходно овој месец, шефицата на европската надворешна политика, Каја Калас, изјави дека ниту Косово, ниту Србија не можат да напредуваат на патот кон ЕУ без нормализација на односите.
Под посредство на ЕУ, во 2023 година Косово и Србија постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Но, од тогаш, Унијата ги критикува двете земји дека не го спровеле договорот, иако тој е обврзувачки.
Поради кризите на северот на Косово, кои ги зголемија тензиите меѓу двете земји, од септември 2023 во Брисел не се одржал ниту еден политички дијалог, туку само разговори на ниво на главни преговарачи.
И токму тие тензии на северот на Косово доведоа до тоа ЕУ во 2023 година да воведе санкции против Косово, кои сè уште се на сила, со образложение дека Приштина не направила доволно за деескалација на состојбата во регионот населен со српско мнозинство.
И покрај барањата на косовските лидери за укинување на санкциите, Кос истакна дека во моментов не сите земји-членки се подготвени за тоа.
„Сè уште не знаеме. Разговараме за ова. Ако земјите-членки бидат за укинување на мерките, секако дека ќе го направиме тоа. Но, засега не сите се за укинување“, рече таа.
Во интервјуто за РСЕ, Кос изјави дека би го сметала за неуспех доколку за време на мандатот на актуелната Комисија нема нови членки на Европската унија.
Сепак, таа се изрази оптимистички, нагласувајќи дека технички „можеме да го завршиме со Црна Гора [како членка] до крајот на 2026“ и „можеме да завршиме со Албанија [како членка] до крајот на 2027“.
На прашањето дали Црна Гора и Албанија ќе станат 28-та и 29-та членка на ЕУ, таа одговори дека можеби ќе има и други нови земји.
Говорејќи за Србија, земјата која ќе ја посети оваа недела, Кос рече дека „Србија навистина мора да покаже резултати“.
„Зборовите не се доволни. Ја гледам мојата мисија или мојата посета таму како сериозен обид да ја вратиме Србија на европскиот пат“, рече Кос.
Таа додаде дека барањата на демонстрантите, кои протестираат со месеци во Србија – по смртта на 16 лица од уривање на бетонска покривка на железничка станица во Нови Сад – се исти со оние на Европската комисија.
„Тоа е владеењето на правото, тоа е борбата против корупцијата, тоа е јавните набавки, медиумското законодавство, изборното законодавство. Србија вети многу во декември во таканаречениот ‘нон-пејпер’ [неформален документ]“, рече Кос, додавајќи дека сега „треба да провериме дали ги спроведуваат тие ветувања“.
Српски демонстранти со велосипеди пристигнуваат во Будимпешта на 5 април, на своето двонеделно патување од 1.300 километри до Европскиот парламент во Стразбур, Франција.
„И всушност, сакам да кажам дека јас сум најголемата поддржувачка на демонстрантите, затоа што ако Србија е сериозна за својот пат кон ЕУ — а тие ми велат дека се — тогаш ќе треба да дадат резултати“, рече Кос.
Во меѓувреме, функционерката на ЕУ рече дека е тешко да се работи со лидери како претседателот на ентитетот Република Српска (РС) во Босна и Херцеговина, Милорад Додик.
Таа рече дека „е тешко да се соработува со некој кој не дејствува во интерес на својата земја, Босна и Херцеговина“ и кој дејствува „против територијалниот интегритет, суверенитетот и уставниот поредок“.
Понатаму, Кос истакна дека ова е една од причините зошто Босна и Херцеговина, и покрај тоа што има кандидатски статус, сè уште не ги започнала преговорите со ЕУ.
Во врска со можните санкции против Додик, таа додаде дека „земјите-членки не се обединети“ околу нивното воведување.
Додик, заедно со претседателот на Парламентот на РС, Ненад Стевандиќ, и премиерот Радован Вишковиќ, се обвинети за напад врз уставниот поредок и за нив е издаден централeн налог за апсење во Босна и Херцеговина, откако не одговориле на повикот на Обвинителството за распит.