Вработените во културните институции во Северна Македонија не добија плата пред велигденските празници, иако според колективниот договор од 2021 година, нивните примања требаше да бидат зголемени од мартовската плата.
Синдикатот на културните работници (СКРМ) обвини дека исплатата доцни, а од Министерството за култура и туризам велат дека платите ќе бидат исплатени во првите два работни дена од наредната недела.
„Доцнењето е резултат на усогласување на пресметките со Министерството за финансии,“ соопшти Министерството во петокот попладне, додавајќи дека исплатата ќе биде согласно законските одредби и колективниот договор.
Синдикатот реагираше дека до 17 април – последниот работен ден пред велигденскиот продолжен викенд – платата сè уште не била исплатена. „Нема официјално образложение, туку само нејасни и противречни изјави од министерот,“ се наведува во соопштението на СКРМ.
Синдикатот претходно најави протест за 11 април, но истиот беше откажан откако Министерството информираше дека ќе ги прифати пресметките од институциите и ќе ги почитува договорените зголемувања. Нов протестен собир е најавен за 22 април.
Опозициската СДСМ ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, „груб и срамен удар врз културните работници токму пред Велигден.“
„Вработените беа игнорирани и дискредитирани со изјави дека не работат доволно и дека не ја заслужуваат платата,“ се вели во партиското соопштение. СДСМ бара министерот Љутков да поднесе оставка.
ВМРО-ДПМНЕ возврати дека токму СДСМ, во времето на нивното владеење, ја претвориле културата во „партиска каса и алатка за наградување на блиски личности.“
„Јавноста добро памети кој ја газеше културата – од грантови без критериуми до партиски вработувања,“ стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека сегашната влада работи на уредување на системот без привилегирани и партиски кланови.
СКРМ најави дека, доколку дојде до неоснована промена во пресметките на платите, ќе поднесат кривични пријави против директорите на институциите, кои – како што велат – иако се најмалку виновни, сепак се најодговорни за спроведување на договорите и законите.