20.9 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Куќа, преговори, милионски договори: Таравари под лупа – дали ДУИ го влече назад во своите редови?

Министрот за здравство Арбен Таравари се најде под зголемено политичко и медиумско внимание по обелоденувањето на неговиот телефонски разговор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, што ја разниша коалицијата ВРЕДИ, дел од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што пренесе Радио Слободна Европа, разговорот се однесувал на претстојните локални избори, но целосната содржина не е јавно обелоденета. Овој потег предизвика жестоки реакции од коалицијата ВРЕДИ, која го исклучи Таравари од своите редови и побара и негово отстранување од владата – одлука што треба да ја донесе премиерот Христијан Мицкоски по први мај.

Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, во меѓувреме јавно го повика Таравари да се врати во партијата и да му се приклучи на Европскиот фронт предводен од ДУИ – и покрај тоа што двајцата се наоѓаат во судски спор за партиското раководство.

Од коалицијата ВРЕДИ велат дека нивното политичко делување ќе продолжи и без Таравари. Пратеничката група, која моментално брои 14 пратеници од неколку партии, се уште нема донесено одлука за идниот парламентaрен настап. Владината коалиција, според проценките, останува стабилна дури и доколку сите пратеници од Алијансата преминат во опозиција.

„Да се соработува со ДУИ и истовремено да се биде дел од Владата – тоа не оди,“ изјави неодамна вицепремиерот и лидер на Демократското движење Изет Меџити, повикувајќи го Таравари да разјасни дали преминал во таборот на ДУИ.

Целта на коалицијата ВРЕДИ, според нив, е на локалните избори да ја поразат ДУИ и да се легитимираат како главен политички претставник на Албанците во Северна Македонија. Но, евентуално приклучување на Таравари кон ДУИ може да ја ослабне таа позиција и да предизвика зголемен притисок за предвремени парламентарни избори.

Контроверзиите не застануваат тука. Како што објави Радио Слободна Европа, Таравари купил куќа во скопската населба Тафталиџе од Исмаил Јахоски, пратеник на ДУИ и поранешен сопственик на компанијата Пуцко Петрол. Зделката, вредна 150.000 евра, предизвика интерес кај антикорупциската комисија поради сомнежи за значително пониска цена од пазарната вредност.

Синот на Јахоски, Асмир, актуелен сопственик на Пуцко Петрол, е под истрага за набавка на мазут вредна 167 милиони евра, во период од 2021 до 2023 година. Таравари не е осомничен во случајот, но коалицијата ВРЕДИ го поврзува случајот со поширок обид на ДУИ да избегне одговорност.

„Ахмети сака политичка криза и ‘Пржинска влада’ за преку МВР да ги уништи доказите против корумпирани кадри на ДУИ,“ се наведува во партиско соопштение на ВРЕДИ, во кое се спомнува и главниот обвинител за организиран криминал, Ислам Абази, како „послушник“ на кичевскиот клан.

Одлуката сега е во рацете на премиерот Мицкоски – дали ќе успее да ја менаџира тензијата помеѓу коалициските партнери или ќе се соочи со реконструкција на владата што може индиректно да му отвори врата на ДУИ за враќање во извршната власт.

Related posts

ЗГОЛЕМЕНОТО КИНЕСКО ВЛИЈАНИЕ ТРЕБА ДА ГО ВКЛУЧИ ЦРВЕНИОТ АЛАРМ

ninja

“Работниците немаат за леб, а функционерите на колачи”: ССМ контра Бесими

admin

Конкуренција и инклузивност: Што предвидува Кластер 3 од преговарачкиот процес?

admin

СПАСОВСКИ ЗА ТОП НЈУЗ:  Дојавите за бомби се хибридна војна, Руската агресија врз Украина ја торпедираше појавата на лажни вести на едно повисоко ниво

admin

Борел со јасна порака до Дачиќ: Прорускиот став и евроинтеграцијата не одат заедно

admin

ПРВА ПРЕСУДА ВО ХАГ ЗА ЕДЕН ОД КОМАНДАНТИТЕ НА ОВК

ninja