Европската комисија обезбеди 1,3 милијарди евра за проекти во областа на вештачката интелигенција, сајбер безбедноста и дигиталните вештини, а на повикот можат да аплицираат и македонски компании, соопшти Министерството за дигитална трансформација.
Министерот Стефан Андоновски изјави дека финансирањето е дел од програмата „Дигитална Европа“ и претставува можност за домашните фирми да добијат поддршка за инвестиции во дигитална трансформација, напредни технологии и општествен развој.
„Ориентацијата на Владата е да го поддржи, поттикне и мотивира приватниот сектор и академската заедница да вложуваат во иновации, технолошки развој и дигитализација“, изјави Андоновски.
Повикот за дигиталните иновациски хабови – таканаречени дигитални центри – е отворен од 3 април, а аплицирањето завршува на 14 мај. Целта е да се засили европската мрежа на дигитални хабови и да се обезбеди регионална покриеност во сите земји-членки на ЕУ.
„Иницијативата има за цел да ја подобри ефикасноста и капацитетите на хабовите за да одговорат на потребите за дигитална трансформација, со посебен фокус на развојот и примената на вештачката интелигенција“, рече Андоновски.
Избраните дигитални центри ќе треба да понудат специјализирани услуги за мали и средни претпријатија, како и за јавни институции – обука и развој на дигитални вештини, поддршка за преквалификација и унапредување на кадарот. Половина од финансирањето ќе биде обезбедено преку програмата „Дигитална Европа“, а останатите 50% ќе треба да се обезбедат од одржливи извори на кофинансирање.