Затворската полиција во Штип се најде во центарот на контроверзии, откако раководството на Управата за извршување на санкции откри дека полициски службеници, наместо да спречат внес на дрога, помогнале на затвореници да ја најдат, со изговор дека барале скапа рачен часовник кој наводно го зел куче по име „Цеце“.
Инцидентот се случил на 20 февруари, кога возило пристигнало до вториот ѕид на затворот, од каде едно лице фрлило топка со наркотична содржина во дворот на установата. Камерите за надзор забележале двајца затвореници, со иницијали Ж.Ж. и Р.К., како пребаруваат низ тревата, додека еден од нив разговарал на мобилен телефон – строго забранет во затвор.
Топката подоцна била пронајдена, содржејќи 35 грама бела супстанца, за која се сомнева дека е кокаин, и 50 грама марихуана.
„Наместо да реагираат, затворските полицајци им помогнале на осудениците со батериски лампи да ја пребаруваат тревата,“ изјави директорот на Управата, Александар Пандов, на прес-конференција.
Според него, кога биле прашани од директорот на затворот за природата на пребарувањето, командирот и полицајците дале необично објаснување – дека барале рачен часовник вреден над 1.000 евра кој го зел кучето „Цеце“ додека осуденикот играл со него во дворот. Часовникот не бил евидентиран во системот на затворот.
Внатрешна дисциплинска комисија е формирана, но во гласањето преовладале членовите кои сметале дека не е прекршен ниту еден правилник. Двајца членови гласале за дисциплинска мерка, а тројца за ослободување од одговорност.
Еден од осудените е позната фигура во подземјето и издржува казна повеќе од 20 години за сериозни кривични дела. Пандов предупреди на високиот степен на корупција во затворскиот систем.
„Околу 50 отсто од затворските полицајци во одредени институции се корумпирани. Осудениците располагаат со големи суми пари, имаат врски со нарко-кланови и со мрежи за криумчарење мигранти, и нудат илјадници евра за мобилни телефони или други услуги,“ изјави тој.
Пандов додаде дека во последните девет месеци во македонските затвори биле запленети околу 1.000 мобилни телефони, наспроти 26 во Хрватска и 51 во Косово во текот на целата 2023 година.
Тој нагласи дека системот може да се реформира само преку систематско отстранување на корумпираните кадри. „Сè додека се чувствуваат недопирливи, ќе имаме телефони, дрога и забранети предмети во затворите,“ потенцираше тој.
Пандов изрази сомнежи околу идејата за поставување на мобилни сигнални блокатори, посочувајќи дека најголем дел од затворите се наоѓаат во близина на станбени објекти и блокирањето би ги погодило и граѓаните кои живеат во нивна близина.