Невозможно е да се лобира за заеднички кандидат за градоначалник, а од друга страна за посебна листа. Посебните листи се вода за воденицата на ДУИ, оценува пратеникот на ВЛЕН, Беким Ќоку.
Не стивнуваат реакциите по одлуката на Алијанса за Албанците да настапи со посебни листи за советници на локалните избори во октомври. Некои од симпатизерите на АА, кои лани дале поддршка на нејзиното приклучување во коалицијата ВЛЕН, на социјалните мрежи изразуваат разочарување што тој победнички потег сега се претвора во нешто друго. Други кусо прашуваат – зошто?
Според Таравари, од огромното мнозинство во партиските органи, само еден или двајца мислеле дека на изборите треба да одат со заеднички листи.
„Сите останати беа апсолутно убедени дека Алијанса за Албанците треба да се натпреварува со посебни листи. Да видиме дали имаме 1.000, 5.000, нула гласови, или 20.000 или 50.000 гласови“, рече Таравари во интервју за „Лајм”.
На воденицата на ДУИ
„Бесмислен е аргументот дека со посебни листи ќе се мерат силите во коалицијата“, оценува пратеникот на ВЛЕН, Беким Ќоку. Инсистирањето на АА за посебни листи го смета за „целосно неприфатливо и контрапродуктивно”.
„Одењето со посебни листи за општински советници, освен што сериозно ќе ја ослабне коалицијата ВЛЕН, ќе го подели и албанскиот глас (…) Преку гласањето за советнички листи мериме кој победува на изборите во однос на ДУИ. Нашата политичка битка е со ДУИ, а не меѓу нас“, пишува тој на неговиот профил на Фејсбук.
Во подолга анализа Ќоку се осврнува на сите аспекти што биле дебатирани на последните состаноци на ВЛЕН за претстојните локални избори. Поради изборниот модел, кој ги фаворизира големите партии, тој посочува дека е ирационално мала партија да излезе со посебни листи бидејќи тоа значи да има четири штабови, од кои само еден штаб има кандидат за градоначалник. Тоа пак ќе го хендикепира кандидатот, а четири листи од иста коалиција внесуваат внатрешен судир и го оттргнуваат фокусот од вистинската битка – против ДУИ.
„Листите за советници се најполитичкиот дел од локалните избори. Ако ВЛЕН излезе со посебни листи тоа остава простор за пазарење и го дегенерира политичкиот елемент. Невозможно е да се лобира за заеднички кандидат за градоначалник, а од друга страна за посебна листа (…) Ова е политичка грешка, бидејќи наместо фузија, имаме поделба. Вака и служиме на ДУИ која сака поделен ВЛЕН“, посочува Ќоку, со оценка дека „посебните листи се вода за воденицата на ДУИ”.
Партиска саботажа
Поради ова, пратеникот на ВЛЕН предочува дека кампањата на кандидатот за градоначалник ќе биде конфузна и тешка, бидејќи тој би морал паралелно да води кампања и за советничката листа на неговата партија, што пак би ги иритирало членовите на другите партии и би се фокусирале само на успехот на нивната советничка листа. Односно, посебните листи ќе се претворат во еден вид партиска саботажа, бидејќи партиските структури кои немаат кандидат за градоначалник нема да се борат за него.
„Ако излеземе одделно, постои можност некаде да се договорат две партии, некаде три, во една општина да биде поддржан кандидат на една партија, во друга кандидат на друга партија или дури и друга листа. Ова ќе создаде конфузија во нашите структури, а камоли кај гласачите”, потенцира тој.
Порачува дека товарот за составување заеднички листи мора да го преземе раководството, бидејќи се знае дека претходната победата е резултат на тоа што партиите биле заедно и дека единството има цена.
Алиби за менување на приоритетот
И Орхан Муртезани, министер за европски прашања од редовите на ВЛЕН, вели дека кога ја формирале коалицијата, главната премиса била „да се создаде антипод на Демократската унија за интеграција, кој треба да се бори против режимот инсталиран од ДУИ со криминал и корупција“.
„Попат, еден наш коалициски партнер го смени приоритетот и почна да смета дека не е толку важна борбата против криминалот и корупцијата, туку е побитно колкав број општини ќе добие тој на локалните избори. И на тој начин ја отстрани бариерата да не кокетира и комуницира со ДУИ, туку во ДУИ почна да гледа и соработник“, рече Муртезани на ТВ Телма.
Според него, критиките од Таравари на сметка на ВЛЕН и она што досега го сработила коалицијата, е барање алиби за соработка со ДУИ.
„Таравари неколку пати јавно изјавува, на пример, дека ‘Гостивар е тешко победлива општина со ВЛЕН’. Тогаш тоа значи дека тој во Гостивар треба да победи со ДУИ. Тука е целата суштина. За да има алиби да ја напушти владината коалиција, мора да почне да ја напаѓа коалицијата и Владата, а притоа заборава дека се напаѓа и самиот. Неодамна даде изјава дека нема ништо лошо во вториот круг да соработува со ДУИ во различни општини. Ова е дел по дел откривање на големиот план за одење во скутот на Али Ахмети“, рече Муртезани.
Додека растат шпекулациите колку време бил правен договор меѓу Таравари со партиски субјекти надвор од ВЛЕН, но и како би се однсувале двете опонетски крила на АА во евентуално ист блок, Зијадин Села, кој го предводи другото крило на Алијанса за Албанците објави фотографија заедно со пратениците и клучните фигури на оваа партија, која е дел од опозициската коалиција Европски фронт.
„Чистота и искреност, мир со минатото, пат кон иднината!“, напиша тој, што многумина го протолкуваа како ребус-порака. /DW