Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, за прв пат се огласи по вклучувањето меѓу осомничените во истрагата за случајот „Адитив“, изјавувајќи дека нејзината комуникација со едно од обвинетите лица била од пријателска природа и без намера да се влијае врз истрагата. Во писмо до јавноста, таа не ја спомена можноста за оставка, и покрај јавните повици за тоа.
„Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со предметот ‘Адитив’. Дел од информациите се јавни документи, додека остатокот е вообичаена пријателска комуникација. Жалам за оваа комуникација, но категорично тврдам дека не постоела намера да се влијае на постапката,“ изјави Димитровска.
Според Обвинителството, Димитровска е осомничена дека, преку службениот телефон и апликациите Viber и WhatsApp, му пренесувала доверливи информации на обвинетиот Небојша Стојановиќ, поранешен директор на ТЕЦ Неготино. Истрагата се однесува на случај вреден 6,5 милиони евра поврзан со злоупотреби во државната енергетска компанија ЕСМ.
Обвинителството тврди дека Димитровска му давала информации за отворање на предмети, за поведени постапки против обвинетите во „Адитив“, како и за проверки на имот на обвинетиот и неговото семејство.
Во писмото, Димитровска нагласува дека предметот за проверка на имотната состојба не ѝ бил доделен и дека не постои можност да влијае врз истрагата. „Одлуките во ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови,“ додаде таа, изразувајќи подготвеност за целосна соработка со надлежните органи и очекување за „брза и транспарентна разрешница“.
Таа повика на почитување на принципот на пресумпција на невиност и владеење на правото, нагласувајќи дека другите шест члена на Комисијата немаат поврзаност со случајот.
Колегите на Димитровска не ја коментираа можноста за нејзина оставка. Заменик-претседателката на Комисијата, Билјана Каракашова-Шулев, во изјава за Призма рече дека не гледа причина за оставки кај останатите членови, бидејќи случајот се однесува на индивидуална одговорност.