Јавното обвинителство во Северна Македонија прошири истрага поврзана со пожарот во објектот „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 61 лице, со 23 нови осомничени, јави „360 степени“, повикувајќи се на извори од истрагата.
Деветнаесет од осомничените се приведени или се во процес на приведување, додека еден од нив, поранешниот министер за економија Дритон Кучи од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кој во моментов е амбасадор во Норвешка, не се наоѓа во земјата.
Меѓу приведените се и поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, исто така од редовите на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу.
Во акцијата е уапсен и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кој доаѓа од редовите на коалицијата ВЛЕН.
„По наредба на јавен обвинител во тек е акција за приведување на повеќе лица, а во насока на проширување на истрагата за пожарот во Кочани. Надлежните институции ќе ја информираат јавноста координирано штом бидат завршени дејствијата кои се во тек,“ соопшти Јавното обвинителство.
Истрагата, според „360 степени“, се фокусира на наводна институционална одговорност во Министерството за економија и во ДЗС, за периодот од 2012 година до трагедијата на 16 март, но не и во Државниот пазарен инспекторат.
Сите поранешни министри за економија и директори на ДЗС во овој период се уапсени, освен актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши, кој, според информациите, не е осомничен.
Локалното Основно јавно обвинителство во Кочани води истражна постапка против 27 физички и три правни лица во врска со трагичниот настан во објектот „Пулс“.