Лидерот на Алијансата за Албанците (АА), Арбен Таравари, по завршувањето на партискиот конгрес, изјави дека ќе се бори „до последниот атом“ за да опстане коалицијата ВЛЕН, оценувајќи дека победата на оваа коалиција на претстојните избори претставува победа и за неговата партија.
„Сакаме што поскоро да се надмине оваа состојба на блокада, но решението мора да биде мотивирачко. Сè уште сме дел од Владата и го даваме нашиот придонес. Ако некој смета дека немаме место таму, тоа не е проблем за нас,“ изјави Таравари. Тој додаде дека АА има добри односи и со премиерот Христијан Мицкоски и оти партијата веќе има започнато разговори со коалиционите партнери во ВЛЕН.
Таравари откри дека веќе има првични договори за тоа во кои општини АА ќе настапи самостојно, а каде ќе се настапи заеднички преку ВЛЕН. Тој нагласи дека АА веројатно ќе настапи со сопствени советнички листи, додека за кандидатите за градоначалници сè уште се прават проценки.
„Ќе се обидам до последен момент ВЛЕН да остане обединет. Бевме клуч и ќе продолжиме да бидеме клуч. Каде што оди Алијансата на Арбен Таравари – таму има успех“, изјави тој.
Таравари посочи дека Централниот совет на партијата ја овластил претседателството да продолжи со разговорите со ВЛЕН и да се обиде да постигне договор за заеднички настап на изборите, но не ја исклучи можноста и за алтернативни сценарија.
На прашање дали постојат можности за повторно обединување со поранешниот лидер Зиадин Села, Таравари категорично одговори: „Не, не, не! Тоа не е тема на разговор“.
Иако неодамна Исен Шабани – некогашен блиски соработник на Села – најави независна кандидатура, Таравари денес потврди дека Шабани ќе биде кандидат на АА за општина Врапчиште.
Во меѓувреме, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го нарече ВЛЕН „организација“, на што лидерот на ЛД, Изет Меџити, одговори дека станува збор за „коалиција од пет партии кои ги претставуваат Албанците во Владата“.
„Ахмети очигледно ги меша поимите. ВЛЕН е политичка коалиција од пет партии“, рече Меџити.
Тој ги отфрли обвинувањата на Ахмети дека коалицијата ВЛЕН ја деградира позицијата на Албанците во земјава.
„Иако оваа влада нема мнозинство како претходните две, ниту Ковачевски ниту Заев не го искористија тоа мнозинство за напредок на Албанците. Токму оваа влада, преку ВЛЕН, прави промени – со 1 милијарда евра за општините и децентрализација, од кои околу 300 милиони евра се наменети за 15 општини каде живеат Албанци“, изјави Меџити.