Апелациониот суд Скопје соопшти дека на нејавна седница ја уважил жалбата на осомничениот Асмир Јаховски и ја укинал мерката притвор, прифаќајќи гаранција во висина од речиси еден милион евра.
Судот го преиначил решението на Основниот кривичен суд Скопје, прифаќајќи хипотека на недвижен имот во корист на државата во вредност од 60,6 милиони денари и дополнителни 72 милиони денари во готовина. Износот на паричната гаранција одговара на проценетата штета во кривично-правниот настан за кој Јаховски е осомничен.
Во одлуката се наведува дека на осомничениот му се изречени и мерки на претпазливост – редовно јавување во судот и привремено одземање на патната исправа, со забрана за издавање нова.
Судот ја донел оваа одлука врз основа на позитивно мислење на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на Вишото јавно обвинителство Скопје, кои се согласиле со прифаќањето на гаранцијата.
Целосното решение, заедно со образложение, ќе биде јавно објавено на веб-страницата на судот, согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите.