„Владината коалиција веројатно ќе дојде на власт. Сè друго би значело државна криза. Но, атмосферата е веќе затруена, недовербата е посеана“, реагираат медиумите на шокантниот пораз на Мерц на првото гласање за канцелар.
Историскиот ден во Бундестагот – за првпат кандидат за канцелар на Германија не беше избран во првиот круг од гласањето – наиде на брзи реакции во германскиот печат.
Фридрих Мерц, лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), доби само 310 гласови (од 630), иако неговата ЦДУ заедно со сестринската партија, Христијанско-социјална унија (ЦСУ) и идниот коалициски партнер социјалдемократите (СПД) имаат 328 места.
Не е познато кој се воздржал, кој не гласал или кој гласал против. За причините може само да се шпекулира.
„Осумнаесет контраши“, брои весникот Ханделсблат. Како што пишува, партиите кои сакаа да формираат нова влада западнаа во состојба на шок. Сега е потребно да се излезе од тоа пред новиот круг гласање.
Весникот Зидкурир проценува дека, без оглед на тоа дали ќе се воспостави партиска дисциплина и Мерц ќе помине во вториот круг, кандидатот за канцелар е „веќе потресен“.
Уште посуров е неделникот Цајт, кој веќе во насловот пишува: „Ова е чиста срамота“. „Сопствените линии го изневерија Мерц и оставија хаос. Тоа е неодговорно. Овие негативни поени засекогаш ќе бидат товар за него.“
Нордкурир пишува дека некои членови на демохристијаните или социјалдемократите „го торпедираа својот иден канцелар уште за време на изборите – и тоа од лични причини или игри на партиска моќ“.
„А на нашата земја тоа не ѝ е потребно во моментов. Неодговорно е да се остави новиот канцелар на цедило додека ситуацијата во земјата и на надворешнополитичкиот фронт е толку напната“, пишува весникот во својот коментар.
Се додава дека постојат добри аргументи против Мерц, но дека дури и неговите противници треба да му посакаат што поскоро да влезе во Канцеларамтот, наместо државата да влезе во нова игра на нерви.
За левичарскиот неделник Фрајтаг, одлична вест е што Мерц не седна глатко на канцеларското место.
Во коментарот, тие се чини дека немаат сомнеж дека „контрашите“ доаѓаат од редовите на социјалдемократите како протест против претходното заедничко гласање на демохристијаните на Мерц и ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АфД) за ограничување на пристигнувањето на барателите на азил.
„За да не се отворат ЦДУ и ЦСУ кон АфД во наредните години, Ларс Клингбајл сега мора да ги принуди да соработуваат на лево“, пишува весникот.
Клингбајл е лидер на социјалдемократите и посакуван вицеканцелар кој тврди дека „контрашите“ не доаѓаат од редовите на СПД.
Генерал Анцајгер (од Бон) пишува за „супер-хаваријата“ на Фридрих Мерц. „Се испостави дека претседателот на ЦДУ во последните недели прокоцкал повеќе доверба отколку што тој и партијата можеа да замислат.“
Берлински Моргенпост пишува за „црн ден“, „катастрофа за политичката стабилност на земјата“ и „угледот на Германија во Европа“. Како и за коалицијата и за самиот Мерц.
„АфД стои подло покрај овој куп урнатини. Колапсот на Мерц го гледаат со подсмев непријателите на мнозинството во демократскиот среден спектар.“
„Веројатно е црно-црвената коалиција сепак да дојде на власт. Сè друго би значело државна криза. Но, атмосферата е веќе затруена, недовербата е посеана. Ако Мерц биде избран за канцелар, тој ќе биде сериозно ослабен. Повеќе нема разговор за стабилност“, заклучува Моргенпост. / DW